Христијан Мицкоски: Метлата на Заев е новото “за живот во Македонија”, овој пат граѓаните нема да ги излаже

 

 

“Ќе понудиме решенија за секој проблем на граѓаните... Имаме обврска да ја смениме повеќедецениската слика за политичарите во Македонија кои во голема мера го разочараа народот и го ставија во апатија....Заев во кампањата на неговиот кандидат Пендаровски не се појавува во ниту еден спот, а тоа е така затоа што и тие знаат дека Заев носи негативен рејтинг, дека не го сака народот и дека може уште повеќе да го повлече Пендаровски надоле....Иако Премиерот упати директна закана за државната администрација, таа не треба да стравува за своите работни места, на секому кому ќе му нанесат неправда, ние ќе ја исправиме.... Ќе го вратиме законското усогласување со кое се покачуваа пензиите на пензионерите. И ќе овоможиме повеќекратни зголемувања... Очекувам победа, да не ни се случуваат брзи прсти какви имавме за време на референдумот и какви се појавија срамежливо во првиот круг на изборите.... Нема правда без одговорност. Ќе донесеме правда и секој кој нанел неправда ќе одговора...”. Ова се дел од пораките од интервјуто со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. 

 

Press24: Како ги минувате Велигденските празнувања, гледаме дека сте присутни и на терен меѓу граѓаните?

 

Се трудам онолку коку што можам минимумот слободно време да ги посветам на семејството, моите двајца синови Антониј и Јован, и сопругата. За дочекот на Велигден бев со сопругата во црквата СВ Петар и Павле во Ѓорче Петров, имаше време за семеен ручек со блиските роднини, и веќе истиот ден го посветив  на средби со граѓани во Црешево Гази Баба, Радовиш и Струмица. Мислам дека домашните се навикнаа на честото мое отсуство.

 

Press24: Колку километри поминавте во кампањата?

 

Со моите соработници поминав 10 илјади километри во првиот круг од кампањата. Го посетив речиси секој град и поголемо населено место, допревме до многу луѓе. Не сметам дека политичарите треба од канцеларија да менаџираат со работите, туку ним работата им е на теренот, меѓу народот и така се добива нај јасна слика за потребите на граѓаните и реалноста во која живееме.

 

Press24: Што повеќе преферирате, оние стереотипни митинзи или непосредни контакти со граѓаните?

 

Митинзите се поради краткиот временски период на кампања, инаку најдобриот начин на кампања е разговор со граѓаните. Меѓудругото оваа кампања дел од времето одев и од врата на врата во посета на домаќинствата. Тоа го правев во Охрид, и во Ново Село, и тоа ќе продолжам да го правам и понатаму неависно од можните државни функции во иднина. Луѓето секогаш ќе може да допрат до мене. Јас бев присутен на терен и во периодот пред кампањата, така да овој период ми дојде како продолжеток на активностите кои ги имав претходно. Ние оваа кампања сепак ја поминавме во рамките на нашите можности, платно кое е донација и скромни бини. Но главно нешто е што имате да му порачате на народот.

 

Press24: Што за вас преставуваат овие избори, која е целта која си ја зададовте?

 

Овие избори не се само претседателски, туку на овие избори навистина се одбира правецот во кој ќе се движи нашата земја. Сметам дека имаме обврска да ја смениме повеќедецениската слика за политичарите во Македонија кои во голема мера го разочараа народот и го ставија во апатија. И ова за мене не е само битка за Претседател, туку битка за принципи и вредности кои се загубија во политиката и дека можен е морал и вредности и дека вреди да се бориме за нив. Ова е битка е на секој еден кој е обесправен, кој почувствувал на своите плеќи неправда кока знае да боли и пече, кој го гуши системот и разочарува реалноста. Големиот број на граѓани кои не излегоа на изборите не е само тоа дека не сакаат избори, туку луѓето станаа апатични поради реалноста која ни се случува. А погледнете што се само се случи изминатите неколку години, политичка криза, промена на име, идентитет, криминални скандали, непотизми, убиства, амнестија на криминалци, неправди. И токму оние кои го донесоа ова сакаат граѓаните да станат идниферентни, за да им помине се полесно. Ова е битка на мојата генерација, на оваа генерација млади луѓе кои сакаат да сменат нешто. Ова е битка на душата и разумот, за држава која сакаме да ја стабилизираме вредносно и системски. Правда е потребна зошто има неправда и таа се чуствува од Дебар до Делчево, од Гевгелија до Куманово, низ целата земја. Нема правда без одговорност, а одговорноста мора да дојде, без оглед за кого се работи.

 

Press24: Премиерот најави чистка од тие причини, мислите ли дека ќе се случи?

 

Операцијата метла на Заев е иста како секоја негова нова лага, впрочем ветувањето за живот го замени со ветување за метла, но оваа лага сега нема да му помине затоа што народот веќе има искуство, се докажа дека не ги бива. Операцијата “метла” не е да расчисти со криминалот, туку едноставно да си ја сочува фотелјата, но граѓаните веќе го прочитаа. Тоа е крик на поразен човек кој продава веќе познати трикови. И самото тоа препелкање покажува колку нему му е важна власта, не за да помогне туку единствено важна му е да си ги зачува бинисите и матните зделки. Заев е сидрото кое не ја стабилизира државата, туку ја влече надоле да потоне. Тоа го знаат и луѓето во неговата партија. Погледнете Заев во кампањата на неговиот кандидат Пендаровски не се појавува во ниту еден спот, а тоа е така затоа што и тие знаат дека Заев носи негативен рејтинг, дека не го сака народот и дека може уште повеќе да го повлече Пендаровски надоле, иако овој е негова копија.

 

Press24: Заев е уверлив, вели дека ќе расчисти со министрите кои не работат?

 

Видете Заев звучеше уверливо и кога велеше дека ќе донесе живот, дека ќе го исчисти воздухот, дека ќе донесе 500 евра плата, а најуверливо звучеше коа се колнеше во жицата и во предците дека нема да го смени Уставот, но фактите покажуваат дека ништо од ова не стана реално. Знаете имаме ние две полувремиња. Првиот круг од изборите кога истиот тој Заев велеше дека имало 760 милиони евра инвестиции, се качувале плати, судството се отворило како пупка, имало голем број на ново вработени, дека сме блескале во Светот и дека ќе одиме напред. По шамарот кој му го испорачаа граѓаните после првиот круг од изборите, дојде второто полувреме, оној Заев кој е комплетно друга личност од овој во првиот круг, сега вели ништо не чини,  ќе фаќал метлата. И треба да осговори кога лажеше, првиот круг кога се колнеше дека блескаме или вториот круг кога се фати за метлата. Ќе ви кажам и тогаш и сега лаже, само фотеља го интересира.

 

Press24: Сепак од владата тврдат дека има економски успеси, вие го тврдите спротивното. Толку ли е лошо во Економијата?

 

Полошо е од тоа што може да се замисли. Навистина ми е криво што поради други теми во јавноста навистина не се посветува многу внимание на економијата, бидејќи таму ни се случува вистински крах. Инвестициии нема никакви. Оние кои Заев ги наброја во еден фб статус беа сите кои ги донесе минатата влада, воедно нема нови. Според индексот на вложувања во човечки капитал од Светска банка сме последни во Европа зад Косово, според Транспаренси Интершнл сме меѓу последни според индексите на корупција во Европа. Македонија стана рекордер по неславни резутати со оваа влада. Нема никакви оправдувања за реализацијата на буџетот за капитални инвестиции од ниски само 6% за цели три месеци. Значи и да имаат пари не ги користат, а не ги работат заоа што не им се работи и се неспособни. Единствено нешто што прават е што се задолжуваат и префрлаат пари во буџетот од една ставка во друга, тоа се вика купи ден помини. Тоа не е стабилна економија, туку економија која се заглавува во уште поголема криза.

 

Press24: Се обраќавте до повеќе категории граѓани, меѓу кој државна администрација и пензионери, земјоделци....Има ли има притисоци?

 

Има, особено се засилени во овој круг од изборите. Нема да говорам  само за оние суптилни закани, изживувања со дел од вработените во државната администрација на оние кои сакаат да му се додворат на партиското водство на власта, па тоа Заев го кажа од Велес, јавно се закани дека метлата ќе играла не само кај него туку и на другата страна. Тоа во превод би значело дека вработените во државната администрација треба да имаат на ум дека Заев може да ги избрка ако не гласаат како што он мисли дека треба, бидејќи нивната работа од него зависи тоа. Но јас ќе кажам дека заканувањето е знак на слабост, а и до таму чим дојде да се закануваат значи знаат дека паѓаат. Готови се. Вработените во државна администрација нека си постапуваат согласно професионалните норми и регулативи и нема ништо да им фали. Сите оние кои власта безправно ќе ги избрка поради било каков притисок и реваншизам набргу по нашето доаѓање на власт ќе ги вратиме на работа тие луѓе на кои им било нанесено било каква неправда, а ќе има одговорност и за извршителите на таа неправда.

 

 Што се однесува до пензионерите, сакам да истакнам дека таму власта врши притисок и ги казнува со тоа што им го укина стандардното зголемување кое беше законски загарантирано и врзано со растот на инфлација, па сега нивните пензии не го следат растот на трошоците за живот. Сакам да посочам дека откако ќе се смени власта една од првите мерки ќе ни биде враќање на претходното законско решение каде на пензионерите ќе им загарантираме законско покажување на пензиите односно усогласување со инфлацијата и трошоците на живот. И покрај тоа што законски им следува ќе имаат и други покачувања на пензиите, но за процентите колку тие ќе растат ќе ги соопштиме кога ќе дојде време за тоа.

 

Press24: Очекувате ли предвремени избори?

 

Прво очекувам победа на претседателските избори, и потоа предвремени парламентарни избори каде ќе биде поразен Заев и оваа власт, и ќе биде даден легитимитет на новата влада водена од ВМРО-ДПМНЕ. И ние не се бориме за гола власт, туку за власт која ќе носи решенија, во образованието, здравството, социјалата, економијата, ќе го поддржи бизнисот. Ние не застанавме и подолжуваме да работиме на обемна програма која независно кога ќе има избори ќе ни биде готова и ќе ја понудиме на граѓаните. Ветувам решенија за секој еден проблем. Решенија кои директно ќе им помогнат на граѓаните и кои ќе бидат издржани. Сакам да знаат луѓето дека кога нешто ќе ветиме ќе го исполниме и Македонија има надеж, таа надеж нмие ќе ја донесеме. За да се случи тоа треба да победи правдата.

 

Press24: Задоволни ли сте од регуларноста на денот на гласање од првиот круг, и какви избори очекувате во вториот круг?

 

Генерално тој изборен ден помина мирно, иако бројките покажуваат дека брзите гласачки прсти кои беа присутни за референдумот во последен момент се појавија и на одредени места и за гласањето на 21 април, иако морам да кажам дека рекордите од гласање во единица време сеуште не се надминати од периодот на референдумот. Вториот дел од кампањата има зголемени притисоци од власта и апелирам да не се загрозува изборниот амбиент со нешто за што подоцна власта би одговорала пред законите. Очекувам сите субјекти да бидат на висината на задачата.

 

Press24: Ќе има ли пазар со ДУИ, Алијансата на Села или Беса за албански гласови?

 

ВМРО-ДПМНЕ не прави пазар за гласови., тоа е лош збор. За ВМРО може да има договор врз основа на принципи, вредности и постулати, а не врз основа на пазарење, романтизам и неправди. Албанците се исто незадоволни од Заев. Заев дава реклами, романтичарски флоскули, а го зема лебот од трпезата, не дава основни услови за живот, овозможува криминал и корупција. ВМРО нема да даде романтичарски флоскули, но е спремна да разговара за принципи вредности и честитост. Ајде да се мериме по тоа што можеме да направиме за граѓаните и тука јас немам стереотипи врз база на овие начела да седнам да разговарам со било која партија без оглед дали е Македонска, Албанска, Турска, Србска,  Ромска, Бошњачка или било која друга.

 

Press24: Има ли нешто што не ве прашавме?

 

Ха-ха. Вобичаено дел од новинарите кои се под силен впечаток на Илинденска бр2 и министерот за пропаганда на Заев платен со државни пари, ме прашуваат неизбежно дали се слушам со Груевски, па еве по подолго време каде имам интервју, а де не ме прашате за тоа. Очигледно на сите им е јасно колку несодржајна и плитка е таквата теза во обид да ми залепат ваква или таква етикета. Нашата борба е против она што е денес, против секоја една неправда, против Заевизмот, за иднина каква нашата земја заслужува.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.04.2019 - 11:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега