Македонија одбележува 72 години од почетокот на антифашистичкото востание
Република Македонија утре одбележува 72 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.
На 11. октомври 1941, борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.
За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети. Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Вечерва, по повод седумдесет и втората годишнина од македонското народно востание, ќе се оджи свечена академија во новиот објект на Македонскиот народен театар, на која ќе се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Утре, пак, во македонското Собрание ќе им биде врачена државната награда „11 Октомври“ на годинашните добитници - економистот и дипломат Срѓан Керим за животно дело во областа на науката и образованието, на ликовниот уметник Решат Амети за животно дело во областа на културата и уметноста и на новинарот и публицист Драгослав Аргировски за животно дело во областа новинарството и публицистиката.
Бројни делегации утре ќе положат цвеќе на спомениците и паметниците на народните херои.