За еден ден 16 сообраќајки во Скопје

 

 

Во последните 24 часа на територијата на Градот Скопје сообраќајната полиција извршила увид на 16 сообраќајни незгоди. Седум од нив резултирале само со материјална штета, а во осум од незгодите имало последица телесни повреди. Со полесни повреди се здобиле пет возачи на патничко моторно возило, еден сопатник, двајца пешаци и еден велосипедист.

Скопјанец бил потешкоповреден во сообраќајна незгода која се случила вчера на улицата „Владимир Комаров“ во близина на крстосницата со булевар „Јане Сандански“. Несреќата се случила кога автомобил „опел астра“ со скопски регистарски таблички удрил во пешак и му нанел потешки повреди.

Според евиденцијата на сообраќајната полиција, се случила уште една незгода со мала материјална штета за која е пополнет Европскиот извештај.

Сообраќајната полиција вчера преземала мерки по прекршоците кои ги направиле пешаците. Исто така, биле преземени мерки и по прекршокот што го направиле возачите кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин. Во оваа насока биле санкционирани 12 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафорот за пешаци. Исто така, биле санкционирани и петмина возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин.

Сообраќајната полиција презела мерки и за 19 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, од нив петмина возачи се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, 10 возачи кои не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосниците, 16 возачи кои непрописно ги паркирале своите возила на автобуските стојалишта, пешачките премини и во зона на крстосница.

Со специјалното возило „пајак“ биле отстранети 30 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Според најавите, сообраќајната полиција на подрачјето на Градот Скопје ќе врши контрола на брзината на движење на возилата и ќе се преземаат мерки против оние возачи кои не ги почитуваат ограничувањата.

За денеска, како што информираат од сообраќајната полиција, вонредни настани нема најавено.

12.12.2013 - 09:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега