Лидерски дуел во единицата - два европски фронта ќе ја освојуваат Македонија
Од денеска и официјално е затворена номинацијата за претседателската трка и според поднесените кандидатури граѓаните во првиот круг на 24 април ќе избираат меѓу 7 кандидати. Фаворити за вториот круг се кандидатите кои ги поддржуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот Претседател Пендаровски и Гордана Силјановска кои имаа дуел и во претходниот изборен процес. Покрај нив, во трката се и Ванковска, Османи, Таравари, Димитриевски и Стевчо Јакимовски кој е последното македонско име на американската црна листа.
За парламентарните избори овој процес туку што почнува, а партиите своите официјално листи за шесте изборни единици во ДИК треба да ги достават пред 3 април. Веќе е познато дека лидерскиот дуел во македонскиот политички блок ќе го имаме во единицата каде што покрај Мицкоски кандидатура најави и Ковачевски. Тука за пратенички места ќе се бори и лидерот на Левица Димитар Апасиев.
Албанскиот политички блок очекувано силите ќе ги одмери во шестата изборна единица каде се очекува дуел на Ахмети и Касами.
СДСМ своите листи треба да ги потврди на партискиот Конгрес закажан за во сабота, а ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го направи една недела подоцна на партискиот настан закажан за 31 март.
Извесно е дека СДСМ и ДУИ одат во посебни листи имајќи предвид дека вчера најавија 2 европски фронта. Во едниот Ковачевски ќе бара доверба со традиционалните коалициони партнери, а во другиот, Ахмети заедно со туку што формираната партија на Скендер Реџепи.
Некои поголеми изненадувања не се очекуваат ниту во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Кампањата за претседателските избори почнува на 4 април, за парламентарните 2 недели подоцна на 18 април.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа