ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ континуирано ги лаже граѓаните, нема ништо од ветувањата за 500 евра плата

СДСМ континуирано ги лаже и манипулира граѓаните. Нема ништо од ветувањата за 500 евра плата. Додека обичниот граѓанин едвај врзува крај со крај, СДСМ ги субвенционира газдите на фирмите, е вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Кирил Колемишевски од СДСМ.

„Законот за субвенционирање на придонесите за здравствено и социјално осигурување не функционира. Доказ за нефункционалноста е фактот што околу 1.300 работодавачи не го оствариле ова право заради технички проблеми.

Економијата тоне. Намалената е продуктивноста во индустријата, а паѓаат и останатите економски индикатори. На помошни апарати функционира домашното стопанство токму поради несоодветните и катастрофалните мерки на владата во делот на економијата. Лани германските компании кои што работат во земјата ја оценија работата на владата во економскиот дел со една огромна нула.

Поразителна е статистиката која вчера ја објави еминентниот економски магазин „Економист“, според која Македонија се наоѓа на третото место во светот по стапката на невработеност на младите луѓе од 15 до 24 години. Македонија е трета во светот со стапка на невработеност од енормни 44,7 проценти.

Странските инвестициите се очајно ниски, а за периодот јануари -септември 2019 изнесуваат 131,3 милиони евра (пад од 133% во однос на истиот период од 2018 година). Инвестициите од Република Македонија во странство изнесуваат 18 милиони евра (пораст од 160%). Ова претставува сериозен индикатор дека не само што нема странски инвестиции во земјата, туку дека капиталот се плаши и бега од нашата држава.

Реализацијата на капиталните инвестиции изнесува очајни 40% заклучно со месец октомври. Дополнително извозот доживеа огромен пад, најголем во последните 5 години.

ИТ секторот за првите три квартали од 2019 година забележува пад од 3,2%.

Сето ова претставува резултат на политиката на прогресивен данок што доведе до иселување на младите кои во најголем дел работат во ИТ секторот.

Граѓаните се разочарани и револтирани од игнорантскиот однос на владата во кој само цените и давачките растат додека стандардот на живеење се повеќе паѓа. СДСМ не донесе подобрување во ниту еден сегмент во државата и живеењето на граѓаните. СДСМ и нивните погубни политики мора да си заминат што побрзо за Македонија да може да оди напред. Граѓаните заслужуваат сигурна и просперитетна иднина, а не ова сивило кое им го донесе СДСМ и Заев“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.12.2019 - 18:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега