Димитриевски апелира за единство: Предложи Национална платформа со девет точки
Претседателот на Движењето За наша Македонија – ЗНАМ Максим Димитриевски апелира до политичките субјекти да ја прифатат Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии со девет точки која неговата партија ја промовираше вчера.
Во интервју во Дневникот на ТВ Сител вечерва тој рече дека се работи за стратешки документ „од општ интерес за сите граѓани“ со кој „еднаш засекогаш ќе се затвори темата кој тоа од позиција на власт може да ги продава нашите национални и државни интереси“.
Во интервјуто тој рече дека жали што „некои пред да ја видат ја отфрлија“, а го радува, рече, фактот дека „најсериозните политички субјекти прифатиле да ја разгледаат платформата и да разговараат за неа“.
Како што рече, платформата веќе ја најавиле во кампањата за изборите, а сега е достапен текстот и во следниот период во пишана форма ќе биде доставена до сите политички субјекти.
-Апелирам да не избрзуваат со одлуката бидејќи не е одлука за собирање евтини политички поени, туку одлука што ќе биде од општ интерес за сите граѓани и еднаш засекогаш ќе се затвори темата кој тоа од позиција на власт може да ги продава нашите национални и државни интереси. И на крајот Собранието ќе одлучи... Доколку е прифатлива за мнозинството, ќе оди во Парламент. Таму ќе биде дополнително елаборирана, очекуваме дека и јавноста ќе ја коментира, експертската фела, исто така. Македонија заслужува еден ваков документ... Вакви обиди имало и во минатото, но секогаш кога ќе дојдело од лево, се негирало од десно, кога ќе дојдело од десно се негирало од лево... Се сметаме за најнезависни, нови сме на политичката сцена. ЗНАМ е тој кој излегува и ќе го дадаме максимумот да ги убедиме останатите дека ова е нешто корисно за нас, истакна Димитриевски.
Во однос на блокадата во ЕУ-интеграциите, барањето уставни измени од страна на Бугарија и ставот на претседателот на Владата кон тоа, лидерот на ЗНАМ рече дека „премиерот има апсолутна поддршка“ од нив како владин партнер.
-Ние стоиме на ставот и тоа е во нашите основни пет начела - дека единствена измена на Уставот може да се случи со условени амандмани, за да се обезбедиме себеси од понатамошни блокади и уцени коишто доаѓаат од страна, рече лидерот на ЗНАМ.
Прашан за последните случувања со кривичните пријави за поранешниот премиер и вицепремиер, Димитар Ковачевски и Артан Груби, тој одговори дека борбата со криминалот и корупцијата е меѓу начелата во нивната програма особено, рече, со осврт кон политичкиот криминал и политичката корупција.
Поради начело за пресумпција на невиност рече дека не коментира, смета дека треба да се сочека епилогот од истрагата и да се види како судовите ќе се произнесат за сите докази од истражните органи. Но укажа дека во изминатите 20 години немало ниту еден процесиран предмет против ДУИ.
-Посакувам конкретен резултат бидејќи сметам дека во последните особено 20 години можеби видовме процесирани предмети против поединци од пониските ешалони на власта, но никогаш, за жал, не видовме процесирано ниту еден предмет за среден, а камоли висок функционер од редовите на ДУИ, рече Димитриевски и додаде дека таа партија „има направено најголема партизација на самиот државен систем и апарат“.
На прашањето дали на Локалните избори идната година ќе се кандидира повторно за градоначалник на Куманово, Димитриевски во интервјуто на ТВ Сител одговори дека ќе одлучи откако ќе ги анализира ставовите на граѓаните во општината.
-Каква ќе биде одлуката следната година, тоа ќе го кажат граѓаните на анкети, анализи, сондирање на јавни мислења. На крајот, доколку граѓаните се задоволни, тие ќе ја испратат пораката, доколку не се задоволни – сите ние сме менливи, рече Димитриевски. А дали тој има желба за мандат, одговори: „Човек кој нема амбиција во политика, не треба да се занимава со политика“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа