Мерките на Владата за заштита од загадувањето обврзувачки до петок

До петок продолжува важењето на мерките за ослободување од работни обврски поради загадувањето на воздухот во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион кое деновиве е над дозволеното за бремените жени, лицата над 60 години и лицата болни од астма, без разлика на возраста, со препорака од матичен лекар.

Ова синоќа за МИА го соопшти портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев. Во сила заклучно со петок се и другите мерки што поради загадувањето на воздухот ги препорача Владата.

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека зголемена облачност и врнежи ќе има во четврток и во петок, како и поинтензивно струење на воздухот па така во петок и во сабота минималните температури насекаде ќе бидат позитивни.

Во петок се очекува Владата повторно да ги разгледа и преоцени мерките и препораките и да ги извести граѓаните.

И натаму во сила останува препораката работниците кои работат на отворено, како што се градежните работници тоа да го прават од 11 до 17 часот.

Им се препорачува исто така на градинките, основните и средните училишта да не изведуваат активности на отворено.

Црвениот крст, центрите за социјална работа и единиците на локалната самоуправа да имаат проактивен пристап за заштита на здравјето на некои од ранливите групи како старите лица, бездомниците и други.

Сите медицински и здравствени установи ќе бидат подготвени да примаат евентуален зголемен број пациенти.

Продолжува и препораката за пренасочување на движењето на товарните возила во Скопје, Битола, Кичево и Тетово во периодот од 7:00 до 19:00 часот, односно во градот Скопје да се пренасочи движењето на товарните возила по обиколницата.

Во другите градови се препорачува товарните возила да не се движат низ центарот во тој период освен возила коишто пренесуваат леб и лекови.

Министерот за животна средина Абдилаќим Адеми и локалните власти ги повикаа граѓаните, особено во Скопје, да користат јавен превоз наместо своите возила.

Локалните самоуправи се повикуваат интензивно да ги чистат и мијат улиците.

Според мерењата извршени во изминативе денови најголемо загадување во овие региони е забележано во периодите од 7:30 до 11:00 часот и од 17:00 до 21:00 часот. 

25.12.2013 - 10:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега