Опозицијата оваа година со двојно помалку амандмани за Буџетот
Собраниската Комисија за финансирање и буџет од утре ќе започне со разгледување на Предлог-буџетот за 2014 година и 684-те амандмани поднесени од опозициските партии од кои најмногу има од СДСМ - 316, НДП 178, ДПА 150, ПЕИ 33 и НСДП седум.
Се очекува претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Марјанчо Николов утре да одржи координација за текот амандманската расправа.
Според измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Собранието од февруари оваа година, претресот по предлогот за буџетот на седницата на матичното работно тело и на Законодавно-правната комисија може да трае најмногу вкупно десет дена. Член на работното тело и пратеник во текот на општиот претрес може да говорат повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата во општиот претрес може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути. Пратеникот во текот на претресот по амандманите може да говори само еднаш во траење од десет минути. Координатор на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група или од координаторот на пратеничката група во претрес по амандман може да говори само еднаш во траење од 15 минути. Претставникот на Владата во однос на прифатливоста на амандман може да говори само еднаш во траење од пет минути.
Дополнетиот предлог по претресот во матичното работно тело и Законодавно-правната комисија го подготвува Владата. Дополнетиот предлог на Буџетот претставува нов интегрален текст во кој Владата ги вградила амандманите со кои се согласила и потребните изменувања и дополнувања на предлог на Буџетот. Кон дополнетиот предлог на Буџетот се доставува и образложение.
Според Владата, предложениот буџет за наредната година е развоен и предвидува раст на капиталните инвестиции за 20 проценти. Буџетот во наредната година ќе изнесува 176,5 милијарда денари. Приходите се планирани на 158 милијарди и 200 милиони, а буџетскиот дефицит 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори. И на приходната и на расходната страна има зголемување за 7 проценти во однос на годинашниот буџет. Предвидува раст на капиталните инвестиции, платите, пензиите, социјалните додатоци, земјоделските субвенции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа