Сламков: Урбанизмот и јавните набавки - најголеми генератори на корупција

Денеска во Скопје започна дводневниот Tренинг семинар на тема „Добро владеење на локално ниво – Јакнење на локалната самоуправа – мерки за спречување на корупцијата“.

Во текот на денешниот семинар, претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Ѓорги Сламков истакна дека генераторите на коруптивното однесување на централно и локално ниво се слични и затоа е потребно да се преземат мерки.

- Недоволно регулирани процедури за работа, недостаток на гаранции дека утврдените процедури ќе бидат реализирани, недостаток на проценка на ризик за појава на корупција во јавната админситрација, отсуство на изготвување планови за интегритет, недостаток на јавност и контрола во работата на јавната администрација, се дел од генераторите за појава на корупацијата. Овие наведени генератори од наша страна беа преточени во конкретни проблеми, при што на површина испливаа четири, од кои две го имат тежиштето, а тоа се постапките во областа на урбанизмот, кои просечниот граѓанин не ги познава и постапките на јавните набавки во локалната самоуправа, појасни претседателот на ДКСК.

Исто така, Сламков на семинарот изјави и дека во 62 општини веќе постои внатрешна ревизија, но процесот се уште не е комплетиран.

- ДКСК има предвидено 15 активности, а досега во две години од реализација на програмата, пет се реализирани, 9 се во континуитет, а еден проблем се уште не е реализиран, појасни претседателот на ДКСК.

ОД своја страна, главниот комесар за спречување на криминал во германското МВР, Инго Зоргас посочи дека тешко е да се каже дали корупција е позастапена, на централно или на локално ниво.

Семинарот е во организација на Фондацијата Конрад Аденауер, а има за цел да овозможи преку практични примери и работа во групи да се претстават различните компоненти за ефективно спречување на корупцијата на општинско ниво.

04.10.2013 - 12:54
Фото: 
Нетпрес

најчитано сега