Ивон Величковски: Македонија семејно-партиско кнежество треба да стане вистинска Република
Поранешниот лидер на либералите, сега иницијатор на Движењето за Нова Република, Ивон Величковски, во интервју за Прес24, смета дека актуелната власт ќе се обиде да ги пролонгира изборите закажани за 12 април и очигледно е дека Премиерот Заев активно бара причини и поводи да ги одложи изборите.
-Оти знае дека играта „сменив име, оставете ме да правам што сакам“ е прочитана. Никој не е среќен со непочнувањето преговори со ЕУ и кај сите има чувство на горчина, но неговиот покер-пристап all in се врати како бумеранг и скапо не чини како држава. Бидејќи знае дека странските партнери нема уште долго му да бидат при рака за „рамо за плачење“ и за држење оптимизам во сопствените редови, набрзина влезе и во „Мини-Шенгенот“ иако овој проект, без Косово и Црна Гора, не е ништо повеќе од непознаница. Полека (ќе) проба да кокетира и со Русија, но бидејќи веќе е апсолвиран, само ќе биде искористен за создавање обврски со кои ќе се справува постизборната влада. Заев, едноставно, е обележан со политиката „промена на име за нон-пејпер“, вели Величковски во интервју за Прес24.
Иако, актуелната владејачка партија го заговара концептот за една изборна единица, сепак Величковски е убден дека тоа е само маркетинг.
-Ниту СДСМ сака промена на изборниот модел, ниту ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сега ќе ја прифатат. Ако СДСМ вистински сакаше промена на моделот, тој ќе беше променет уште во првата година од владеењето. Ова глумење „ние демек сме за промена, ама другите демек не ни даваат“ е смешно. Впрочем, СДСМ сега не може да се откаже ниту од партнерите, ниту од делегираните претставници на своите бизнис-нво-медиа партнери на листите. А дали со тоа ги жртвуваат своите „тивки коалиционери“ од редот на опозициските ренегати, воопшто веќе не ги ни интересира, вели Величковски.
Според него Македонија мора да се трансвормира во вистинска Република, од сегашната состојба на семејно-партиско кнежество. Реториката на власта дека тие се промотори на демократијата, наспроти тоталитаризмот на опозицијата е само празно слово на хартија.
-Секој авторитаризам во својата суштина тргнува од истата цел – целосна контрола на економијата преку партиско-институционални механизми. Притоа, целта е употреба на јавните финансии, согласно закон, за формирање економски (пара)систем контролиран од „сопствената“ елита поставена во пирамида, затворена за сите кои не се подготвени да играат по правилата наметнати од врвот. Затоа и елитата на Груевски претходно и оваа на Заев забележуваме дека е и семејно поврзана. И од тој момент, слободата, демократијата, човековите права, медиумската слобода – се именки ставени во статистички рамки. Ќе им мерите индекси и проценти, но во пракса тие се само „слово на хартија“, вели Ивон Величковски во интервју за Прес24.
ПРЕС24: Ќе има ли избори на 12 април?
ВЕЛИЧКОВСКИ: За да има одложување на изборите, до февруари мора има ново парламентарно мнозинство што ќе избере друга (форма на политичка) влада без Заев на чело. Во секој друг случај изборите не може да се пролонгираат. А ако тој влезе во нивно одложување, опозицијата не смее да остане само на вербален протест.
Заев очигледно активно бара причини и поводи да ги одложи изборите, оти знае дека играта „сменив име, оставете ме да правам што сакам“ е прочитана. Никој не е среќен со непочнувањето преговори со ЕУ и кај сите има чувство на горчина, но неговиот покер-пристап all in се врати како бумеранг и скапо не чини како држава. Бидејќи знае дека странските партнери нема уште долго му да бидат при рака за „рамо за плачење“ и за држење оптимизам во сопствените редови, набрзина влезе и во „Мини-Шенгенот“ иако овој проект, без Косово и Црна Гора, не е ништо повеќе од непознаница. Полека (ќе) проба да кокетира и со Русија, но бидејќи веќе е апсолвиран, само ќе биде искористен за создавање обврски со кои ќе се справува постизборната влада. Заев, едноставно, е обележан со политиката „промена на име за нон-пејпер“.
Затоа сега СДСМ во разни форми ќе заговара одлагање на изборите, за да добие време да проба да го врати наративот „само што не сме почнале преговори“ и да ја повтори 2016. Но и тоа веќе не минува. Плус, раниот старт на изборната кампања ја „тенчи“ пред се реториката на СДСМ, а довербата кон власта опаѓа. Проблем им е и осетното дистанцирање на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од Груевски и Мијалков, чии судски предмети сега ги застарува „независното“ судство на – СДСМ.
Оттука „техничките поводи“ за доцнењето на полноправното членство во НАТО и одложениот почеток на преговорите се повеќе личи дека имаат подлабоки причини – всушност сите чекаат нова Влада во Скопје со јасен мандат за да продолжат интеграциите.
ПРЕС24: Можно ли е повторување на сценариото со техничката влада на Емил Димитриев. На пример, Заев да се повлече според договорот во јануари, а после да се случи некоја нова политичка криза која ќе ги пролонгира изборите?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Само онолку колку што ќе дозволи опозицијата. Повторувам – пролонгирање на изборите може да има само ако друго мнозинство формира друга (форма на) влада. Но, тоа го исклучува Заев, а и добар дел од неговата сегашна влада.
Но, да ја оставиме политиката на страна и да погледнеме економски рационално. Македонската економија има потреба од стабилна и пресметлива политичка состојба, а пролонгираната предизборна атмосфера не создава поволни услови за економски развој, стимулативна бизнис-клима и за инвестиции. Ако има техничка влада подолго од 12 април 2020 – заборавете позначајни перформанси на македонската економија и догодина, туку очекувајте „преживување“ евентуално во „тенка позитива“.
ПРЕС24: Ќе одработи ли Европската Унија за актуелната власт, ако пред изборите се случи Македонија да добие старт на преговорите?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Ако само тоа беше целта, датумот веќе ќе ни беше определен. Тоа е таа „балканска итроманштина“ на која се надеваа Заев и Димитров: „Сменивме име, глумиме послушност, ќе им наметнеме чувство на вина дека не оставаат „на цедило“. А знаат дека во октомври им беше речено: „Решивте проблем, но немате функционален систем“. По нон-пејперот на Франција, се појасно е дека осетни реформи се потребни не само по почетокот – туку и за самиот почеток на преговорите.
Сите „доцнења и одложувања“ засега укажуваат дека членките на ЕУ се свесни колку состојбата на теренот е поразлична од претставата што ја прикажува бирократијата. И во Македонија и во ЕУ. Исто како што на сите ни е јасно дека со досегашниот вид на техничко-административно отворање/затворање поглавја, почетокот на преговорите повеќе се доживуваше како награда за владите одошто како заслуга за сработеното.
Бидејќи Владата практично нема „реформски имиџ“, европската дипломатска и политичка заедница, со сите нејзини внатрешни разлики, ќе мора добро да размисли дали има смисла во Македонија да застане зад уште еден политички фабрикат со изминат рок. А со динамиката во Брисел и низ европските членки, Македонија баш и нема причини да се качи повисоко на листата на приоритети. Впрочем, да не се преценуваме – и досега сме поприлично ниско на радарот, а само во нашите медиуми уште се тера мантрата дека сме централно прашање на европските самити.
Секако, ставот на странците околу изборите ќе зависи и од реториката и програмската понуда на опозицијата. А особено од два фактори: прво, од гаранциите дека следната Влада, за разлика од оваа, ќе води пресметлива политика и дека ќе ги третира прашањата на транспарентен начин согласно принципите на доброто управување. И второ, но еднакво значајно: од опкружувањето на Мицкоски во партијата, во политичките сојузништва, на листите и во институциите – пред, во тек и по изборите.
Кога ги гледам резервите на соседите кои македонското државно раководство и пораките до Заев низ изјави и гестови минатата недела, личи дека тие ја потсетуваат оваа влада Влада на обврски, но повеќе ги интересираат ставовите на оние кои ги очекуваат на позиции во следната.
ПРЕС24: Овој концепт на техничка Влада стана законска обврска. Но, се чини дека овој начин на практикување политика создава една ситуација на шест месечна кампања, а тоа никој не се обидува да го регулира, ниту пак да го санкционира?
ВЕЛИЧКОВСКИ: А политички составена ДИК е позитивна практика?! Обидот да се менува изборен модел пар месеци пред избори е принципиелност?! 2014 предлагав консолидирање на институциите низ широка влада без означените „киднапери на системот“ за нормализирање на атмосферата во земјата и институциите во широк политички и општествен консензус, по тој трауматичен политички кризен период, токму за да нема ад-хок решенија што доведуваат до сегашната состојба. Се потврдува дека политиката е многу повеќе од прагматизам и бара и превенција на очекувани последици.
Овој модел на техничката влада беше мотивиран од нестандардната криза решавана со стандардни правни практики, во услови на блокирани политичари и партии. Со завршувањето на кризата заврши и фокусот на системските решенија и се си продолжи по инерција. Затоа, следниот собраниски состав ќе треба да се позанимава со постојниот модел на техничка влада брзо по изборите, за следните да ги дочекаме без констатираните слабости, но и со нов изборен модел утврден со широка согласност.
ПРЕС24: Да се вратиме на она што значи македонската перспектива во ЕУ. Се почесто во јавноста во Европа се пишува за нешто што не е полноправно членство како опција за Западен Балкан. Паралелно се работи на некаква економска зона на Балканот. Што ова значи?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Конфузијата е видлива. Во домашната јавност се бара алиби за интеграцискиот неуспех, а во европската се одразува „замореноста од проширување“. Во услови на разлики меѓу европските центри и внатре самите нив, претседателот на Републиката соопштува дека не интересира само ЕУ, додека премиерот втрчува во зона што треба да личи на замена за недобиеното, а половина од поканетите во неа не се заинтересирани да ја создаваат... и сите продолжуваат со конфузијата.
ЦЕФТА е сличен договор со многу повеќе членки. Ако ги анализираме придобивките од него наспроти непознаниците на оваа Вучиќ-Рама-Заев (ВРЗ) зона, се гледа колку прашањата што ги форсира ВРЗ-зоната всушност се билатерално решливи и колку таа, во оваа форма и содржина е само маркетинг-операција. За разлика од Владата, која е подготвена да талка со спротивставени концепти за да личи дека нешто се работи, предлагам да одиме принципиелно: Реформираме затоа што тоа им треба на нашите граѓани и сакаме подготвено да почнеме преговори за членство. И низ таа призма претпазливо да го градиме односот без да испраќаме измешани сигнали.
ПРЕС24: Во овој меѓу период, кога во фокус се ЕУ интеграциите, изборите, рекет случајот, се случија и некои други работи на внатрешен план. На пример власта се откажа од можеби главната реформа што ја заговараше, прогресивниот данок и тоа по десет месеци откако стапи на сила?
ВЕЛИЧКОВСКИ: А од кои реформи не се откажа оваа власт досега? Ако воопшто и имала намера да ги спроведе?! Кога на сите им го ветуваш тоа што сакаат да го чујат, а не она што вистински си подготвен да го испорачаш – резултатите се вакви.
Владеењето на правото ни е спорно. Врвен обвинител е обвинет во афера на уценување со доказен материјал. Па почнува да се проблематизира и веродостојноста на самиот доказен материјал. Општ е впечатокот дека додека се заговараат ветинзи, политичко-правосудната спрега намерно застарува предмети и ја оневозможува правдата гарантирајќи неказнивост за функционерите. И дека целта е да се спречи откривањето на целокупната афера која не започнува и не завршува кај Јанева или Јовановски, туку опфаќа лепеза државни и партиски функционери во долг период.
Тоа докажува дека ветинг е потребна и корисна алатка во проверката на потеклото на имотот и во судството, но како составен дел од цел сет мерки и законски решенија за обезбедување на независноста на судството од извршната власт и неговата некорумпираност. Во спротивност, ризикува да остане fancy збор за постапка подложна на партиска злоупотреба.
Промената на даночната политика, пак, ја илустрира политичката непресметливост на Владата и премиерот. Ниту во 2016 ниту сега не го поддржував „прогресивниот данок“ и предупредував колку е несоодветен за нас. Но сега не е време за ликување, туку на согледување на последиците за лоцирање на штетите. Прво, во сериозна земја тоа ќе значеше оставка на премиерот и министерот за финансии, а овде е „извинете, се шегувавме“. Второ, политичката непресметливост во клучен ресор предизвика штета за компаниите. Трето, меѓународните финансиски институции реагираа и низ дипломатски речник укажаа дека од Владата биле наведени да ја поддржат даночната реформа, а сега практично се е оставено да „виси“. Санацијата бара прекинување на овој аматеризам. Единствена придобивка од сето ова е што на сите им станува јасно со каков профил на политичари си имаат работа.
Во светот новиот ден носи нова шанса, а во Македонија новиот ден стана само прилика за нова афера.
ПРЕС24:Се појави, па веднаш беше повлечено и едно законско решение кое се однесуваше на регулација на протестите. Малку чудно беше што партија, која дојде на власт со секојдневни протести, блокади сега оди во една сосема друга крајност. На што се должи тоа?
ВЕЛИЧКОВСКИ: На свеста на СДСМ за непопуларноста на Владата на Заев. Но, пред се на суштинскиот презир кон демократијата. Или поточно речено, на негуваното чувство на наследно право на владејачката каста и нејзините нво-медиа-службашки антени вкоренети во лажната транзиција од 1989-90. Нивниот пристап е дека сите средства им се расположливи за доаѓање на власт, но дека тие средства и власта ексклузивно им припаѓаат само ним. Со јавните реакции видоа дека тоа веќе не е така. Коректно е да се признае дека е добро што го повлекоа законот, но мора да се дознае кој иницирал ваков обид за ограничување на правото на протест, за да се спречат упади од овој тип.
ПРЕС24: Успева ли оваа власт да ја одржи перцепцијата дека е политичка гарнитура на слободата, демократијата, а наспроти нејзе е концептот на тоталитаризам, притисоци?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Не. Секој авторитаризам во својата суштина тргнува од истата цел – целосна контрола на економијата преку партиско-институционални механизми. Притоа, целта е употреба на јавните финансии, согласно закон, за формирање економски (пара)систем контролиран од „сопствената“ елита поставена во пирамида, затворена за сите кои не се подготвени да играат по правилата наметнати од врвот. Затоа и елитата на Груевски претходно и оваа на Заев забележуваме дека е и семејно поврзана.
И од тој момент, слободата, демократијата, човековите права, медиумската слобода – се именки ставени во статистички рамки. Ќе им мерите индекси и проценти, но во пракса тие се само „слово на хартија“. Тоа е она што ги дистанцира не-сдсмовските поддржувачи на промените од 2016 и од оваа власт и затоа граѓаните општо се се поподготвени да инвестираат доверба во политиките што докажале дека држат до својот збор и нудат политички концепт за прекинување на ваквото владеење.
ПРЕС24: Остварлива ли е идејата за една изборна единица. Засега ДУИ и ВМРО –ДПМНЕ се против и колку СДСМ искрено верува во исправноста на тој модел?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Ниту СДСМ сака промена на изборниот модел, ниту ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сега ќе ја прифатат. Ако СДСМ вистински сакаше промена на моделот, тој ќе беше променет уште во првата година од владеењето. Ова глумење „ние демек сме за промена, ама другите демек не ни даваат“ е смешно. Впрочем, СДСМ сега не може да се откаже ниту од партнерите, ниту од делегираните претставници на своите бизнис-нво-медиа партнери на листите. А дали со тоа ги жртвуваат своите „тивки коалиционери“ од редот на опозициските ренегати, воопшто веќе не ги ни интересира.
ПРЕС24: Се повлековте од лидер на Либералите, се разидовте со идеологијата, или со луѓето во партијата?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Во политиката не се водам по принципот „наведната глава сабја не ја сече“, а партиското организирање за мене не е бизнис и личен профит. Одев на самостоен настап во 2016 затоа што ги препознав недоследностите во политиката на Заев, а поразот на груевизмот беше општа цел. Исто како што од 2006 до денес сметам дека референдум за името (беш)е замка за промена на Уставот со последиците што ги гледаме. Како што барав и внимателност во креирањето на меѓународните договори и предупредив дека последиците од нив ќе бидат и во промената на името, но многу повеќе во она што значи етничко и национално ткиво. И како што сметам дека либерализмот не исклучува грижа за националните интереси, ниту дека е ориентиран само кон маргинализираните социјални групи или легализација на марихуана на пр.
Затоа, откако ги исполнив обврските произлезени од мнозинска одлука на органите – поднесов оставка бидејќи тие поддржуваа правци спротивни на моите принципи на политичко дејствување. И во тоа не бев осамен.
ПРЕС24: Дали иницијативата за Нова Република ќе биде политички субјект на следните избори?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Тоа зависи од терминот на изборите и изборните околности. Засега функционираме како Движење во кое никому однапред не му следуваат функции и привилегии. Охрабрен сум од разбирањето за правецот што го застапуваме и принципите за кои се залагаме, а ме радува дека тоа доаѓа и од оние кои пред неколку месеци не се согласуваа со постапките кои ги преземаме. Но, пред нас е многу работа и предизвикот е да се имплементираме во политичкиот процес и понуда што не се заснова на надминати кадри и политики, уцени и подметнувања.
И тука сме подготвени за соработка со сите кои се промена на функционирањето на Македонија од семејно-партиско кнежевство, каква што фактички е сега, во вистинска Република каде институциите ги вршат своите надлежности, а граѓаните го остваруваат својот суверенитет и права.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа