Трајко Славески: Препорачувам помошта да почне уште од овој месец
Универзитетскиот професор и поранешен минстер за финансии, Трајко Славески смета дека државата несериозно ја сфатила заканата од корононавирусот и задоцнето почнала на реагира за ублажување на економските последици кои ќе ги претрпи Македонија. Во интервју за Прес24, вели дека негова лична проценка е оти кон средината на јуни ќе се нормализира животот на европскиот континент, на Балканот и кај нас, со што ќе се создадат услови за обновување на економската активност таму каде што претходно замрела, но во најоптимистичко сценариот економијата во државата ќе падне меѓу 5 и 7 отсто од БДП.
-Сѐ разбира, со превземање на сите неопходни заштитни мерки кои ќе ги препорачаат здравствените власти. Ќе дојде до постепено обновување на синџирите за снабдување на нашите капацитети во автомобилската, електронската, металопреработувачката, прехрамбената и други индустрии. Полека ќе заживее угостителството, но не и туристичката дејност. Тие можат да сметаат на целосно пропуштена сезона. Под овие претпоставки, ценам дека загубата во БДП би била по 1 отсто месечно, со продолжена забавена активност во наредните неколку месеци, што се заедно би значело дека 2020 година на економски план би ја завршиле со 3-4 отсто пад на БДП, при оптимистичко сценарио, и некаде меѓу 5 и 7 отсто пад на БДП при попесимистичко сценарио, вели Трајко Славески во интервју за Прес24.
Професорот советува дека дека ниту еден граѓанин на Македонија не смее да остане без средства за живот како последица на кризата ио дека не смее да се дозволи ниту еден мал или семеен бизнис да пропадне не по своја вина, под налетот на рецесијата.
-Тука треба да се опфатат и неколкуте десетици илјади наши граѓани кои се регистрирани како самовработени лица. Од она што го слушам, мислам дека се испушта од вид и планираните мерки за поддршка на формите оваа категорија наши сограѓани во, претежно во услужните сектори, на чиишто услуги сме навикнале во секојдневниот живот, вели Славески во интервјуто потсетувајќи дека помошта треба да биде строго таргетирана кон сите оние кои трпат штети или поради мерките на владата насочени кон заштита на јавното здравје (затварањето на угостителски објекти, рестрикции во транспортот, затварање на спортски и културни објекти, приватни образовни институции и сл.
-Следат компаниите чијшто извоз замира, секнуваат нарачките од странските купувачи, или времено прекинуваат со работа поради прекинот во глобалните синџири за снабдување и тешкотиите во одвивањето на меѓународниот транспорт. Укажувам дека поддршката за плати на вработени чиишто претпријатија веќе престанаа со работа по каков било основ, препорачувам помошта да започне уште од тековниов месец, март. Мојата проценка дека средствата за спроведување на мерките за справување со кризата, вклучително и за месецов што изминува, треба да изнесува околу 1 отсто од БДП, или околу 110 милиони евра месечно, се прифаќа како реална од страна на повеќето субјекти, оценува поранешниот министер за финансии.
Според него нема никаква основаност за паника околу стабилноста на денарот. Бидејќи искуството од минатото покажува дека монетарната политика функционира.
-Го имаме искуството од финансиската криза и Големата рецесија 2008-2009, кризата во Еврозоната 2012 година, превирањата на политички план во Македонија 2015-2017 година каде што и покрај пораст на нервозата кај некои субјекти во земјава девизниот курс остана непроменет и стабилен. Така ќе биде и сега! За разлика од периодот од пред 12 години, сега НБРМ располага со двојно поголеми девизни резерви и е во состојба да спречи каква било промена на девизниот курс, кој, да потсетам, е основното сидро на нашата монетарна политика и инструмент за одржување на ценовната и макроекономската стабилност. Како и во минатото, сите штедачи кои ќе се одлучат да ги повлечат своите заштеди од банките или да ги конвертираат денарите во евра или некоја друга валута, само се изложуваат на непотребни трансакциски трошоци и ризици, вели Трајко Славески, универзитетски професор и поранешен министер за финансии во интервју за Прес24.
ПРЕС24: Професоре како ја оценувате актуелната состојба во државата, пред се на економски аспект. Стопанството бара итна помош. Здравствената криза, речиси сигурно станува економска криза. Рецесијата веројатно е извесна?
СЛАВЕСКИ: Измина еден месец од првиот регистриран случај заразен со вирусот SARS-CoV 2 во нашата земја. Претходно гледавме што се случува во градот Вухан во НР Кина со избувнувањето на заразата и нејзиното прераснување во глобална пандемија. Северна Италија, особено областите на Ломбардија и Венето станаа новите светски жаришта на пандемијата. Како и многупати досега, ние бевме „имуни на реалноста (ова е насловот на мојата најнова книга) мислејќи дека сето ова се случува на друго место и дека ќе не одмине. И доколку здравствените власти во земјава права какви-такви подготовки, следејќи ги препораките на СЗО (Светска здравствена организација), економските ресори во владата целосно потфрлија, безмилосно трошејќи буџетски средства сѐ до средината на март, успевајќи во првите два месеци од годината да реализираат дури 25% од предвидениот буџетски дефицит за цела 2020 година. Не размислуваа за дизајнирање на каков било план за пресретнување на првите удари од кризата врз македонската економија.
За само две недели на сите им стана јасно дека покрај здравствената криза, претстои сериозна економска закана. Од досегашните искуства со вирусни пандемии и епидемии во светот во изминатите стотина години може да се заклучи дека здравствената криза и економската рецесија се меѓусебно поврзани и се обусловени. Постои една суштинска разлика – здравствената криза од пандемијата е привремен шок, кој може да трае од неколку месеци до две години, како што беше случајот со пандемијата со Шпанскиот грип 1918-1920 година, непосредно по завршувањето на Првата светска војна и со еболата (2014-2016 година) во неколку африкански земји. Но, економската рецесија може да биде остра и долготрајна, особено ако не биде пресретната со брзи, навремени и робусни мерки од страна на надлежните владини институции.
Пред неколку дена од страна на ММФ беше наведено дека светската економија влегла во рецесија. Истото се однесува и за македонската економија. Дека сме соочени со сериозен застој на економската активност е видливо и со голо око.
ПРЕС24: Кои се Вашите проценки колкави ќе бидат економските штети?
СЛАВЕСКИ: Не постои методологија за попрецизно мерење на економските штети, особено не на самиот почеток од настапувањето на рецесијата. Помага тоа ако методолошки ги раздвоиме директните и индиректните ефекти, од една страна, и краткорочните и долгорочните ефекти, од друга. Едно е јасно, економските последици ќе се чувствуваат значително подолго и во периодот по спласнувањето на пандемијата со болеста COVID 19. Понатаму, сѐ зависи колку ќе трае потребата од „социјално раздалечување“ за забавување и спечување на ширењето на заразата со новиот корона вирус. Моја лична проценка е дека кон средината на јуни ќе се нормализира животот на европскиот континент, на Балканот и кај нас, со што ќе се создадат услови за обновување на економската активност таму каде што претходно замрела. Сѐ разбира, со превземање на сите неопходни заштитни мерки кои ќе ги препорачаат здравствените власти. Ќе дојде до постепено обновување на синџирите за снабдување на нашите капацитети во автомобилската, електронската, металопреработувачката, прехрамбената и други индустрии. Полека ќе заживее угостителството, но не и туристичката дејност. Тие можат да сметаат на целосно пропуштена сезона.
Под овие претпоставки, ценам дека загубата во БДП би била по 1 отсто месечно, со продолжена забавена активност во наредните неколку месеци, што се заедно би значело дека 2020 година на економски план би ја завршиле со 3-4 отсто пад на БДП, при оптимистичко сценарио, и некаде меѓу 5 и 7 отсто пад на БДП при попесимистичко сценарио.
ПРЕС24: Ако бевте Вие мнинистер за финансии што прво ќе направевте?
СЛАВЕСКИ: Прво, би ја предупредил владата на надоаѓачката здравствена криза и економска рецесија многу порано, уште во првата декада од февруари и на тоа би ги приспособил буџетските издатоци во периодот кога буџетот бележеше солидни приливи. Второ, би побарал итно да се подготви план за пресретнување на штетите од економската криза. Јас за ова директно во дебата на една национална телевизија, емитувана на 4 март оваа година, ја предупредив актуелната министерка за финансии Нина Ангеловска со зборовите дека „надежта дека кризата ќе не одмине не план“. Дури укажав, колку што го дозволуваше тоа времето и контекстот, на првичните мерки што треба да се планираат за обезбедување со приходи на лицата кои ќе останат без работа, неопходната поддршка за претпријатијата, пред сѐ преку одлагање на обврските по основ на даноци и социјални придонеси и сл.
Трето, уште тогаш, значи на почетокот од март, цели три недели пред да се регистрира првиот случај на заразен со новиот корона вирус во Македонија, би подготвил план за обезбедување на финансиски средства од надвор заради очекуваниот колапс на буџетските приходи. И четврто, низ интерни средби со стопанските комори и со синдикатите би градел консензус околу мерките за поддршка за зачувување на работните места и за одржување на најголемиот дел од претпријатијата во периодот од наредните неколку месеци. Така, сега при крајот на март, не само што ќе имавме конзистентен план за борба со економските последици од економската рецесија, туку сите мерки ќе беа во функција, што во голема мерка би ја зголемило довербата на граѓаните во институциите и би спречило ширење на паника.
ПРЕС24: Една изјава на министерката за Финансии неодамна ми остана збунивача. Вели меѓу здравјето и економија, Владата го избра здравјето. Можно ли е воопшто да се прави ваков избор?
СЛАВЕСКИ: Сите сме согласни дека здравјето на граѓаните треба да претставува прв приоритет, но тоа не може во никој случај да биде сочувано доколку не преземеме мерки за зачувување на економијата. Овие две цели се нераздвојни и така треба да се дизајнираат сите политики. Прво, да се обезбедат сите неопходни материјални и финансиски средства за здравствените работници кои се на првата линија на фронтот борба со пандемијата, водејќи сметка за максимална нивна заштита во овој тежок процес. Второ, максимален ангажман на другиот фронт – поддршка на доходите на вработените во погодените сектори од кризата, заштита од пропаѓање на малите и семејните бизниси, поддршка на големите компании да се способни да направат брз рестарт веднаш по спласнувањето н пандемијата и сл.
ПРЕС24: Има ли излез од оваа ситуација, ако се има предвиди дека општеството може да остане затворено и повеќе од еден или два месеци?
СЛАВЕСКИ: Се разбира дека има излез! Со паметна, одговорна и навремена политика од страна на владата и целосна кооперативност, проследена со максимална дисциплина од страна на сите нас, оваа епизода во втората половина од годината би можела да изгледа само како грд сон.
ПРЕС24: Проблемот не е само внатрешен. Голема е веројатноста од оваа криза, без разлика колку ќе трае, многу компании да исчезнат. Пред се мали и средни бизниси. Кој би бил нај соодветен одговор на тоа?
СЛАВЕСКИ: Покрај диктумот дека ниту еден граѓанин на Македонија не смее да остане без средства за живот како последица на кризата, така не смее да се дозволи ниту еден мал или семеен бизнис да пропадне не по своја вина, под налетот на рецесијата. Тука треба да се опфатат и неколкуте десетици илјади наши граѓани кои се регистрирани како самовработени лица. Од она што го слушам, мислам дека се испушта од вид и планираните мерки за поддршка на формите оваа категорија наши сограѓани во, претежно во услужните сектори, на чиишто услуги сме навикнале во секојдневниот живот. Мерките за поддршка се познати: пристап до бескаматни кредити за ликвидност, одлагање на обврските по основ на даноци и придонеси, запирање на извршувањата и сл.
ПРЕС24: Треба ли да се направи некаква градација на компаниите, бидејиќи има кои трпат директни штети и има такви кои пробуваат да ќарат од ситуацијата?
СЛАВЕСКИ: Се разбира дека треба и за тоа надлежните институции располагаат со прецизни показатели. Помошта треба да биде строго таргетирана кон сите оние кои трпат штети или поради мерките на владата насочени кон заштита на јавното здравје (затварањето на угостителски објекти, рестрикции во транспортот, затварање на спортски и културни објекти, приватни образовни институции и сл. Следат компаниите чијшто извоз замира, секнуваат нарачките од странските купувачи, или времено прекинуваат со работа поради прекинот во глобалните синџири за снабдување и тешкотиите во одвивањето на меѓународниот транспорт.
ПРЕС24: Вие сте дел од Економскиот совет што го формира Владата. Одржавте два состаноци. Какви мерки предлагате Вие?
СЛАВЕСКИ: Како економист и поранешен министер за финансии со искуство во справувањето со последиците од финансиската криза и Големата рецесија од 2008-2009 година, на првиот состанок мислам дека придонесов да се кристализираат ставовите околу карактерот и тежината на економската криза, предизвикана од налетот на пандемијата со новиот корона вирус и да се постават основните принципи при дизајнирање на мерките за поддршка на економијата и на граѓаните. Тие ставови ги имам во изминатите неколку недели промовирани преку медиумите кои ми дале простор за тоа. За разлика од некои други субјекти, укажувам дека поддршката за плати на вработени чиишто претпријатија веќе престанаа со работа по каков било основ, препорачувам помошта да започне уште од тековниов месец, март. Мојата проценка дека средствата за спроведување на мерките за справување со кризата, вклучително и за месецов што изминува, треба да изнесува околу 1 отсто од БДП, или околу 110 милиони евра месечно, се прифаќа како реална од страна на повеќето субјекти.
ПРЕС24: Кои се вашите оценки дали овој Совет соодветно ќе може да одговори на криата?
СЛАВЕСКИ: Овој економски совет е ad hoc и не гледам дека поставеноста , надлежностите и амбициите на иницијаторот на неговото формирање одат подалеку од тоа техничкиот премиер и економските министри да го слушнат мислењето и евентуалните предлози за мерки кои доаѓаат од наши врвни економисти, менаџери и претставници на стопанските комори. Целокупната одговорност за дизајнот, квалитетот и навременоста на мерките за поддршка на економијата и граѓаните за полесно справување со кризата паѓа на товар на Владата.
ПРЕС24: ВМРО-ДПМНЕ, како политичка партија нуди некои идеи кои треба да овозможат помош. Има ли расположение во Владата за овие мерки?
СЛАВЕСКИ: И покрај тоа што навидум постои консензус дека во овој период партиските интереси треба да се стават на страна и сит да придонесат во ублажувањето и надминувањето на сериозните последици од здравствената криза и економската рецесија, гледаме дека за некои ова е само декларативна заложба, затоа што речиси сите предлози што доаѓаат од најголемата опозициска партија и нејзините високи функционери уште истиот ден се дочекуваат на нож од страна на владејачкиот СДСМ.
ПРЕС24: Шефицата на ММФ препорача зголемување на потрошувачката со цел спас на економијата. Дали тоа е добро решение и дали би ја отворило инфалторната спиала?
СЛАВЕСКИ: Потрошувачката е важен елемент во формирањето на БДП и таа треба максимално да се одржи, затоа што функционирањето на голем број бизниси и одржувањето на огромен број работни места во земјава зависат од можноста на граѓаните да ги задоволат основите животни потреби и во услови на криза. И по преземањето на максимум мерки за надминување на кризата нашата монетарна власт располага со инструменти за контрола врз стапката на инфлација која по нормализацијата на состојбите со пандемијата и заживувањето на економијата се проектира само маргинално да се зголеми.
ПРЕС24: Дали е потребна итна даночна реформа за да се ублажи шокот. И во кој правец?
СЛАВЕСКИ: Во моментов ниту една земја не планира промена во даночниот систем, а тоа не е приоритет ниту во Македонија.
ПРЕС24: Дали паниката во јавноста може да предизвика девалвација на денарот и дали НБРМ во моментов располага со доволно ресурси за да може соодветно да одговори на таквата паника?
СЛАВЕСКИ: Режимот на девизен курс во Македонија се потврди дека добро й служи на земјата и во нормални околности, па дури и во услови на економски кризи. Го имаме искуството од финансиската криза и Големата рецесија 2008-2009, кризата во Еврозоната 2012 година, превирањата на политички план во Македонија 2015-2017 година каде што и покрај пораст на нервозата кај некои субјекти во земјава девизниот курс остана непроменет и стабилен. Така ќе биде и сега! За разлика од периодот од пред 12 години, сега НБРМ располага со двојно поголеми девизни резерви и е во состојба да спречи каква било промена на девизниот курс, кој, да потсетам, е основното сидро на нашата монетарна политика и инструмент за одржување на ценовната и макроекономската стабилност. Како и во минатото, сите штедачи кои ќе се одлучат да ги повлечат своите заштеди од банките или да ги конвертираат денарите во евра или некоја друга валута, само се изложуваат на непотребни трансакциски трошоци и ризици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа