Ковачевски-Вархеји: Северна Македонија треба што поскоро да е дел од ЕУ, процесот на евроинтеграции се очекува да продолжи
![](https://press24.mk/sites/default/files/styles/large/public/2023/10/16/16102023kovacevskivarhejisredba1.jpg?itok=bkgr6z2b)
На средбата беше потврдена цврста поддршка на ЕУ за проширувањето со земји од Западен Балкан, и беше истакнато дека Северна Македонија, како партнер од доверба и земја која последните шест години направи огромен исчекор во возобновување и развој на демократијата и демократските процеси, треба што поскоро да е дел од Европската Унија.
На средбата се дискутираше и за Планот за раст на Европската комисија, кој што е оценет како добра шанса за Северна Македонија и нашите граѓани кои со овој план ќе почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ уште пред да станеме членка. Како што беше разговарано, со овој план сме поблиску до целта, членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година.
На средбата премиерот Ковачевски истакна дека фокусот на Владата е насочен кон перспективата за членство во ЕУ и дека Владата останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има висока поддршка од граѓаните. Соговорниците изразија надеж дека сите политички чинители ќе ја имаат предвид неповторливата шанса за придвижување на земјата напред и ќе го исполнат барањето на граѓаните, земјата да стане полноправна членка на ЕУ.
Премиерот Ковачевски истакна дека процесот на евроинтеграции не треба да се блокира, пред сѐ имајќи предвид дека тоа е спротивно на волјата на граѓаните, но и поради фактот дека стопирањето на евроинтеграцискиот процес поради неисполнување на обврските од преговарачката рамка, ќе ги закочи и сите процеси на економски и социјален развој неопходни за приближување на македонското општество до европските стандарди на живот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа