Дојран заживува - распишана објава за изградба на туристичка развојна зона

 

Министерството за транспорт и врски распиша објава за отуѓување на државно градежно неизградено земјиште во месноста Карач, Стар Дојран. Се работи за парцела со површина од 19,5 хектари на која е дадена можност за изграденост од 50 отсто и максимална висина на објектите до 25 метри.

- Инвеститорот  ќе мора да достави банкарска гаранција во износ од три милиони евра во денарска противвредност за сериозност на понудата која ќе важи се до моментот додека не се платат средствата. Исто така, од него се бара да има годишен обрт на капитал од најмалку пет милиони евра во фискалната 2012 година. Услов е и правното лице кое ќе ја добие зоната да мора да вработи најмалку 150 лица  и да ги задржи минимум три години од моментот кога ќе ги изгради објектите, изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Законот дава и можност Владата да им додели субвенции на корисниците на зоната за почетно инвестирање во материјални и нематеријални средства кои се потребни за преземање на франшиза за ланец на хотели и отворање на работни места, рече Јанакиески.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Кристијан Џамбазовски истакна дека во Македонија е предвидена изградба на уште осум туристички развојни зони од кои три во Охрид - Љубаништа 1,2 и 3, и по една во Калишта крај Струга, Попова Шапка, Кожуф, Отешево и Стење.

- Агенцијата интензивно работи на пронаоѓање на инвеститори за туристичките зони во координација со економските промотори. На саемите за туризам на кои ќе учествуваме во 2014 година веќе имаме поканети потенцијални инвеститори и очекуваме да има голем интерес за туристичките развојни зони,  рече Џамбазовски.

14.12.2013 - 14:15
Фото: 
Региони.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега