Горан Рафајловски: Сами мораме да ја решиме економијата
Економскиот експерт Горан Рафајловски смета дека негативниот извештај во делот на економијата од Европската Комисија се темели на немањето економски резултати речиси десет години. Од економскиот процвет од 2008 до 2009 година, до денеска Македонија, нема или има минимални резултати во Економија.
Во интервју за Прес 24 вели дека надеж за економски бум нема да дојде ниту со членството во НАТО, бидејќи и тоа е задоцнето.
- Значи, да бевме прва земја на Балкан што влегла во НАТО, тогаш ќе мислев дека инвестициите што ќе ги донесе ќе бидат чудо. Ние не сме прва. Ние сме меѓу последните. Да бевме прва, сите седишта ќе беа наредени овде. Тогаш ние ќе бевме дистрибутери на тие фирми и навистина ќе заработевме. Сега не очекувам нешто кој знае што. Тој пропуст што се случи 2008 година, кога влегоа и Хрватска и Албанија, тогаш стварно дел од седиштата попрво ќе дојдеа во Македонија. А сега имаме пораст на албанска економија страшен, сериозно голем, вели Рафајловски за Прес24.
Единствен излез за економијата гледа дома, во домашните капацитети и човечки и инфраструктурни, но потребна е политичка воља.
- Треба сериозно да се зафати оваа Влада и онака како што направи сериозен чекор да ги реши прашањата со соседите и долгогодишниот спор, за кој немаше храброст никој да го реши, но се реши и дефинитивно Македонија тргна напред во позитивна насока... Така сега е време да се реши економијата, вели Рафајловски за Прес24.
ПРЕС24: Европската Комисија го објави извештајот за Македонија. Политичкиот контекст е високо оценет, но сериозни се забелешките за администрација, економијата, корупцијата... Сите тие делови влијаат на економијата. Дали ако има негативна оценка за економијата, можеме да зборуваме за позитивен извештај?
РАФАЈЛОВСКИ: Извештајот сигурно може да се дефинира како позитивен. Но, она што е оценка за економија, корупција, јавна администрација, е нешто што во Македонија треба да се седне и да се засукаат ракавите и да се работи сериозно. Затоа што фактите говорат дека ние во последните 4 до 5 години немаме никаков економски напредок, или го нема, или е многу мал. И од таа причина треба сериозно да се зафати оваа Влада и онака како што направи сериозен чекор да ги реши прашањата со соседите и долгогодишниот спор, за кој немаше храброст никој да го реши, но се реши и дефинитивно Македонија тргна напред во позитивна насока... Така сега е време да се реши економијата...
ПРЕС24:Како? Што е клучно?
РАФАЈЛОВСКИ: Клучно е да дојдат сериозни луѓе на вистински места. Како економски ресори во Владата н Република Македонија, кои се многу сериозни се: економија, финансии, транспорт и врски, труд и социјала и земјоделие. Тоа се петте сектора кои се фрагилни во Република Македонија и треба да се види кој што сработил од тие министри и ако незадоволуваат, а незадоволуваат поголемиот дел од нив, треба да си бидат променети. Во оваа ситуација вие имате само вицепремиер за економија, кој има некаков резултат. Се останато е без резултат, или со лошо работење.
ПРЕС24: Добро... изминатите извештаи за Македонија имаат сериозни политички забелешки, од слобода на медиуми до политички кризи, но во времето на Груевски извештаите во делот на економијата беа позитивно оценувани. Што се случи? На што е резултат тоа?
РАФАЈЛОВСКИ: Многу едноставно. Ќе ви кажам дека Македонија свој економски процвет доживеа 2006-2008 и 2009 година. Возејќи се на тој економски процвет можеа да добиваат позитивни економски извештаи уште две до три години, бидејќи резултатите, како што негативните не можете да ги спречите за шест месеци, така и позитивните не можете да ги убиете за шест месеци. Значи потребни се неколку години. После неколку години ние не добивавме ниту позитивни економски извештаи. Значи од 2014 година ние немаме позитивен економски извештај... Се е тоа период на време. Во таа насока, владата на Груевски од 2006 до 2008 година имаше фантастични резултати, какви што Македонија не доживеала во времето на своето постоење. Имаше пораст во две години по ред над 5%, она што е потребно за да се дојде до пари во Република Македонија.
ПРЕС24: Онаа политика што ја спроведува актуелната влада на зголемување на даноци, прогресивни даноци.. Таа ќе биде контрапродуктивна, или?
РАФАЈЛОВСКИ: Секогаш е контрапродуктивно кога вие нема да му испорачате ништо на стопанството, а ќе им барате повеќе пари. Стопанството ќе изнајде начин да не ви ги даде. Бидејќи и онака е голо, и онака нема, се ќе направи да не ви ги даде парите. Стопанството е жива материја, жив организам, тој е организам на кој што се потпира целата македонска економија и треба да се негува. Знаете како... ако една овошка, колку и да сакате да ја правите еколошки, вие и со еколошки раствори треба да ја негувате за да опстане. Вие не можете наеднаш да и отидете на нива и да и речете дај ми сега повеќе род. Од каде? Сте ставиле повеќе семе? Сте направиле подобро услови за да расте? Не! Вие на нерастењето ставате повеќе даноци и викате тоа е социјална сфера. Не е социјална сфера. Како може да биде социјална сфера кога платите паѓаат? Имате параметар кој е поразителен. 3 % е намалена невработеност, 6% се намалени број на работни места. Што сакате повеќе од ова да ви кажам? Дека 8% од населението е отселено? Заради тоа имаме 3% намалена невработеност? А, ние ако немаме население ќе немаме ниту економија. Екстравишокот во економијата не го прават машините, туку го прават квалификуваните луѓе и нивниот труд заедно со менаџерскиот кадар кој знае како да ја спроведе одредената постапка, да направи средства и пари...
ПРЕС24: Мислам дека бизнис заедницата и владата различно ги читаа оние податоци кои се појавија од воведувањето на тој прогресивниот данок. Владата вели дека просечната плата расте, но бројките кај одредени сектори покажуваат пад?
РАФАЈЛОВСКИ: Многу е лесно да правите статистика. Во статистиката едниот јаде месо, другиот јаде зелка. И на крај сите заедно јадеме зелка со месо. Не не е вистина. За да и едниот јаде барем и малку месо и малку зелка, треба да се гледа вистински, а не чисто статистички. Да се види каде е порастот, а каде е падот. Ако вие одземете многу од тие што се носители на дејностите, утре ќе се одрази на оние што примаат помалку средства. Значи, светскиот економски поредок, а ние не можеме да се издвоиме од светот, не е економски поредок на социјална економија. Тој се базира на мултимилиардери или милионери и класа која се влече позади нив. И кревајќи го стандардот, ја влече и најниската и средната класа кон горе и и дозволува да расте. Таква е економијата, така е поставена, тоа се стандарди кои владеат во последните стотина години. Затоа и социјализмот доживеа распад, затоа што не беше прилагоден на таа норма. Се покажа дека не е за ова време, можеби за некое друго да, ама за ова не. И од таа причина ние не можеме да спроведуваме социјална политика како Влада. На влада не и е работа да спроведува социјална политика. Социјални категории се решаваа на поинаков начин. Дотации, донации... но никако со мерка која што нема да донесе ништо добро. Тие имаа сјајна мерка предложена од бизнисот, па и од мене. Мерката беше да направат насилно подигнување на платите, ама на сите плати, не на една плата. И тоа во период од 3 или 4 години за 5%. Стопанството колку и да кукаше ќе го издржеше тоа, бидејќи две години прави давања, ама во следните две години имате зголемување на општа потрошувачка. Е сега да, тоа не социјално, големите плати ќе пораснат повеќе, помалите помалку, ама сите заедно ќе пораснат и потрошувачката ќе го направи своето, што пак овозможува и ново зголемување на помалите плати.
ПРЕС24: Сега сите надежи се кон НАТО. Дали членството во НАТО, ќе донесе инвестиции и на колкав рок тие може да се очекуваат?
РАФАЈЛОВСКИ: Значи, да бевме прва земја на Балкан што влегла во НАТО, тогаш ќе мислев дека инвестициите што ќе ги донесе ќе бидат чудо. Ние не сме прва. Ние сме меѓу последните. Колку на тие фирми од НАТО им е потребно да поминат од Бугарија со своите ресурси во Македонија и колкави фирми треба да отвораат и каде да им бидат седиштата? Да бевме прва, сите седишта ќе беа наредени овде. Тогаш ние ќе бевме дистрибутери на тие фирми и навистина ќе заработевме. Сега не очекувам нешто кој знае што. Тој пропуст што се случи 2008 година, кога влегоа и Хрватска и Албанија, тогаш стварно дел од седиштата попрво ќе дојдеа во Македонија. А сега имаме пораст на албанска економија страшен, сериозно голем.
ПРЕС24: И која е надежта, каде е чарето за Македонија?
РАФАЈЛОВСКИ: Да се спрегнеме и да работиме. Значи, ние ако не се спрегнеме да работиме, ако не донесеме сериозна политика... ништо! нас не ни треба некој од страна поклон да ни дава... Најголемата негатива Кина ја произведе во најголема позитива, бројот на луѓе и сиромаштија го произведе во просперитет. Ние можеме земја, која ја имаме премногу на толку малку народ, да ја произведеме во просперитет. Сите си го барата своето чаре согласно можностите кои ги имаат. И ние согласно нашите можности имаме можност, можеме за две до три години да направиме нешто. Навистина со многу напор, откажување, администрација.. (и за тоа им дадовме предлог како да се намали... две годишни плати да им дадат целосно и луѓето да можат да изберат да си отидат и да отворат бизнис, да им се дадат други поволности, државата да застане зад нив... ако ние на ЕУ и кажеме дека 50.000 ќе си оди од администрација, парите за тие две годишни плати ЕУ ќе ги даде, бидејќи трошокот ќе биде еднаш... а тие луѓе ќе ги натераме да работат и придонесуваат, наместо генерално да трошат.
ПРЕС24: Мислите дека менталитетот на македонските граѓани ќе прифати да заработува, наместо да работи за плата? Немам такво чувство?
РАФАЈЛОВСКИ: Претприемач е поретка професија од политичар. Во светски рамки луѓе што сами носат и вработуваат други луѓе се само 50% од број на политичари во цел свет. Тоа е малку не само во Македонија, туку и во светот. Тие што ги имаме, тие треба да ги негуваме неверојатно многу... а не ние им тргаме да им ја затвориме фирмата, бидејќи се од оваа политичка провиниенција, или од онаа политичка провиниенција... Значи менталниот склоп ни е погрешен на многу нивоа, не на едно. Ние постојано уништуваме фирми бидејќи биле врзано со овој, или со оној, наместо да ги гаиме и да ја издвоиме политиката од фирмите. Политиката е таа што ги уништува фирмите. Државата во еден период за градежништвото беше најголем работодавач и сега наеднаш сопре и градежништвото се распаѓа... Кому ќе замерите? На тој што сте му давале работа и нагло му сопирате? Тоа е како да ве избркаат од работа. Не може секој одма да се снајде, па ќе пропаднат еден куп градежни фирми. Ја не велам дека треба да продолжи државата на исти начин, ама сопирањето не смее да биде како со нож. Туку постепено за да се привикнат и тоа што е здраво да остане. Најстрашно е кога вие готов производ уништувате. Ако сте толку моќен купете му го на тој готовиот производ. Исто така и УЈП не смее да гаси фирми, може оние кои и по сите казни се однесуваат криминално. Но не и за тоа што некој не платил данок. Ќе најдете начин како да го плати данокот и да опстане за да продолжи и понатаму да плаќа данок. Едно е да криете данок, друго е да не платите данок. Ако го криете, веќе е кривично. Ако не го плаќате, а го пријавувате треба да ви се помогне некако и на некаков начин, ако има можност и потенцијал да опстанете. И тука политиката мора да разбере дека мора да се тргне од стопанството. Работа на Влада е инфраструктура, енергетика, екологија. Работа на Влада е помагање во инфраструктура во земјоделие. Работа на Влада е образованието... да го врати назад како што треба, а не вакво како што го распаднавме, па младите луѓе да знаат што учат, а не од факултет дојдени да не знаат документ што е... Да не мора да се сите високо образовани, туку назад да вратиме мајсторски струки, бидејќи добар мајстор многу брзо може да дојде до 1000 евра, а високо образован економист до крајот на животот не може да дојде до 1000 евра месечна плата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа