Петар Арсовски: Широка влада е возможно сценарио по изборите
Широка влада по изборите во април е возможно сценарио, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски, кој во интервју за Прес24, вели дека рејтинзите на партиите се слични на оние од 2016 година, но и коалицискиот капацитет на опозицијата за коалиција со албански партнер е исто така идентична, што ја остава отворена можноста и за широка влада.
-Мислам дека широка влада е возможна, не само поради коалициските капацитети. Прво, постојат повеќе системски реформи кои би требало да се направат со политички консензус, а не со надгласување (Закон за ЈО, Изборен законик, реформи во судство, и слично). Дополнително, можноста за почеток на преговори со ЕУ не треба да се занемари (дури и ако не се случи напролет). После отворањето на преговорите, можно е да има потреба од една широка коалиција за консензуално да се забрзаат проектите кои произлегуваат од таквиот пробив, вели Петар Арсовски во интервју за Прес24.
Смета дека последните турбуленции во владината коалиција на релација СДСМ-ДУИ се автентични и тие се симптоми на стратешки разлики, а сега се интензивираат поради близината на изборите.
-Суштинскиот проблем е што, за разлика од ВМРО ДПМНЕ, каде коалицијата произведуваше гласови за ДУИ, сегашната коалиција му одзема гласови на ДУИ, бидејќи и СДСМ пледира на албански гласови. Тоа, заедно со неизвесноста на исходот на изборите, прави сегашните коалициски партнери да калкулираат со нивната соработка во овој период, вели Арсовски во интервјуто.
Арсовски смета дека ВМРО-ДПМНЕ со актуелното раководство е многу подемократско и поевропско од ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, но дистанцирањето од Груевски треба да биде понагласено.
-Реформите се во вистинска насока, но треба да се засилат и да се водат стратешки, со проценка за вкупната насока во која ќе се движи гласачкото расположение, вели Петар Арсовски во интервју за Прес24.
ПРЕС24: На крајот сме од една година во која имаше серија политички домашни, но и надворешни настани. Ако треба да се направи оценка, дали оваа година може да се впише во позитивното или негативното конто на развојот на државата?
АРСОВСКИ: Мислам дека вкупната оценка е сепак барем делумно позитивна, од најмалку две главни причини. Првата е ослободувањето на медиумскиот простор и јавната реч, во смисла на тоа дека имам впечаток дека медиумите за грешките на власта сега сепак известуваат послободно и со помалку пречки, а втората е генералниот пробив кон евроатлантските интеграции каде има сериозно квалитативно поместување напред. Членството во НАТО, кое е веќе извесно, дури и со сите проблеми во почетокот на преговорите со ЕУ, претставува сериозен и тектонски чекор напред.
ПРЕС24: Следната година во април треба да има предвремени парламентарни избори. Иако нема најави дека може да се случи нивно одлагање, сепак таа дилема како се уште да не е докрај расчистена. Има ли реални основи, сепак да не се случат изборите во април и Македонија да ја води подолго време техничката влада која би била избрана за помалку од дваесетина дена?
АРСОВСКИ: Не е добро да се претерува со поместувањето на датумот за избори, принципиелно, зашто целиот економски и општествен систем застанува во предизборниот период. Одложувањата не се добри зашто само ја пролонгираат таа неизвесност. Во оваа смисла, единствената легитимна причина за одложување би била некаква неопходност од активен парламент за ратификација на протоколот за НАТО, или доколку на наредниот самит се отворат преговорите со ЕУ, па тоа да изискува одложување на изборите. Одложување на изборите од други причини ќе прати лоша порака на дополнителна неизвесност.
ПРЕС24: Во тие избори, кога и да бидат следната година, барем според последните анкети, предноста е на страната на опозицијата. Хипотетички, како би се одразило на политичката сцена слично сценарио од 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ да победи, а на не може да формира влада?
АРСОВСКИ: Рејтинзите на партиите се слични на оние во 2016, иако по прв пат предизборниот период трае толку долго (изборите се закажани, партиите во кампања веќе 6 месеци пред изборите), па таквите бројки можат да бидат променливи. Но политичката проценка останува, дека на опозицијата би и требал посериозен коалициски капацитет доколку сака да ги надмине оние пречки кои постоеја кај албанските партии во 2016.
ПРЕС24: Прашањето повеќе е во насока на тоа, колку е реално да се очекува во таква ситуација широка влада, или пак можеби експертска влада со политичка поддршка на опозицијата и на власта?
АРСОВСКИ: Мислам дека широка влада е возможна, не само поради коалициските капацитети. Прво, постојат повеќе системски реформи кои би требало да се направат со политички консензус, а не со надгласување (Закон за ЈО, Изборен законик, реформи во судство, и слично). Дополнително, можноста за почеток на преговори со ЕУ не треба да се занемари (дури и ако не се случи напролет). После отворањето на преговорите, можно е да има потреба од една широка коалиција за консензуално да се забрзаат проектите кои произлегуваат од таквиот пробив.
ПРЕС24: Во контекст на овие предизборни моменти има еден интересен феномен кој се случува последните денови, а тоа е односот на ДУИ и ВМРО-ДПМЕ, дури и премиерот Заев изјави дека треба да се преиспита коалицијата со ДУИ. Каде води ова? На што е резултат тоа?
АРСОВСКИ: Тензиите во владејачката коалиција се симптоми на стратешки разлики, а сега се интензивираат поради близината на изборите. Суштинскиот проблем е што, за разлика од ВМРО ДПМНЕ, каде коалицијата произведуваше гласови за ДУИ, сегашната коалиција му одзема гласови на ДУИ, бидејќи и СДСМ пледира на албански гласови. Тоа, заедно со неизвесноста на исходот на изборите, прави сегашните коалициски партнери да калкулираат со нивната соработка во овој период.
ПРЕС24: Малку е нелогичен ваквиот однос во владината коалиција, особено што ништо не навестуваше ваква ситуација. Во тој контекст, можно ли е сепак ова да е игра на власта. На пример со цел да се канализираат дел од гласачите Албанци кои се негативно настроени од ДУИ, кон СДСМ, наместо кон албанската опозиција. Тоа на пример би и донело на СДСМ можност да ја намали, или анулира разликата со ВМРО –ДПМНЕ, а од друга страна да спречи тие гласачи да се прелеат кај албанската опозиција?
АРСОВСКИ: Таква опција е можна, но не изгледа веројатна – имам впечаток дека разликите помеѓу СДСМ и ДУИ се автентични. Ваков маневар бара високо ниво на политичка доверба (односно ветување од ДУИ дека после изборите нема да коалицира со ВМРО ДПМНЕ под било кој услов) за кое сметам дека во моментов не постои, ниту пак може на било кој начин да се гарантира.
ПРЕС24: Зоран Заев по Нова Година ќе замине од премиерската функција. Дали тоа може да биде и крај на неговата политичка кариера?
АРСОВСКИ: Доколку ги изгуби изборите такво сценарио е можно. Прашањето е дали би прифатил премиерска позиција на добиени избори, или би одел на некакво проветрување во СДСМ. На тоа прашање, кај политичарите, најчесто предвидувањето е невозможно.
ПРЕС24: Според многумина Заев е можеби единствената личност која директно на себе ги носи сите политики на актуелната власт, од крупните државни одлуки кои беа носени, па се до ситни локани проблеми. Во тој контекст, дали Заев беше политичар за една употреба, или личност која историјата ќе ја вброи во визионери на една не доволно разбрана политика?
АРСОВСКИ: Точно е дека тој плаќа висока политичка цена поради концентрацијата на одлуките. Во основа, политичкиот компас на Заев покажува во вистинска насока: решавање на проблемите со соседите, пробив во евроатлантските интеграции, ослободување на медиумското известување и поголема транспарентност, дури и за грешките, отворање на посериозните случаи за криминал и корупција, дури и кај своите, отворање на проблемите во судството, изборните реформи и слично. Проблемот е што ниту еден од овие проблеми, некаде поради објективни околности, некаде поради низок имплементациски капацитет, немаат формална заклучница, па така, засега, цената е платена, а бенефитите се уште не се „прокнижени“. Дополнителен проблем е неговиот постојан „зен“ пристап, на избегнување авторитарни, конфронтативни потези, кои прават процесите да се одвиваат побавно. Од ова салдо зависи неговото политичко наследство.
ПРЕС24: Во јавноста се појави информација дека СДСМ подготвува план за некакво обединување. Се спомнуваат имињата на Игор Ивановски и на Гордан Георгиев, како личности кои би добиле шанса за политички ангажман. Ако се анализира позадина на оваа информација, дали тука може да се чита реинкарнација на Црвенковски во СДСМ?
АРСОВСКИ: Јас не верувам во таквата приказна. Црвенковски, според сопствените изјави и став, се држи далеку настрана од тековната политика. Би бил многу изненаден доколку таква реинкарнација се случи во било која форма, зашто тоа би било спротивно на се она што досега стигнуваше како порака од кабинетот на поранешниот претседател.
ПРЕС24: Ајде малку за опозицијата. Анкетите, случувањата, како да му даваат лежена позиција на ВМРО-ДПМНЕ и една самоувереност во победа. Но, сепак има еден добар дел гласачи кои се уште не се на јасно што би било кога опозицијата би станала власт со прашањето за на пример Преспанскиот Договор?
АРСОВСКИ: ВМРО ДПМНЕ има три главни оски кои треба да ги адресира: дистанцирањето од Груевски, перцепцијата за албанофобија, и прифаќање на Преспанскиот договор во некаква форма која е возможна. Во таа смисла тие треба да се направат побезбедни за гласање, зашто иако на електоратот не му се допаѓа Преспанскиот договор, истовремено не се подготвени да го загрозат.
ПРЕС24: Ако се анализира политичката улога на Христијан Мицкоски и политиката што ја води, дали денеска ВМРО-ДПМНЕ е подемократска, поевропска, покосмополитска партија од онаа на Никола Груевски?
АРСОВСКИ: Секако, но дистанцирањето од Груевски треба да биде понагласено. Реформите се во вистинска насока, но треба да се засилат и да се водат стратешки, со проценка за вкупната насока во која ќе се движи гласачкото расположение.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа