Никој во здравството нема да земе плата ако им се намалат 21 отсто примањата на вработените во Фондот за здравство
Вкупно 831 вработен во Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ќе штрајкува, доколку Управниот одбор, постапувајќи по насоки од Владата, им ги намали платите за 21 отсто, сметајќи од почетокот на месецов. По осум месеци преговори минатата година, Синдикатот успеа да издејствува покачување на платите на вработените за 15 отсто. Земале една плата со покачување, а на почетокот на овој месец добиле препорака од Владата платите да се намалат за 21 отсто поради усогласување со усвоениот буџет. Вработените сметаат дека намалувањето на платите за процент поголем отколку покачувањето што го добиле во декември, е под секое достоинство.
„Намалувањето значи 25 отсто од вработените паѓаат под минимална плата и уште 25 отсто доаѓаат на минимална плата, што не е дозволиво за толкава институција, институција која го има најголемиот буџет во Република Македонија, ликвиден. Доколку ги намалат платите се активира одлуката за штрајк која беше донесена во ноември. Апсолутно прекинуваат сите неесенцијални функции на Фондот за здравствено осигурување. Освен по едно лице кое ќе прима документи другите воопшто нема да работат. Тоа во превод значи дека нема да има никакви исплати, ниту за капитација за матични лекари, ниту за лекови за аптеки, ниту за плати во јавно здравство, ниту за лекови во јавно здравство и така натаму“, најави Бранко Аџигогов, претседател на Синдикатот на Фондот за здравствено осигурување при Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Управниот одбор на Фондот денес шести пат се состанува за да донесе одлука за намалување на платите по препораката од Влада. Претседателот на Синдикатот, Аџигогов, вели дека Управниот одбор се мачи да ја донесе одлуката оти е длабоко поделен. Тројца од членовите, како што вели, се цврсто застанати зад Синдикатот, еден е неопределен и двајца гласаат за намалување. За носење на каква било одлука, без разлика дали е за намалување на платите или тие да останат на исто ниво, потребно е мнозинство, односно четири гласа.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека иако е несвојствено за претседател на Синдикат, тој најмалку сака да има штрајк на вработените во ФЗОМ оти најпогодени ќе бидат граѓаните
„Доколку се донесе ваква одлука со намалување, мене и е жал што ќе кажам, ќе патат само граѓаните. Ќе патат луѓето што се на боледувања. Нема да се работи воопшто ништо какви притисоци и да имаме и какви притисоци и да имаат вработените зад нас кои се членови на Синдикатот на УПОЗ“, рече Деаноски.
Тој потсетува дека Фондот е самостојна институција и Владата нема ингеренции да бара нешто од Фондот. Фондот има буџет од близу 46 милијарди денари од кои за плати одат 1,19 отсто.
„Колегите зад мене од подрачната Скопје, имаат најниски плати како административци во државата. Решаваат предмети што се во вредност од и од над сто, двесте и триста илјади евра, и над милион евра. Праќаме луѓе на лекување, имаме доктори, фармацевти, инспектори кои имаат плата од 25-27.000 денари. Тоа е под секое човечко достоинство. Да бидам јасен и гласен, ова барање е од министерот за финансии Фатмир Бесими. Министерот побара, а Владата го поддржа да се намалат платите за 21 отсто. Не знам каде ќе му оди дуата на тој човек. Треба да почне да си ги гледа вработените. Секој ден ни заминуваат колеги, секој ден сме помалку и помалку вработени. Од нас се бара да ги извршуваме можеби најсложените работни задачи од здравственото осигурување во државата што е примарна дејност на Фондот за здравство“, рече Деаноски.
Претставници на Синдикатот и некои од вработените пред зградата на Фондот во Скопје чекаат Управниот одбор да донесе одлука. Велат дека вработените цел јануари доаѓаат на работа иако не знаат за колкава плата работат оти препораката од Владата им стигнала на 4 јануари од кога Управниот одбор се состанува шест пати за да донесе одлука.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа