Сарачини: Со правилниците за одредување на цените за енергетските контроли до отварање нови работни места
Министерот за економија, Ваљон Сарачини, денеска истакна дека Агенцијата за енергетика преку посебни правилници ќе ги определува цените за спроведување обуки и испити за енергетски контролори и за спроведување енергетски контроли, со што ќе се отворат нови работни места, ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се заштити животната средина.
Со обуките кои ќе ги спроведуваат домашни и странски експерти, ќе се создаде кадар, кој потоа ќе ги обучува физичките лица за добивање лиценца за енергетски контролор. Тој истакна дека секој граѓанин во јануари ќе може да аплицира во Агенцијата за енергетика и да добие лиценца после завршување на обуките, а потоа со лиценцата ќе може да се вработи во компанија овластена компампанија за спроведување на енергетските контроли од Министерството за економија.
- Согласно Законот за енергетика сите државни институции во наредните три години ќе треба да спроведат енергетски контроли. Тоа значи дека во зависност од степенот на енергетската ефикасност, ќе бидат класифицирани и ќе добијат т.н. енергетски пасош. Со тоа во секоја институција ќе се утврди колку енергија троши институцијата, дали троши повеќе од вообичаено и доколку се утврди дека троши повеќе од тоа што е планирано ќе се преземат мерки на заштеда, што во иднина ќе придонесе за намалување на сметките за електрична енергија, рече Сарачини при денешната посета на Агенцијата за енергетика.
Директорот на Агенцијата Лазар Гечевски очекува големи придобивки во процесот на унапредување на енергетската ефикасност и во областа на едукацијата и можноста за нови ангажмани по однос на вработувања.
- Надоместоците за овие активности ќе бидат 18.000 денари за учество на обука, 16.500 денари за полагање и за учество на обука за усовршување на енергетски контролори ќе биде 18.600 денари. Сите овие цени се за физички лица, кои ќе учествуваат во едукација, полагање и добивање сертификат, а се утврдени врз основа на компаративна анализа, во која се опфатени пред се земјите во регионот, истакна Гечевски.
Првите обуки за енергетски контроли предвидено е да бидат спроведени во почетокот на идната година, по што ќе се овластат првите енергетски контролори во Република Македонија и ќе се издадат првите лиценци на компаниите за вршење на енергетски контроли.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа