НБРМ забележа зголемена ликвидност и кредитирање кај банките

 

Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ на вчерашната седница констатираше дека ликвидноста на банкарскиот систем во Република Македонија во ноември е зголемена и банките имаа можност да го пласираат вишокот ликвидни средства во краткорочни финансиски инструменти. На домашните пазари беше забележан пораст на меѓубанкарската активност со депозити, а се тргуваше и на секундарниот пазар на хартии од вредност. На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори.

Во ноември имало забрзување на месечниот раст на кредитите, при што кредитната активност беше насочена и кон корпоративниот сектор и кон секторот „население“ покажуваат првичните податоци за кредитните текови. Со тоа, за првпат по четири месеци, корпоративните кредити бележат месечен раст, констатира Комитетот според кој овие промени се во согласност со проекциите за раст на кредитните текови во последното тримесечје. Сепак, смета и понатаму постојат ризици околу проекцијата на кредитите, кои се поврзани со согледувањата на банките, како и со конзервативните стратегии применувани од големите банкарски групации во македонскиот банкарски систем.

Во соопштението од седницата на Комитетот се наведува дека расположливите високофреквентни показатели за третото тримесечје покажуваат дека економијата и натаму ќе расте, но веројатно послабо во однос на вториот квартал, при можни послаби остварувања во градежништвото и трговијата. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата.

Расположливите податоци за девизните резерви за последното тримесечје укажуваат на нивно квартално намалување, што, како што стои во соопштението, беше очекувано во рамки на проекциите на билансот на плаќања. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуалните, непредвидени шокови.

Во услови на стабилни движења, но кога се уште има ризици поврзани со надворешното окружување и имајќи ги предвид очекуваните ефекти од мерките преземени претходно од страна на Народната банка, беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот што достасува (25.500 милиони денари), а основната каматна стапка на Народната банка да се задржи на постојното ниво од 3,25%.

Народната банка, наведуваат во соопштението, ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.

11.12.2013 - 16:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега