Од Министерството за транспорт и врски реагираат - Димитриевски манипулира со јавноста

Максим Димитриевски член на извршниот одбор на СДСМ манипулирал кога наведе дека министерот за транспорт и врски продал спротивно на законот земјиште по цена спротивна на Уредбата за висина на цената на градежното земјиште, реагираат од Министерството за транспорт и врски.

„Овие изјави ги толкуваме како обид за манипулација на јавноста со лиферување на невистини кои имаат за цел дискредитирање на успешното работење на Министерството за транспорт и врски во делот на управувањето со градежното земјиште и привлекување на нови инвестиции во општините, без разлика од која партија е градоначалникот или мнозинството на советот во единицата на таа локална самоуправа. Претставници на СДСМ се обидоа претходно овие информации да ги пласираат преку локалните медиуми, па во советот на општината и сега на прес-конференција, а очекуваме истите наводи да ги чуеме и во Собранието, при што јасно е дека се водат од максимата „сто пати повторена лага станува вистина“.

Сакаме да ја информираме јавноста дека постапките за отуѓување на градежното земјиште за локациите на кои се однесуваат овие изјави, се спроведени врз основа на важечката законска регулатива, а пред се врз основа на податоците кои претходно ни ги доставиле од општина Куманово. Согласно изводот од урбанистичката документација, кој е издаден со потписи и печат од самата општина, овие локации се наменети за изградба на објекти за лесна и незагадувачка индустрија (Г2) и за истите не се предвидени компатибилни класи на намени.

Почетната цена на градежното земјиште наменето за изградба на објекти за лесна и незагадувачка индустрија без компатибилни класи на намени изнесува 61 денар за метер квадратен и тоа е согласно Уредбата за  висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп.

Дополнително на ова, ја информираме јавноста дека општина Куманово повеќе од една година го има правото да располага со државното неизградено земјиште и целокупната документација која се однесува на овој сектор од страна на Министерството за транспорт и врски е предадена на општинските служби. Предметите за кои лажно не обвинува претседавачот на општина Куманово, се солемнизирани од страна на овластено лице од градоначалникот, а самиот градоначалник и склучил еден од тие четири договори кој е воден по истата постапка, па оттука и се поставува прашањето како тогаш сметале дека земјиштето не е отуѓено спротивно на законите.

Според методологијата за утврдување на почетната цена на јавното наддавање, доколку за определена локација е предвидена градба на објект кој нема компатибилни намени, истата се отуѓува според основната цена предвидена во Уредбата, а доколку има компатибилни намени, тогаш се пресметува 70% од цената за основната  намена, а 30% од цената за компатибилната класа на намени.

Оттука, може само да се констатира дека ваквите настапи на претставници на СДСМ имаат за цел да го прикријат неуспешното менаџирање на локалната самоуправа со државното земјиште на територијата на општината и да фрлат магла врз активностите кои биле преземени од страна на Министерството за транспорт и врски за реализација на нови инвестиции во општината кои значат подобар економски раст и нови вработувања.

Бараме од Максим Димитриевски, кој дополнително ја врши и функцијата претседател на Советот на општина Куманово да се запознае со законските прописи кои се однесуваат на управувањето и документирањето со градежното земјиште, да престане во јавноста да лиферува неточни наводи и да се извини за изречените лаги кои се однесуваат на работењето на Министерството за транспорт и врски.

Во прилог на ова соопштение ви доставуваме копии од изводите од планската документација за наведените локации, кои се доставени од општина Куманово од кои е јасно дека истите се наменети за изградба на лесна и незагадувачка индустрија и немаат компатибилни класи на намени и дека за овие локации е издадено одобрение за градење со извод без компатибилни класи на намени за што е извршен и надзор од надлежна комисија која констатирала дека истото е во согласност со законските прописи и целокупната документација.

 

15.11.2013 - 16:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа