Пожарот во неготинско активен, се очекува да интервенира армискиот хеликоптер

 

Пожарот во неготинско, што изби вчера на планината Серта, е се уште активен. Се интервенира од земја, a се очекува во гаснењето да се вклучи и армискиот хеликоптер. Хеликоптерот на МВР кој интервенираше од утринава е повлечен, поради одработени часови. Хеликоптерот Бел-142 во 32 налета исфрли 48 тони вода врз пожарот.

Како што соопшти МВР, се дејствувало на краците од пожарот кои преставуваа опасност да се упатат кон селата Брусник, Калањево и Липа. Доколку има потреба хеликоптерот ќе продолжи да дејствува. 

Од Општина Неготино, каде вчера беше формиран Кризен штаб упатија апел до сите што сакаат да помогнат во пожарот да се пријават на телефонскот број 043361045. 

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информираа дека нема опасност и загрозување на населби, објекти и инфраструктура.

Жителите на неготинското село Липа се вознемирени и велат дека не се дише, бидејќи ветерот носи пепел и чад кон куќите. 

- Не се дише, имам срцеви проблеми. Се плашиме за животот. Пекол е надвор, ветерот носи пепел и чад. Се надеваме дека навреме ќе се реагира и пожарот нема да го пеплоса овој убав крај, рече 62-годишниот Јован Ѓелов за МИА. 

Пожарот избувна вчера околу 10.30 часот на отворено во атарот на  Пепелиште, во близина на армискиот камп за обука Пепелиште, што е составен дел на армискиот полигон Криволак.

Поради сериозноста на пожарот полицискиот хеликоптер кој учествуваше во гаснењето на пожарот кај Велес вчера беше пренасочен кај Пепелиште. 

- Останатите два полициски хеликоптери се на редовен сервис, едниот ќе биде функционален после понеделник додека вториот кон крајот на август. Трите Ер трактори се нефункционални поради недостаток на пилоти, проблем кој се очекува да биде надминат на следната владина седница, информираа вчера од ЦУК. 

Синоќа беше одржана и вонредна седница на која беше формиран кризен штаб. Ветрот кој постојано дувал менувајќи го правецот, дополнително го отежнувал гаснењето на пожарот.

- Опасниот крак од пожарот што ги загрозуваше селата Пепелиште и Војшанци вчера беше изгаснат, така што повеќе не постои повеќе опасност од пожарот за двете села, истакнаа утринава од ЦУК. 

Утрово, ЦУК упати и барање за поддршка за целосно извидување на теренот од воздух до МВР, а и барање за извидување од воздух со дронови на Граничната полиција и на „Фронтекс“ (Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, што обезбедува оперативна поддршка во управувањето со границите, како помош и во нашата држава).

Поради опасност од ширење на пожарот во неготинско, денеска беше упатен  апел, жители од неколку села да ги напуштаат живеалиштата. Вакво соопштение издаде Штабот за заштита и спасување на Општина Неготино. 

- Се упатува апел до населението во општина Неготино и тоа во селата Пештерница, Бела Вода, Калањево, Липа, Брусник и околните места, да ги напуштат своите живеалишта/престојувалишта и да се засолнат на безбедно место во градот или околните села што не се зафатени од пожарот, поради опасноста од забрзано ширење на истиот, се вели во соопштението. 

Да се изврши активирање на резервниот состав на пожарникари на општина Неготино, е еден од заклучоците на Штаб за заштита и спасување, по големиот пожар во неготинско. 

- РЦУК Неготино да ги преземе сите со закон предвидени надлежности за постапување во случај на елементарна непогода и контакт со соодветните институции и органи на РСМ. Институциите основани од Општина Неготино да ги стават на располагање сите материјални и човечки ресурси за справување со настанатите пожари, се вели во заклучоците.

Правните субјекти кои располагаат со соодветна механизација во рамките на можностите, што не ја попречуваат нивната дејност, да ги стават на располагање своите ресурси.

Заклучено е да  се достави барање до ЈЗУ „ Здравствен дом “ Неготино за постојана екипа на Итната медицинска помош на терен. 

- Сите правни субјекти и физички лица кои во своја сопственост поседуваат соодветни резервоари за вода, да обезбедат непречено црпење на вода за гаснење на пожари. Да се обезбедат и дистрибуираат потребните количини на вода за пиење и храна до спасувачите на терен, се вели во заклучоците.

Нема опасност од огнот по населби, објекти и инфрасруктура на терен, рекоа денеска од ЦУК. 

Општината Неготино испрати апел до сите што престојуваат во блиските села како Брусник, Калањево и Липа во кои трајно живеат само неколку луѓе но истите се користат како викенд населби, превентивно да заминат оттаму. 

Локална самоуправа Неготино упати апел до сите што сакаат да помогнат во гаснење на големиот пожар во неготинско, да се пријават во Општината на телефонскиот број 043/361-045. Ваквиот апел е само еден од заклучоците на денешниот состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување. 

- Се апелира до граѓаните на општина Неготино да не се движат кон населените места Калањево, Бела Вода, Липа, Брусник, Пештерница и околните места, се вели во заклучоците. 

Меѓу заклучоците се и тие, да се изврши активирање на доброволните противпожарни друшта на општина Неготино и општина Демир Капија, да се обезбедат и дистрибуираат потребните количини на вода за пиење и храна до спасувачите на терен. 

11.07.2024 - 15:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега