Бритни Спирс: Нивната цел е да направат да се чувствувам како луда

 

Некогашната принцеза на поп-музиката, Бритни Спирс, во средата (14 јули) го доби правото да избере свој адвокат за да ѝ помогне да стави крај на 13-годишниот конзерваторски надзор, и со солзи го повика судот веднаш да го отстрани татко ѝ од улогата на контролор на нејзините финансиски и животни одлуки.

Нејзиниот татко, Џејми Спирс, е главна фигура во конзерватскиот надзор уште од 2008 година, откако Бритни имаше нарушување на менталното здравје. Тој во моментов е единственото лице задолжено за нејзиниот имот вреден 60 милиони долари.

„Му дозволувате на татко ми да ми го уништи животот,“ му рече Спирс по телефон на судијата во Лос Анџелес. „ Морам да се ослободам од татко ми и да го обвинам за злоупотреба на конзерваторството.“

Зборувајќи околу 10 минути во средата, Спирс (39) му рече на судијата дека отсекогаш многу се плашела од татко ѝ, пренесуваат американски медиуми.

Таа исто така е презаситена од безброј психолошки проценки во последните 13 години и сака конзерваторството да заврши.

„Јас не сум совршена личност … но нивната цел е да направат да се чувствувам луда“, рече Спирс. Детали за проблемите со менталното здравје на Спирс никогаш не беа јавно објавени.

Судијата на Врховниот суд во Лос Анџелес, Бренда Пени, во средата му одобри на поранешниот федерален обвинител Метју Розенгарт да ја застапува Спирс. Претходниот адвокатот назначен од судот се повлече од функцијата минатата недела.

Бритни во повеќе наврати се обиде да го отфрли конзерваторството, но досега не успеа да издејствува ниту правна ниту финансиска слобода. Таа тврди дека правната спогодба, која во изминатите 13 години им овозможува на други луѓе контрола врз нејзиниот живот, се должи на желбата за профит, а не поради загриженост за нејзината безбедност.

Макфакс

15.07.2021 - 10:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега