Јаким Неделков: Наставникот го изгуби достоинството, државата ги губи наставниците

 

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека синдикатот в понеделник ќе го реализира предупредувачкиот штрајк и сите наставници членови на СОНК, нема да организираат настава. Во интервју за Прес24, сепак вели дека се можни притисоци, а најавите на дел од наставниците дека нема да штрајкуваат ги оценува како индивидуална одлука, која нема да влијае на штрајкот. 

- Апелот на некои наставници до родителите дека ќе ги примат децата во училиште  е, се чини, по притисок од одредени општини и директори на училишта. Можно е некои наставници кои не се наши членови и не сакаат да се солидаризираат со штрајкот на СОНК да ги спроведуваат активностите во училиштето, меѓутоа тој број е многу мал и е невозможна редовна активност на училиштето. И секако, можни се и партиски притисоци кои би оделе во правец на намалување на ефектот од штрајкот на наставниците, но се поставува прашањето на крајот, кој добива а кој губи со вакви методи на попречување на загарантираното право на Штрајк со  Устав, Закон и меѓународни конвенции, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК во интервју за Прес24.

Според него еднодневниот предупредувачки штрајк треба да биде сериозно сфатен, бидејќи тој може да биде вовед во сериозни ситуации, ако власта остане глува за нивните барања. 

-СОНК е конструктивен синдикат, му дава шанса на социјалниот дијалог за решавање на проблемите. Но СОНК нема да дозволи коректноста и констуктивноста да се злоупотреби и преговорите да траат бесконечно. Затоа еден ден штрајк значи гласно кажување на незадоволството на просветните работници од статусот што го имаат во општеството и предупредување за можните последици од занемарување на нашите барања, вели Неделков.

СОНК го крена својот глас поради како што велат нерамномерното покачување на платите. Почетната плата на наставник во основно образование е 21.660 денари, а во средно образование 22.500 денари, со што овој сектор го става на најниско ниво на општествено вреднување на трудот.

-Тоа се највисоките плати  во овие дејности, не рачунајќи ја платата на директорите, додека пак најниските плати се платите на помошно - техничкиот персонал  кои се околу 12.500 денари . Во високото образование и наука состојбата воопшто не е подобра, така што за еден редовен професор на државните универзитети државата одвојува околу 35.000 денари, вели Неделков.

-Ако некогаш учителската професија била вистински најценета професија, денес тоа не е така. Денес , со оглед на висината на платата, условите за работа, правата на родителите, учениците, преголемо влијание на разни фактори поврзани за образовниот процес, оваа  професија ја прават не атрактивна. Особено за предметите од природните науки, кој што се доста барани на пазарот на трудот во Македонија но и надвор од неа. Математичари, информатичари, електроничари, предмети од електро и машинската струка  во приватниот сектор се неколкукратно повеќе платени отколку во образованието. во Македонија квалитетот на образованието е во тренд на опаѓање, за што надлежните и компетентните во државата мораат врз основа на сеопфатни анализи,  што е можно поскоро, да превземат мерки за создавање на систем на квалитетно образование, со што и државата би имала просперитет во сите сфери на функционирање и живеење, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Иако секогаш постои можност во последен момент да се дојде до решение, сепак сосема извесно е дека договор со министерството за образование нема да има. В понеделник СОНК ќе го реализира предупредувачкиот штрајк, прв по неколку години. Но јас сакам да Ве прашам нешто друго. СОНК беше едно време најрепрезентативниот синдикат, сега еден ден пред штрајкот има чудна ситуација, голем дел од наставниците праќаат пораки до родителите дека в понеделник ќе ги примат нивните деца на училиште. На што се должи тоа, на неорганизраност или можеби на притисоци?

НЕДЕЛКОВ: Советот на СОНК одлуката за предупредувачки штрајк ја донесе врз основа на записниците од синдикалните организации на СОНК ширум државата (околу 400 организации), каде што најголемиот број од организации се изјаснија за ваква синдикална активност. Апелот на некои наставници до родителите дека ќе ги примат децата во училиште  е, се чини, по притисок од одредени општини и директори на училишта, кои впрочем јавно излегоа со проглас дека учебната година ќе започне навреме на 2.09.2019 год., со сите планирани активности за тој ден, иако наставниците се во штрајк и нема да ги прифатат децата.

Можно е некои наставници кои не се наши членови и не сакаат да се солидаризираат со штрајкот на СОНК да ги спроведуваат активностите во училиштето, меѓутоа тој број е многу мал и е невозможна редовна активност на училиштето.

И секако, можни се и партиски притисоци кои би оделе во правец на намалување на ефектот од штрајкот на наставниците, но се поставува прашањето на крајот, кој добива а кој губи со вакви методи на попречување на загарантираното право на Штрајк со  Устав, Закон и меѓународни конвенции.

СОНК е се уште најрепрезентативен синдикат за образование, наука и култура, убедливо најголем синдикат во државата, повеќе од 3 пати поголем од вториот синдикат воопшто во државата. Во дејноста образование има уште еден или два синдикати, кои со својата вкупна бројка на членови имаат членство колку едно наше поголемо училиште.

ПРЕС24:  Вие се одлучивте на предупредувачки штрајк од еден ден. Зошто? Логиката вели дека секој оној со кого би преговарале ако знае дека ќе штрајкувате еден ден, не би вложил многу напори за договор. Еден ден како ниту еден? Или пак имате друга стратегија?

НЕДЕЛКОВ:  Да, еден ден предупредувачки штрајк значи предупредување за надлежните за образованието во државата што ќе се случи понатаму, после септември, доколку надлежните немаат сериозен пристап кон проблемите во оваа дејност, особено кон решавање на проблемот со ниските плати во сите сфери во образованието - основно, средно, високо образование и науката. СОНК е конструктивен синдикат, му дава шанса на социјалниот дијалог за решавање на проблемите. Но СОНК нема да дозволи коректноста и констуктивноста да се злоупотреби и преговорите да траат бесконечно. Затоа еден ден штрајк значи гласно кажување на незадоволството на просветните работници од статусот што го имаат во општеството и предупредување за можните последици од занемарување на нашите барања.

ПРЕС24:  Реално вашиот синдикат можеби во последните десетина години е еден од поактивните. Но јас како новинар паметам едни други времиња, на пример кога СОНК беше во генерален штрајк чинам повеќе од 20 дена (поправете ме ако грешам). Што се случи со тој синдикален дух, дали политиката го задуши...?

НЕДЕЛКОВ:  По многу сеопфатни анализи околу ова прашање, моето мислење е дека тие времиња се веќе историја и за жал повеќе нема да се вратат од аспект на синдикализам и синдикати. Политиката дефинитивно замеша длабоко прсти и во оваа сфера на организации. Денес е многу тешко да се зборува за синдикализам, синдикални лидери и доверба во синдикатите. Народот е крајно разочаран од долгите децениски политички и економски кризи на нашата држава и повеќе никому не верува.

Мое убедување е дека почетокот на крајот на синдикализмот е во почетокот на деведесетите години кога се направи срамната приватизација на општествениот капитал а тогашниот синдикат практично не направи ништо за да го спречи тоа, туку учествуваше во тоа.

Денес СОНК, во рамките на Конфедерацијата на слободни синдикати се обидува да направи нешто повеќе за работниците во нашата држава, да ја врати довербата во синдикатот, но за волја на вистината многу тешко оди, од причина што влијанието на политиката и влијанието на партиските моќници е изразена со отпуштање од работа на синдикални лидери, присилно отчленување и зачленување на работници во подобни синдикати, нерегистрирање на нови синдикалниморганизации и т.н.

ПРЕС24:  Ајде малку за преговорите со Образование. Што барате Вие, што Ви нуди министерството?

НЕДЕЛКОВ:  Бараме да ни се врати тоа што ни се должи. Минималната плата за последните 4 години е зголемена за околу 25% а платите во образованието 5%. По Закон, со поместување на висината на минималната плата треба да се корегираат и платите. Тоа не е направено.

ПРЕС24: Добро кое е образложението нивно? Како течат тие разговори?

НЕДЕЛКОВ:  Министерот за образование и наука  и претседателот на Владата имаат потполно разбирање за положбата во која се наоѓаат вработените во образованието, се обидуваат да ги подобрат состојбите со зголемување на платите за 5%, што според нас е сосем недоволно. Заради тоа, ние и ги превзедовме овие синдикални активности, незаборавајќи ги и низата протести на СОНК и КСС во изминатиот период.

ПРЕС24: Колкава е моменталната просечна плата на еден наставник во основното, колкава во средното образование, во ситуација на полн фонд на часови?

НЕДЕЛКОВ: Почетната плата на наставник во основно образование е 21.660 денари, а во средно образование 22.500 денари. Тоа се највисоките плати  во овие дејности, не рачунајќи ја платата на директорите, додека пак најниските плати се платите на помошно - техничкиот персонал  кои се околу 12.500 денари .

Во високото образование и наука состојбата воопшто не е подобра, така што за еден редовен професор на државните универзитети државата одвојува околу 35.000 денари.

ПРЕС24: Сакам нешто друго да Ве прашам. Иако можеби ќе звучи премногу радикално. Но, образованието е една од професиите столбови на едно општество. Ние денес зборуваме за покачување на плати од 5 до 20%. Од друга страна некои други сектори во јавната администрација зборуваат за далеку повисоки плати. На пример во судство, здравство, регулаторни тела... Сте размислувале ли од Владата да барате некое повисоко ниво на вреднување на образованието, на пример плата од минимум 60.000 денари, ако може да се зборува за плати во регулаторни рела или здравство од 100.000 денари, зошто да не и за образование?

НЕДЕЛКОВ: Секако дека вработените во образованието заслужуваат многу по високи плати од тоа што земаат, или можеби од тоа што и ние како синдикат бараме. Сепак, ние тргнуваме од реалните можности на државата, а не од популистички барања на некои организации или на популистички изјави на некои високи претставници на власта. Не велам дека ова што во моментов го бараме е крајната цел на СОНК, ова е за овој период, што не значи дека тука ќе застанеме. Образованието и наставниците се столбот на државата и за  тоа тие треба да бидат достоинствено платени. 

ПРЕС24: Како изгледа еден наставник кој ќе замина во пензија? Прашањето ми е може ли да зборуваме за авторите, достоинство на наставник, ако тој знае дека утре како пензионер ќе биде во ранг на обичен работник?

НЕДЕЛКОВ: За жал, денес човекот се цени колку е богат, а не колку е човек. Наставниците пензионери , со оглед какви биле нивните плати, никогаш не можат да бидат богати со нивните пензии. Сепак, сметам дека пензионираните просветни работници се богати во душата, од спомените за изминатите години и децении колку генерации млади луѓе поминале низ нивно менторство, учење и подучување, богати од сеќавањата колку допринеле за денес да  гледаме успешни луѓе во бизнисот, политиката, здравството, образованието, науката.......

ПРЕС24: Во образованието веќе има еден друг сериозен проблем. Во некои струки има недостаток на кадри, на пример велат дека наставничката професија изумира во делот на физиката, математиката, општествените науки... ?

НЕДЕЛКОВ:  Се согласувам со Вашата констатација. Ако некогаш учителската професија била вистински најценета професија, денес тоа не е така. Денес , со оглед на висината на платата, условите за работа, правата на родителите, учениците, преголемо влијание на разни фактори поврзани за образовниот процес, оваа  професија ја прават не атрактивна. Особено за предметите од природните науки, кој што се доста барани на пазарот на трудот во Македонија но и надвор од неа. Математичари, информатичари, електроничари, предмети од електро и машинската струка  во приватниот сектор се неколкукратно повеќе платени отколку во образованието. Не смееме и да не ја спомнеме и масовната миграција на квалификувани млади луѓе во земјите од западна Европа и пошироко, кои заминуваат од државата за плати кои за наши услови претставуваат мисловна именка.

Жално но вистинито. Нашата држава инвестира во човечки ресурси, ги образува и квалификува младите луѓе, за да така лесно дозволи одлив на млади умови.

ПРЕС24: Како ги оценувате реформите во образовниот систем сиве овие последни речиси 30 години. Има една оценка што сум ја слушнал од многумина, која парафразирана вели: „Ако нешто беше здраво во поранешниот комунистички систем беше поставеноста на образовниот процес, денес после толку реформи на образованието ќе му требат најмалку 50 години да го стаса нивото што го имаше во 80 тите години на минатиот век.“ Има ли вистина во ова?

НЕДЕЛКОВ:  Терминот реформи во образованието навистина го слушаме многу често. Точно е дека образовниот процес е жив процес кој што мора да се менува во зависност од многу фактори. Суштински реформи досега имало и ќе има(основно деветгодишно образование, насочено средно образование, дуално образование, двогодишно средно стручно образование и т.н.) во зависност од потребите на општеството и пазарот на трудот. Но се поставува прашањето, дали она што е предвидено со реформите и националната стратегија за образование се постигнати целите ?!

 Сведоци сме на немотивирани наставници,непочитувани од општеството, наставници кои повеќе се оптеретуваат со администрирање отколку со едукација на ученици, закони кои што не даваат можност наставниците да ја покажат својата креативност, исплашени наставници кои не знаат како ќе поминат кај просветниот инспектор и колкава парична казна евентуално  ќе добијат. Сведоци сме на влијание на политиката, раководствата на училиштата се назначуваат заради партиски заслуги, а не заради успешната образовна работа, се изгуби смисолот за оценување на учениците, продукција на хипер одлични ученици и т.н.

Од друга страна имаме ученици кои се жалат дека се преоптеретени со наставни часови и наставни предмети, родители кои повеќе им веруваат на своите деца отколку на наставниците, либерални закони за правата на родителите и децата.

Севкупно, споредба на некогаш и сега во образованието е можна, но враќање назад нема. Дали учениците во минатото добивале по квалитетно образование од денес е дискутабилно, од аспект на голем број на фактори што влијаат за реализација на наставниот процес, како што се условите за учење со целата инфраструктура, дидактички средства и помагала, форми и методи на учење, достапност до дигитални средства за учење и т.н.

Сепак, можеме да заклучиме дека во Македонија квалитетот на образованието е во тренд на опаѓање, за што надлежните и компетентните во државата мораат врз основа на сеопфатни анализи,  што е можно поскоро, да превземат мерки за создавање на систем на квалитетно образование, со што и државата би имала просперитет во сите сфери на функционирање и живеење.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.09.2019 - 11:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега