Ријана соборува рекорди на „Спотифај“ без да објавува нова музика со години

 

Поминаа седум години откако Ријана го издаде својот последен албум „Анти“, но тоа не ја спречува да соборува рекорди.

Добитничката на „Греми“ е првата жена изведувач чии 10 песни достигнаа 1 милијарда стримови на „Спотифај“ – и покрај тоа што нема издадено албум од 2016 година.

Со рекордот се пофали на социјалните мрежи.

Веста за своето достигнување ја сподели на „Инстаграм“ со потписот Bad Gal billi, што е всушност игра на зборови – billion (анг. милијарда) и името на нејзиниот профил Bad Girl Riri (лошата девојка Рири).

„Без нов албум“, додаде Ријана, која според годинешната листа на „Форбс“ е прогласена за најбогата самореализирана пејачка и најбогата жена под 40 години во САД.

Ријана е добитничка на многубројни награди, а ова не е прв рекорд што го соборува. Таа има освоено девет „Греми“, 13 Американски музички награди (American Music Awards) и 12 музички награди „Билборд“ (Billboard Music Awards).

Славната пејачка е сопственик на шест Гинисови светски рекорди. Пред 13 години стана единствената жена изведувач што имала четири сингла на прво место на американската топ-листа во една календарска година.

Ријана исто така е првата пејачка што имала синглови на врвот на британската топ-листа пет последователни години, од 2007 до 2011 година. За споредба, само Елвис Присли и „Битлси“ имаат повеќе.

04.07.2023 - 18:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега