Лукаревска: 5 јули е датумот кога ќе се случат изборите

 

Денеска уште еднаш констатиравме дека сите мораме да преземеме одговорни чекори, и како граѓани и како политички субјетки, за државата, институциите и политичкиот систем ги извадиме од оваа крајно комплицирана состојба, истакна денеска на прес-конференција носителката на кандидатската листа на СДСМ во Изборната единица 2, Сања Лукаревска.

 

-Ние, за жал во овој момент немаме активно Собрание – Домот на граѓаните, Народниот парламент, клучниот демократски механизам, во моментов не постои и нема начин да се врати во функција, освен преку избор на пратеници. На нашата парламентарна демократија, на нашата економија, но пред се на јавното здравје, и на сите наши граѓани, на сите, ни е потребно ново активно Собрание. За да можат да се носат сите неопходни одлуки за менаџирање на здравствената и економската криза, рече Лукаревска.

 

Вели дека 5 јули е датумот кога ќе се случат изборите, тоа се 22 дена по завршување на вонредната состојба, што според неа, е согласно законот.

 

-Ние немаме право и не смееме да ги ставиме граѓаните во позиција да бираат дали ќе одат на одмор или ќе одлучуваат на избори и затоа изборите треба да се случат веднаш, согласно законските рокови. Никој од нас, ниту институција, ниту партија, не смее да си дозволи да ги става во конфликт правото на глас и правото на одмор – на ниту еден граѓанин не смее да му се става под знак прашалник годишниот одмор и да му се загрозува заради некакви идеи за избори среде лето. И обратно, на ниту еден граѓанин не смее да му биде загрозено правото на избор и правото на демократски глас, заради неразумните идеи за избори да се организираат среде лето, кога најголем дел од граѓаните одат на одмор. Затоа, според законските прописи изборите треба да се одржат на 5 јули, рече Лукаревска.

 

Вели дека државата и институциите покажаа капацитет за справување со последиците од коронавирусот и се подготвени да огранизираат изборен процес со максимална заштита на сите учесници во него.

 

-На 5 јули граѓаните согласно сите мерки за заштита ќе го искористат своето право на глас и ќе обезбедат целосно функционални и легитимни институции. Само целосно функционални институции, со завршени избори позади нас, можат да ја спроведат новата развојна македонска економија. Фукционални институции, за нова македонска економија, се неопходни за поттикнување на приватната потрошувачка на граѓаните, за да може повеќе да се троши, за подобро да се живее и повеќе да се работи. За заштита на постоeчките, и креирање на нови работни места, особено во секторите кои ќе ја употребат дигитализацијата. За зголемена конкурентност на нашите компании на домашно, регионално и глобално ниво. За интервентно активирање на домашниот туризам. За промоција на нови земјоделски култури и поддршка на земјоделците за уште поголем квалитет и обем на домашно производство. За развој на економските дејности со воведување ИТ и онлајн активности и алатки. За стимулирање и зголемување на безготовинските и онлајн плаќања, како инструмент за сузбивање на сива економија, посочи Лукаревска.

 

Вели дека е време да се завршат изборите и да продолжиме напред со полн капацитет.

 

Лукаревска: 5 јули е датумот кога ќе се случат изборите

Posted by Press Vesti on Sunday, 31 May 2020

31.05.2020 - 13:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега