Светската банка и ММФ оценија: Македонија успешно ги спроведува реформите

 

Синоќа заменик-претседателот на македонската Влада, Зоран Ставревски, изјави дека Светската банка и ММФ позитивно ги оцениле реформите спроведени во Македонија.

- Охрабрувачки за Македонија е што оценките за нашата земја од страна на ММФ и Светската Банка се поповолни во однос на кој било друга земја во регионот. Се поздравува тоа што се оствари како економски раст, како и намалувањето на невработеноста, се разбира со намера и понатаму да има нејзино намалување. За тоа да се случи потребно е да се продолжи со напорите за привлекување на странски инвестиции, но исто така да се овозможи реализација на проекти во делот на инфраструктурата и подобрување на работната сила. Токму за такви проекти разговаравме со Светската банка и имаме ветување од нивна страна дека ќе обезбедат финансиска поддршка во рамките на стратегијата која ја подготвува Светската банка за Македонија, за следниот тригодишен период, ќе има проект за финансирање на реконструкција на патишта и проширување на патни делници во Македонија, и за подобрување на човечките вештини на невработените со цел да може подобро да се снајдат за подоцнежно вработување и за поддршка на иновацискиот фонд, изјави министерот Ставрески.

Исто така и гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, изјавува дека Европа конечно излегува од економските проблеми, и дека тоа ќе има позитивен ефект и врз Македонија.

- Имаме доста средби и ја користиме секоја можност да ги искажеме нашите видувања за македонската економија. Охрабрени сме дека конечно европската економија излегува од рецесија, иако се уште сме претпазливи. И тука доминираат тие тонови, дека има повеќе оптимизам, но со претпазливост. Сето тоа треба поволно да се одрази на одржлив раст на македонската економија, изјави гувернерот Богов.

Директорка на Светската банка за Западен Балкан, Елен Голдстин, вели дека Македонија напредува сосема добро во посветеноста да се реформира: - Македонија напредува сосема добро во посветеноста да се реформира. Има одреден раст и се справува со некои од најважните реформи во поглед на условите за водење бизнис. Но, поради тоа што општата ситуација во Европа не е многу поволна, ефектот од спроведувањето на овие реформи во многу погледи беше намален и затоа јавноста смета дека овие реформи не доведоа до нивото на раст и вработеност кое би сакале да го видиме во Македонија. Гледаме дека со економскиот раст, не секогаш имаше и подобрување на вработеноста, што останува крупно прашање. Затоа најмногу работиме како да ги преточиме спроведените реформи во конкретни инвестиции на терен, кои ќе го зголемат растот и ќе создадат работни места за Македонија. Особено работиме и ја поддржуваме областа на вештини и иновации, да ја направиме македонската работна сила навистина атрактивна за инвеститорите кои доаѓаат, и за домашните инвеститори, изјави Елен Голдстин за МИА.

12.10.2013 - 10:32

најчитано сега