Тошковски и Поклукар договорија соработка за создавање ефикасна европска полиција
Република Словенија и нивното Министерство за внатрешни работи се едни од клучните партнери и поддржувачи во реформите кои ги правиме, преку користење на нивното знаење и искуство за новите закони за полиција и внатрешни работи, нагласи денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на средбата со неговиот словенечки колега Боштјан Поклукар во Охрид.
- Отпочнуваме соработка и во нашата иницијатива за отворање на Регионална асоцијација на полициски академии, обуки за полициските службеници со цел професионализација, доедукација со цел креирање на ефикасна европска полиција, појасни Тошковски.
Пријателска Словенија, потенцираше Тошковски, преку министерот Поклукар уште еднаш ја потврдува својата поддршка како еден од нашите најголеми поддржувачи во процесот на евроинтеграции, со тоа што се вложи со целиот тим да бидат на располагање на македонските полициски службеници и МВР во однос на исполнување на сите услови и критериуми од Европската унија.
Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар потенцираше дека и во иднина можеме да сметаме на нивната целосна поддршка како во искуство и знаење, така и во однос на конкретни проекти и ситуации.
- Наша оценка е дека Министерството за внатрешни работи и македонската полиција прават одлична работа и тоа секогаш сум го истакнувал и во Европа како член на Советот на министри за внатрешни работи на Европа. Одличната идеја за Регионална асоцијација на полициски академии ќе ја поддржиме и учествуваме во неа за да креираме професионални полиции на Балканот за побезбеден регион за сите. Ние сме веќе сојузници заедно во НАТО и нашата поддршка ќе продолжи во секој ваш чекор кон приклучување во нашето европско друштво на нации каде е и вашето место, потенцираше словенечкиот министер Поклукарч.
Тој ја нагласи поддршката на Словенија за интегративниот пат на земјава кон Европската Унија и изрази подготвеност за помош и надеж дека заслуженото место на државава во ЕУ ќе дојде што поскоро.
На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на пријателските врски меѓу двете министерства во борбата против организираниот криминал, илегалната миграција, внатрешната контрола и соработката меѓу центрите за обука на полициските службеници.
Македонската делегација на средбата предложи потпишување на меморандум за разбирање меѓу Центарот за обука на МВР и словенечката полициска академија за зајакнување на соработката во областа на образованието и заедничките обуки на кадетите и полициските службеници од двете полиции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа