Неизвесни се следните потези на медијаторот Нимиц

Неизвесни се следните потези на медијаторот во грчко-македонскиот спор за името, Метју Нимиц. По неуспешните преговори во седиштето на ОН во Њујорк, Нимиц кажа дека не знае како понатаму, а и претставниците на Македонија и Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, не дадоа најави за нова средба.

Грчкиот претставник Василакис, грчката новинарска екипа во Њујорк, истакна дека на средбите не била донесена одлука дали Нимиц  би свикал нова средба во Обединетите нации или би го посетил регионот, и кога би можело да се очекува таков потег.

Медијаторот Нимиц по средбите изјави дека сеуште постојат сериозни разлики меѓу двете земји по прашањето на спорот.

- Претставниците на двете страни зборуваа меѓу себе за отворените прашања. Како што знаете, јас претставив еден документ во април за кој разговаравме отворено при мојата посета на регионот. Темелно разговаравме за мојата посета на регионот, да ги видиме кои се ставовивте во врска со ова прашање и можностите за постигнување решенија. Имавме доста отворена дискусија но неможам да кажам дека е постигнат договор. Имаме добри идеи на масата, но се уште има сериозни разлики меѓу двете страни и тоа не го негирам, рече Нимиц.

Нимиц потврди дека главно прашање на недоразбирање меѓу Македонија и Грција е опсегот на употребата на евентуалното ново име откако Атина, за време на неговата посета на регионот во септември, соопшти дека за неа е прифатлива единствено формулата ерга омнес – едно име за сите употреби.

- Владата во Атина имаше забелешки за мојот предлог. Потоа и Владата во Скопје имаше свои забелешки и ставови. Едно од прашањата е опсегот во кој би се користело името, доколку претпоставиме да имаме согласност за име, каде би се користело тоа, во која форма, колку опширно. Јас претставив мој предлог за тоа, а имаше различни ставови во Атина и во Скопје. Тоа што двете страни имаат силно изразени мислења дали сакаат или не сакаат нешто во мојот предлог, не значи дека во целост ќе го заборавиме предлогот, изјави Нимиц.

Претставникот на Обединетите нации остави отворена врата за македонскиот предлог за организирање разговори на високо ниво, меѓу премиерите на двете земји, предлог кој Грција засега го одбива. Овој предлог, претседателот на македонската Влада Никола Груевски го претстави на средбата со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун во септември.

- Разговараме за различните форуми за разговори, тоа секогаш е можност, изјави Нимиц. Од Обединетите нации за МИА велат дека генералниот секретар, доколку процени дека тоа е потребно и доколку двете страни се согласни, може да донесе одлука и лично да се ангажира за да го поттикне придвижувањето на разговорите напред. 

26.10.2013 - 10:46

најчитано сега