Бојан Кордалов: Кога има задоволство од јавните услуги, никој не може да создава недоверба
Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми смета дека Акциски план за борба со лажните вести како светски феномен е повеќе од потребен, но само ако во него бидат вклучени сите и се води јавна дебата пред неговото усвојување. Во интервју за Прес24 Кордалов потсетува дека на одредбите кои се однесуваат на функционирањето на медиумите не им е местото во ваков акциски план, кој го подготви Владата и тие треба да се отстранат и да се препуштат на саморегулацијата од страна на самите медиуми и нивните професионални здруженија.
-Транспарентноста на јавните институции е првиот и најважниот чекор во борбата со лажните вести. Вистинска транспарентност и отчетност значи сите информации кои им се неопходни на претставниците на медиумите да може да ги најдат без да ги бараат од прес службите. Во никој случај транспарентноста не значи само бројки и статистики од направени истражувања. Ако дел од јавните институции се уште ги насочуваат медиумите на тешки процедури со цел да избегнат одговарање на нивните прашања. Ако се уште немаме стратегија и план за двонасочна комуникација со граѓаните преку социјалните медиуми, тешко ќе оди напредокот во борбата со лажните вести и дезинформациите, вели Кордалов во интервју за Прес24.
Според него терминологијата за регулирање на интернетот е сама по себе проблематична.
-Кога имаше еден обид за ваква регулација пред околу 8 години го застапував истиот став и се противев на т.н. регулирање на интернетот. Истото ќе го кажам и сега. Да работиме на поголема слобода, отвореност и можности за граѓаните. Само тоа е вистинскиот рецепт. Најчестото прашање кое секоја власт го отвара е регулирањето на интернет порталите. Не велам дека не е легитимна дискусијата за тоа како да се избориме за поголема професионализација на порталите и сојузништво со нив во борбата против лажните вести, вели Кордалов за Прес24.
Смета дека главниот проблем кај нас кој се рефлектира на сè останато е недовербата која партиите ја имаат кон сопствените граѓани. Многу често политичарите ги потценуваат граѓаните кои ги избрале и во чие име управуваат со земјата и буџетот кој повторно тие, граѓаните, го полнат.
-Еден мој пријател кој работи на Зелениот пазар во Скопје ми вели пред некој ден: Како може да ми викаат дека моето мислење не вреди зашто немам доволно образование? Па, мислење е мислење и треба еднакво да вреди за сите. Точно така, му одговорив, и јавно кажувам дека целосно се сложувам со него. Децениските поделби по сите основи си го земаат данокот, заедно со „купи-продај“ стилот на наше живеење мислејќи дека знаеме сè за секого. Но, како ова се рефлектира на проблемот со лажните вести? Партиските препукувања и игнорирањето на секојдневните и основни потреби на граѓаните само ги оддалечува граѓаните од дневното информирање. А, подобра почва за сеење на семето на лажните вести и некредибилни информации од ова нема, вели Бојан Кордалов.
Според него не постои магично решение за лажните вести, но постојат методи кои водат кон тој процес. Еден од нив е промена на образовниот систем и негово приспособување на новото дигитално време.
-Вложувањето во младите генерации е единствениот начин да обезбедиме здрава сегашност и иднина. Не може да очекувате од училишните клупи да излезат млади со изградена свест за заштита од лажните вести, ако тие учат по методите од минатиот век, а дигиталните платформи и апликации воопшто не се инкорпорирани во воспитно-образовниот систем, вели во интервјуто Кордалов.
-Кога има задоволство од јавните услуги, никој не може да создава недоверба во работата на јавните институции. А, да не заборавиме дека една од главните цели на лажните вести е да ја поткопува довербата на граѓаните во институциите на системот и јавните институции. Еве земете го примерот со вакцинацијата..., вели во интервју за Прес24, Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
ПРЕС24: Владата најави Акциски план чија цел треба да биде борба против лажните вести, но за опозицијата тоа е класичен чекор кон официјализација на цензурата. Кои се Вашите првични оценки за тоа кој е појдовниот мотив на Владата?
КОРДАЛОВ: Сметам дека нашата земја на сите нивоа треба да се приклучи на глобалната битка против лажните вести како светски феномен. Ова е особено важно ако се земе предвид дека одамна сме маркирани како земја од која се креираат лажните вести, но и како консументи на дезинформациите.
Но, она што загрижува се критиките кои речиси едногласно ги искажаа медиумите, новинарите, професионалните здруженија, но и многу други експерти во оваа сфера. Не би се движел во насока на постоење на страв од цензура, но секоја власт мора да внимава и да осигура дека нема да има ниту еден новинар и воопшто медиумски работник кој ќе стравува за професионалниот интегритет и слободата на медиумите.
Да сублимирам како за почеток, мислам дека Акциски план за борба со лажните вести како светски феномен е повеќе од потребен, но само ако во него бидат вклучени сите и се води јавна дебата пред неговото усвојување. Истовремено, сметам дека одредбите кои се однесуваат на функционирањето на медиумите треба да се отстранат и да се препуштат на саморегулацијата од страна на самите медиуми и нивните професионални здруженија.
ПРЕС24: Не ели малку симптоматично што оваа идеја се појавува токму во период кога оваа Влада е во фокусот на многу широк спектар на критики во јавноста. Второ во предизборните ветувања нема ништо што е поврзано со ваква идеја?
КОРДАЛОВ: Нема лош тајминг доколку нешто се донесе со широк дијалог и поддршка. Според мене, потребно беше прво да се повикаат сите засегнати страни во процесот и да се побараат нивните предлози. Убеден сум дека ќе немаше речиси никакви разлики во тоа што сите ќе го испратевме како придонес до ПР тимот во власта.
Потоа, сите предлози ќе беа ставени во еден заеднички документ и можеше да бидат јавно презентирани од сите на заеднички настан. По ова, ќе беа ставени на јавна дебата и можност секој да се изјасни со цел унапредување и подобрување на предлог текстот.
На овој начин одговорните за односи со јавност во Владата - министерот за комуникации и ПР советникот на премиерот, ќе ја избегнеа недовербата која сега се појавува во врска со предлог Акцискиот план кај граѓанските организации и медиумската фела.
Но, не мислам дека и сега е многу доцна за ваков пристап. Меѓутоа, потребна е промена на наративот и покажување на чувство за инклузивност од страна на ПР тандемот. И секако, јасно двоење на она што се нарекува борба против дезинформациите и лажните вести како светски феномен (во што е неопходно да се вклучиме) и евентуалниот обид за интервенција и дополнителна регулација на медиумите (што мора да биде оставено на саморегулацијата на медиумите и медиумската фела).
Инаку, не сметам дека една власт треба да спроведува само ветувања од својата предизборна партиска или партиските програми на коалиционите партнери. Моето мислење е дека треба да се следи предизборната програма и да се исполнува, но секако треба да се носат одлуки и решенија и надвор од тоа, особено во динамично време во какво живееме. Но, тоа што е секогаш задолжително, сите закони и одлуки треба да бидат од интерес на граѓаните и да ја штитат демократијата и слободната економија, како и да бидат во склад со меѓународното право.
ПРЕС24: Дали ако Владата сега влегува во процес на некаква борба со лажните вести, може да се толкува дека како зајакнување на оној концепт на транспарентност преку посебното тело во Владата, или пак да се толкува како не доволно успешност на тој процес на отчетност и транспарентност?
КОРДАЛОВ: Мислам дека вака треба да ја поставиме работата: Транспарентноста на јавните институции е првиот и најважниот чекор во борбата со лажните вести. Вистинска транспарентност и отчетност значи сите информации кои им се неопходни на претставниците на медиумите да може да ги најдат без да ги бараат од прес службите.
Понатаму, транспарентност и двонасочна комуникација на државните институции значи брзо одговарање на прашањата поставени од новинарите, како и интеракција и одговарање на прашањата на граѓаните добиени преку дигиталните платформи како што се социјалните мрежи и „чат“ алатките.
Во никој случај транспарентноста не значи само бројки и статистики од направени истражувања. Ако дел од јавните институции сеуште ги насочуваат медиумите на тешки процедури со цел да избегнат одговарање на нивните прашања. Ако сеуште немаме стратегија и план за двонасочна комуникација со граѓаните преку социјалните медиуми, тешко ќе оди напредокот во борбата со лажните вести и дезинформациите.
Ниту јас, ниту некој друг сметам дека ги негира напорите кои Владата ги прави со цел да биде поотворена и потранспарентна. Но, надлежните за односи со јавност во владиниот кабинет мора да сфатат дека за да има сериозно поместување, како и одржливост и долгорочно напредување во сферата на транспарентноста потребно е да имаат широк и инклузивен пристап во носењето на одлуките. И секако треба да се бават со потребите на граѓаните, нивните коментари, предлози, критики и идеи. Во никој случај, да не етикетираат и да не навлегуваат во партиски етикетирања и поделби. Тоа нека им го остават на политичарите или нека влезат и формално во партиските органи и тела!
ПРЕС24: Овој предлог на Владата наиде на критики особено од новинарската фела. Дури и новинари кои важат за поддржувачи на оваа Влада, велат дека идејата можеби е оправдана, но не се оправдани методите, како и фактот дека новинарските здруженија не беа консултирани пред воопшто да почне изработката на тој план?
КОРДАЛОВ: Лично како човек, но и како специјалист за односи со јавност и нови медиуми секојдневно сум во контакт со многу новинари. Не ги двојам по ниедна основа, туку се трудам да остварувам соработки и сум благодарен на сите медиуми за секоја можност да го искажам моето мислење за она што е поле на моја експертиза и знаење.
Но, секако се сложувам дека методот или пристапот на иницирањето на овој Акциски план е направен по обратен редослед. Повторно ќе кажам дека воопшто не е доцна да се почне од почеток и да се направи широк и инклузивен процес.
Да не заборавиме дека лажните вести се сериозен проблем на светската демократија и како дел од евро-атлантското семејство и идна земја-членка на НАТО треба да бидеме партнер во овој процес. Но, доколку кај медиумите се јавува страв од можност за влијание врз нивната автономија, веднаш треба да го ревидираме и пристапот и планот.
Медиумите се основата на секоја демократија. Ова не треба да го заборавиме. Само со слободни медиуми може да има дебата, различни мислења и демократски напредок. Цензурата, а особено автоцензурата во медиумите во минатите децении знаеме кон што не водело како земја. Да го промениме курсот еднаш за секогаш, без да постои и најмала опасност од враќање назад на демократските процеси и слободната пазарна економија.
ПРЕС24: Ако се вратиме во времето пред две-три години, кога оваа власт беше опозиција, лесно може да се споредат дијаметрално спротивни ставови кога станува збор за иницијативи за регулирање пред се на интернет просторот. Сепак социјалните медиуми беа главниот “партнер“ на тогашната опозиција во борбата за пад на претходната власт. На што се должи тоа?
КОРДАЛОВ: Можеби сум наивен, но сакам да верувам дека секоја власт има добра намера кога зборува за регулирање на интернет просторот. Дека се однесува на заштита од некредибилни информации, опасности по приватноста на граѓаните, кражба на лични податоци, заштита на децата во онлајн просторот итн.
Меѓутоа, користењето на терминот „регулирање на интернетот“ во себе крие голема опасност. По демократијата, слободите и правата, по граѓаните воопшто. Затоа е важно да расчистиме дека сите негативни појави кои со себе ги носи интернетот треба да се санкционираат и за тоа треба да се користи позитивното права или постоечките закони кои ги имаме.
Во исто време, должност на секоја власт е да се грижи за постојано унапредување на слободата на говорот, медиумите и критичката мисла. И на опозицијата секако, бидејќи таа претендира да ја освои власта и да ги менаџира парите кои граѓаните и компаниите ги плаќаат како даноци и други јавни давачки.
ПРЕС24: Различните ставови не се карактеристика само на една од партиите. И сегашната опозиција кога беше власт бараше модалитети за регулација на интернет просторот. Затоа сакам да Ве прашам, дали моќта на лажните вести, на социјалните медиуми е до толку голема што може да ја контролира политиката, или пак станува збор за одбратен процес, политиката да ги контролира овој тип на информации за свои потреби?
КОРДАЛОВ: Кога имаше еден обид за ваква регулација пред околу 8 години го застапував истиот став и се противев на т.н. регулирање на интернетот. Истото ќе го кажам и сега. Да работиме на поголема слобода, отвореност и можности за граѓаните. Само тоа е вистинскиот рецепт.
Најчестото прашање кое секоја власт го отвара е регулирањето на интернет порталите. Не велам дека не е легитимна дискусијата за тоа како да се избориме за поголема професионализација на порталите и сојузништво со нив во борбата против лажните вести.
Но, регулирањето на начините кои досега сум ги слушнал сметам дека не можат да ги променат работите. Се предлага, на пример, задолжително да се стави импресум и да се декларира сопствеништво на секој портал, понатаму да се стави потпис на новинарите под секој текст и слично. Се сложувам дека импресумот, потписот и сопствеништвото се важни за кредибилноста за секој медиум и би препорачал тоа самите информативни портали да го практикуваат.
Но, се поставува прашањето, што ако еве се донесе таква регулатива и тоа некој информативен портал реши да не го направи. И се регистрира во некоја трета далечна земја. Државата ќе го забрани да се пристапува до тој портал? Што ако некој на социјалните мрежи цитира информации или сподели информација од таков портал? Ќе бараме да му се укине профилот?
Не е добро да се вртиме постојано во круг. Ако сакаме да излеземе од ваквото беспаќе, некој ќе треба да каже дека е доста и да почне да ја менува плочата. И повторно, дојдовме до потребата од инклузивен пристап во носењето на суштинските политики и закони. Експертската јавност да почне да ја води играта, да ги дава предлозите, а власта и опозицијата да ги прифатат и да ги применат.
Со ваквиот начин ќе почнат конечно да се водат долгорочни политики кои се насочени кон потребите на граѓаните, наместо кон елитите и најпосле ќе можеме да разговараме за запирање на иселувањето на младите. Бидејќи токму тие, младите, многу често се иселуваат во странство затоа што не гледаат изгледи за менување на политиките дома, перспектива за оние што сакаат нешто да променат на подобро, шанса за оние кои немаат „грб“ и „јаки“ роднини и пријатели...
Со други зборови, клучните теми треба да ги обединуваат партиите да седат на иста маса и да ги слушаат препораките и советите од експертската јавност. Чистиот воздух, модерното образование, функционалното здравство, како и борбата против лажните вести не се процес кој ќе заврши за неколку месеци. Тоа се сфери чие реформирање ќе трае со години, па дури и децении. Нема власт која во демократија ќе владее толку долго. Затоа треба консензус и соработка првенствено по овие прашања. Тоа е рецептот кој партиите мора да го применат ако не сакаат да ги изгубиме сите граѓани кои во голем број избираат да излезат од границите на нашата земја.
ПРЕС24: На што се должи големото влијание на овој тип информации во јавноста? Зарем општата јавност е до толку неспособна да разграничи вест од лажна вест?
КОРДАЛОВ: Мислам дека дојдовме до суштината. Главниот проблем кај нас кој се рефлектира на сè останато е недовербата која партиите ја имаат кон сопствените граѓани. Многу често политичарите ги потценуваат граѓаните кои ги избрале и во чие име управуваат со земјата и буџетот кој повторно тие, граѓаните, го полнат.
Еден мој пријател кој работи на Зелениот пазар во Скопје ми вели пред некој ден: Како може да ми викаат дека моето мислење не вреди зашто немам доволно образование? Па, мислење е мислење и треба еднакво да вреди за сите.
Точно така, му одговорив, и јавно кажувам дека целосно се сложувам со него. Децениските поделби по сите основи си го земаат данокот, заедно со „купи-продај“ стилот на наше живеење мислејќи дека знаеме сè за секого.
Но, како ова се рефлектира на проблемот со лажните вести? Партиските препукувања и игнорирањето на секојдневните и основни потреби на граѓаните само ги оддалечува граѓаните од дневното информирање. А, подобра почва за сеење на семето на лажните вести и некредибилни информации од ова нема.
Дополнително, долгорочното невложување во современ образовен систем и иселувањето си го прави своето. Впрочем, ајде да бидеме искрени и реални. Како сакаме да бидат граѓаните задоволни кога имаме официјален податок дека процентот на покриеност со канализација во руралните средини изнесува едвај 20 проценти? Кога има населени места кои во 21 век немаат пристап до питка вода, додека во други општини таа се расфрла за полевање на градини и улици?
Не е проблемот до граѓаните. Потребно е оваа и секоја наредна власт да сфати дека граѓаните се тие кои ја бираат и уште поважно, ја финансираат власта и целата јавна администрација. Кога така ќе се постават работите, граѓаните целосно ќе бидат вклучени во носењето на јавните политики и може да очекуваме дека работите ќе почнат да се менуваат.
ПРЕС24: Мислите ли дека лажните вести во Македонија конкретно се производ на одредени центри, или пак на имагинација на поединци?
КОРДАЛОВ: Имагинација не се секако, бидејќи тие се реалност и ефектите од нивното користење можевме да го видиме за време на претходните претседателски избори во САД, референдумот за Брегзит и слично. Исто како што беа реалност огромниот број на регионални и светски медиуми кои минатите години правеа репортажи од Велес за „фабриките“ на лажни вести.
Секаде во демократскиот свет се водат дебати и покренуваат инклузивни политики со цел да се застане на патот на лажните вести и да се зачува слободата на медиумите и правото на граѓаните на објективно информирање, изразување и критичка мисла.
Многу истраги се водат во светот за лажните вести и нивните креатори. Мислам дека во периодот што претстои ќе можеме да дознаеме многу повеќе официјални информации на светско ниво за овој феномен, како и дополнителни препораки за негово спречување.
ПРЕС24: Вие сте експерт од оваа област. Постои ли метод за заштита од лажни вести?
КОРДАЛОВ: Ако мислите на рецепт кој како магично стапче од утре би почнал да дава резултати, морам да кажам дека такво нешто не постои.
Информациската дигитална ера се одликува со мноштво достапни канали за информирање на граѓаните, како и со повеќенасочна комуникација. Едноставно кажано, океан или „хаос“ на информации кои човековиот мозок не може брзо да ги систематизира или обработи, а камоли да ја провери нивната веродостојност и кредибилност.
Истовремено, социјалните медиуми и паметните телефони се неверојатна можност за патување на информацијата во секунда до милијарди луѓе. Тоа претставува огромна предност и можност, но секако носи и свои ризици.
Меѓутоа, често сакам да посочам дека социјалните медиуми се огледало на општествата, а ја вадат на површина и целата наша култура и некултура. Или, ако сакате да одиме и чекор понапред. Тие се огледало на сите досегашни политичари, влади и показател за тоа што тие го вложиле и направиле за своите граѓани. И доколку не ни се допаѓа сликата, значи дека не се вложило доволно, односно политичарите потфрлиле.
Но, секако дека постојат многу методи како да се препознаат лажните вести, како и дека креаторите на лажните вести постојано се усовршуваат и се трудат да изгледаат што поверодостојно и покредибилно.
Ако сакаме да ги подобриме работите ќе споменам 3 основни и многу важни промени што треба да ги направиме. Прво, транспарентноста на јавните институции која треба да биде на највисоко ниво. ПР службите мора да се реформираат и од пишувачи на говори и соопштенија да прераснат во вистински сервис на сите медиуми и граѓани.
Второ, редно е да почнеме дигитализацијата да ја ставаме во наша служба, односно во борба со лажните вести. Како? За почеток да создаваме софтвери и апликации на кои лесно ќе можат да се најдат сите официјални информации, но и да се дава брз одговор на сите барања од граѓаните и достапност на сите документи кои ги побаруваат.
Трето, преку промена на образовниот систем и негово приспособување на новото дигитално време. Вложувањето во младите генерации е единствениот начин да обезбедиме здрава сегашност и иднина. Не може да очекувате од училишните клупи да излезат млади со изградена свест за заштита од лажните вести, ако тие учат по методите од минатиот век, а дигиталните платформи и апликации воопшто не се инкорпорирани во воспитно-образовниот систем.
Знаете како, ако системот не функционира на основно ниво, на пример ако за да извадите обичен документ ви треба да патувате километри или да чекате со недели, тоа ви е најдобра основа за незадоволство, шпекулации и секако ширење на лажни вести. Ако сè функционира во секунда, тогаш секој граѓанин ќе може да напредува и да се движи во посакуваната насока. Кога има задоволство од јавните услуги, никој не може да создава недоверба во работата на јавните институции. А, да не заборавиме дека една од главните цели на лажните вести е да ја поткопува довербата на граѓаните во институциите на системот и јавните институции. Еве земете го примерот со вакцинацијата...
ПРЕС24: Што на пример Вие би и предложиле на Владата да вгради, а што да извади од овој Акциски план за борба против лажните вести?
КОРДАЛОВ: Да задржи сè што е во насока на заштита од лажни вести и дезинформации како светски феномен и да ги следи препораките на нашите партнери од САД и ЕУ на оваа тема. Истовремено, да направи сè што може да ги убеди сите новинари, здруженија, експертската јавност и секој граѓанин дека нема да врши дополнителна регулација на медиумите, туку тоа ќе го препушти на нив и саморегулацијата.
Понатаму, промена на наративот. На што мислам кога велам промена, ќе дадам само еден пример од предлог Акцискиот план. Точката 7 во моментов гласи вака: „Владата на својата веб страна ќе објавува официјални одговори на прашања на медиуми и граѓани, со цел да се спречи извртување на официјалните ставови на Владата“. Оваа точка под итно треба да се преформулира и на пример да гласи: „Владата на својата веб страна ќе објавува официјални одговори на прашања на медиуми и граѓани, со цел да овозможи уште поголема отвореност и транспарентност, достапност на сите информации до медиумите, како и поттикнување на поголемо вклучување на граѓаните во креирањето на политиките кои ги предлага Владата“. Верувајте ми дека има голема разлика кога практикувате позитивен, наспроти негативен пристап. И тоа се вика процес на градење на доверба.
Следно, кога се носи ваков одлучен предлог план кој треба да обединува, не треба да се користат примери на политичари или медиуми кои според некого шират лажни вести. Тоа се нарекува „етикетирање“ кое одговорните за комуникација, транспарентност и односи со јавност во ниедна власт не смеат ни да помислат, а камоли да го прават. Тоа сметам дека не треба ни партиските прес центри да го спроведуваат, а министер за отчетност или главен ПР советник никако. Освен ако немаат намера да му наштетат на целиот процес.
Ајде, да го почнеме процесот од почеток и како што треба. Еве тоа им го порачувам. Важна е темава, па да не дозволиме да се сведе на тврдоглавост и покажување кој е власт, а кој не е.
ПРЕС24: Мислите ли дека мејстрим медиумите ја губат битката со новиот тип на медиуми и дали новинарството е поразено на тој начин што се ова што се случува ја урнисува довербата што треба да ја имаат новинарите како коректори на властите во име на јавниот и општествен интерес?
КОРДАЛОВ: Ни оддалеку не ја губат битката, но многу е важно мејнстрим медиумите да го извлечат максимумот од дигитализацијата на општествата во секоја пора на општеството.
Потребата, жедта за информирање кај граѓаните е иста како порано, но навиките и начинот на кој ги добиваат вестите се разликува. Ако порано луѓето трчаа по централните вести, денес информациите трчаат по секој човек. Конкуренцијата си го прави своето, но убеден сум дека моќта на традиционалните медиуми многу повеќе ќе се зголемува со користењето на социјалните мрежи и канали. Впрочем погледнете ги фрапантните бројки на гледани ТВ или радио прилози, дебати или емисии на ЈуТјуб. Бројки во десетици, па дури и стотици илјади на дневно ниво. Тоа е сè рејтинг плус за мејнстрим медиумите. И очекувам рејтинг агенциите во своите извештаи час поскоро да ги вклучат и овие бројки зашто навиките на луѓето се повеќе ќе бараат информирање во време и место кое секому индивидуално му одговара.
Особено важна улога ќе играат мејнстрим медиумите во борбата со дезинформациите и лажните вести зашто доаѓа време кога потписот на новинарот или уредничката, снимателите, фотографите и сите медиумски работници ќе биде клучен за градењето на довербата за тоа секој граѓанин да проценува која вест е кредибилна и сака да ја прочита или погледне, а која е лажна, па ќе се одлучи да ја земе во предвид
Би сакал да завршам со една мисла од Аристотел кој пред повеќе од 2 милениуми за својот учител изјавил: „Платон ми е драг, но вистината ми е подрага“. Ајде да прифатиме дека денес секој има слобода да избира во која вистина ќе верува. Милиони луѓе ги дале своите животи за денес да дојде оваа ера на слобода и демократија. Манипулацијата со информацијата, свесното или ненамерното ширење дезинформации може да не однесе векови наназад. Да разговараме и да се слушаме едни со други. Добро е да имаме различно мислење, да дебатираме и разменуваме мислења. Само таквиот пристап може и ќе нè придвижи напред.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа