Светска банка: Македонската економија со најголем раст во регионот
Економскиот раст во Македонија во првата половина на 2013 година е на највисоко ниво во регионот и изнесува 3,4 проценти, а е резултат на силното закрепнување во градежниот и услужниот сектор, се наведува во Редовниот економски извештај за Југоисточна Европа на Светска банка.
Извештајот, кој денеска првпат беше презентиран од Тирана, а кој преку линк го презедоа и останатите земји - БиХ, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија, посчува дека сите шест држави излегле од рецесијата во првата половина на 2013 година, претежно заради извозот ориентиран главно кон Европа.
Во заклучоците од документот се посочува дека просечниот раст на реалниот бруто домашен производ на шесте земји се поврати од негативните 0,7 во 2012 година на 1,8 во првата половина на 2013 и се очекува да достигне приближно два процента до крајот на годинава.
Во Македонија во првата половина на годинава економскиот раст на БДП се наведува, беше највисок во регионот, 2,5 отсто, а во 2014 се очекува дека ќе биде 3 проценти.
На новинарско прашање, Татјана Проскурјакова, директор на канцеларијата на Светска банка во Скопје истакна дека Македонија се уште нема ниво на јавен долг што би излегувал од контрола.
- Се согласувам со ММФ дека ова е нешто на кое Владата треба да внимава. Владата има среднорочна програма за намалување на дефицитот и за стабилизирање на нивото на јавниот долг и сериозно го сфаќа ова прашање, како што треба, рече Проскурјакова.
Македонија, како што истакна Проскурјакова, е земја што успеа да оствари и најголемо намалување на невработеноста во регионот.
- Од една страна на Македонија добро и оди, а од друга страна нема простор за опуштање и треба да се вложуваат уште напори за намалување на невработеноста, рече Проскурјакова.
Според неа, во земјата исто така, нема доволно работни места за младите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа