Кремљ: Европа и врти грб на Украина

 

Кремљ денеска соопшти дека Европејците почнуваат да и вртат грб на Украина, во време кога континуираната помош предизвикува внатрешни тензии и во ЕУ и во САД.

„Европејците добро знаат дека фрлија пари низ прозорецот“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за руските новински агенции.

Според него, украинскиот претседател Володимир Зеленски е „во многу тешка позиција“. Веќе не добива пари, нема доволно гранати за него од странство и има проблеми дома“, рече тој.

Во последните недели Кремљ се обидува да ги претстави западните земји како необединети околу Украина, по речиси две години војна.

Тонот е многу пооптимистички во Москва по неуспехот на украинската контраофанзива минатата година.

Бојното поле во Украина, кое се протега на околу 1.000 километри, е замрзнато, што и оди во прилог на руската армија, која окупираше речиси 20 отсто од територијата на својот сосед и која во последните неколку месеци успеа да ги зајакне своите позиции, мобилизирајќи ја националната индустрија за да ја снабдува армијата со потребната муниција за продолжување на офанзивата.

Песков во вторникот, исто така, ги поздрави поделбите во американската политичка класа, при што републиканците продолжија да ја блокираат важната помош наменета за Киев.

„Во еден момент (американскиот претседател Џо) Бајден рече дека ова е инвестиција за Американците“, рече Песков, мислејќи на помошта за Украина. „Ако се држиме до тоа (…), тогаш тој е банкрот“.

Украина се плаши од пад на поддршката на Западот, по две години конфликт што го исцрпи јавното мислење и со европските избори во јуни и изборите во САД во ноември кои се приближуваат.

23.01.2024 - 20:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега