Пораз на Македонија на деби настапот на ЕП и покрај одличната игра
Македонските фудбалери со пораз го почнаа дебитантското Европско првенство, иако на натпреварот со Австрија покажаа дека не се отидени во Букурешт на шетање.
Само десетина минути ги делеа македонските рисови од првиот бод на ЕП, меѓутоа искуството на Австријците се покажа клучно. Резервистите Грегорич и Арнаутовиќ ѝ пресудија на Македонија за конечен резултат 3-1.
Австија прва ја затресе мрежата во 18. минута преку Штефан Лајнер кој го искористи одличниот центаршут на Марсел Сабицер.
9 минути подоцна Пандев одлично го искористи „подарокот“ од Давид Алаба и го постигна првиот историски гол за Македонија на едно Европско првенство.
Во второто полувреме „рисовите“ почнаа енергично и во почетокот беа поопасни. Меѓутоа, замените си го направија своето. Во 78. Минута Грегорич го искористи перфектниот центаршут на Алаба и го матираше Димитриевски. 12 минути подоцна Арнаутовиќ ја искористи конфузијата во македонската одбрана и го постигна конечниот гол за 3-1.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа