Владо Мисајловски: На Украина не е и дониравме оружје за да се ослободиме од него туку за да и помогнеме
Очекуваме првата пратка од вкупно 42 модерни оклопни возила да пристигне во Македонија во првата половина на 2025 година. Тука се и артилериските системи „Боран“ кои согласно плановите треба да пристигнат вопрвиот квартал од 2025 година, а дополнително, тука е и набавката на против-воздушни системи Mistral 3 од Франција кој опфаќа лансирни механизми и ракети. Нивната испорака, согласно договорот, се очекува во втората половина на 2025 година, вели Владо Мислајловски, министер за одбрана во интервјуто за Прес24.
Следната 2026 ќе биде година кога во воздухопловниот винг на Армијата ќе пристигнат и првите два нови хеликоптери.
-Имајќи превид дека пристигнувањето на разни видови на опрема се интензивира оваа година, 2026 година очекувам да биде одбележана со продолжување на овие процеси, но главно и пристигнување на првите два хеликоптери, вели Мисајловски во интервјуто.
-Да бидеме јасни – Македонија не донираше опрема за Украина за да се ослободи од неа, туку за да помогне на земјата која согласно меѓународното право и принципите на глобалниот меѓународен поредок има полно право да ја брани својата независност, својот суверенитет и територијален интегритет. Сојузниците, а особено нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави го ценат фактот дека ние одговоривме позитивно на голем дел од барањата на украинската страна, секако по добиените позитивни мислења од Генералштабот на Армијата. Затоа од САД преку разните фондови кои ни се достапни низ годините и сме добивале и ќе продолжиме да добиваме поддршка – дали во процесот на набавка на нова опрема, дали со донација на опрема или со директна поддршка во развојот на човечкиот капацитет во Армијата и одбраната, нешто што за нас е исклучително важно, вели министерот за одбрана.
Членството во НАТО ги дава посакуваните ефекти, а особено значајна е и можноста за учество на македонски компании во тендерите на НАТО.
-Како НАТО-членка, домашните компании имаат исклучителна можност за пристап до пазар кој вреди над 10 милијарди евра годишно. Придобивките се повеќеслојни – зголемени бизнис можности, зголемен извоз, нови работни места, подобрување на технолошките капацитети и зајакнување на индустријата. Сето тоа значи повисок приход за компаниите, а со тоа и на државата, вели министерот.
Според него Македонија е безбедна и стабилна држава, и заради тоа што сме дел од колективната одбрана на НАТО, но и затоа што вложуваме многу во нашата безбедност.
-А, заедно со сојузниците ние сме целосно посветени на она што претставува камен-темелник во НАТО – членот 5 од Вашингтонскиот договор. Еден за сите и сите за еден е пораката која сите нам, 32 земји во НАТО ни дава сила да продолжиме да работиме за нашите вредности и начин на живот денеска, да биде наша реалност и утре, вели Владо Мисајловси, министер за одбрана во интервју за Прес24.
ПРЕС 24: Оваа 2025 се очекува да биде една од најзначајните години за модернизација на Армијата по влезот на државата во НАТО. Што се од реализација на договорите за набавка на опрема треба да бидат исполнети оваа година?
МИСАЈЛОВСКИ:Процесот на модернизација и опремување на Армијата е еден од трите приоритети кои ги имам од моментот на превземањето на оваа функција. Интензивирањето на овој процес значи дека Армијата ќе се опремува со најмодерното и најсофистицираното вооружување и тоа ќе биде уште еден гарант за безбедноста на нашата татковина, но и уште еден силен придонес кон колективната одбрана.
Драго ми е што одбранбениот буџет за 2025 година е во рамки на она што заеднички го потврдивме со сојузниците на Самитот на НАТО во Вашингтон – а, тоа е 2 проценти од бруто-домашниот производ да се одвојуваат за одбрана. И особена благодарност упатувам уште еднаш до премиерот и сите министри во Владата за поддршката по однос на ова прашање. Во бројки Буџетот за одбраната изнесува 329 милиони евра.
Но она што би сакал да истакнам е прашањето, како ги алоцираме овие средства, особено во однос на процесот на модернизација и опремување. Во 2025 година издвојуваме рекордни 32 проценти или над 106 милиони евра за оваа намена. Гледано во однос на 2024 година за модернизација одвојуваме 18 милиони евра повеќе. Со тоа го надминуваме вториот услов кој заеднички го потврдивме со сојузниците, одвојување на 20 проценти од одбранбениот буџет за модернизација и опремување.Со приемот на 6 лесни оклопни возила JLTV во јули минатата година, македонската Армија располага со 38 оклопни возила од овој тип. Годинава продолжува испораката на овие оклопни возила со што до крајот на 2025 треба да ја заокружиме набавката на вкупно 96 JLTV оклопни возила. Во 2025 година во арсеналот на Армијата ќе можеме да ги видиме и оклопните возила од типот Stryker. Очекуваме првата пратка од вкупно 42 модерни оклопни возила да пристигне во Македонија во првата половина на 2025 година. Тука се и артилериските системи „Боран“ кои согласно плановите треба да пристигнат вопрвиот квартал од 2025 година, а дополнително, тука е и набавката на против-воздушни системи Mistral 3 од Франција кој опфаќа лансирни механизми и ракети. Нивната испорака, согласно договорот, се очекува во втората половина на 2025 година.
Секако, голем дел од средствата се наменети и за реализација на договорот за набавка на нови хеликоптери за кои имам зборувано повеќепати. Она што е најважно за нас имајќи предвид дека станува збор за набавка која вреди 249 милиони евра, пари на граѓаните на Македонија е правно целиот процес да биде заокружен согласно законите во оваа држава кои мора дословно да се почитуваат. Тоа го вклучува и проблемот со фактот дека Техничкиот аранжман, кој е договорот Влада-со-Влада со Италија не е заверен во Министерството. Но, ќе најдеме законски начин и тој предизвик да го решиме и да продолжиме онака како што треба, без брзање, без пренамени на средства во изборен период, без дамки, да го реализираме договорот и првенствено Македонија да го одржи својот углед пред НАТО сојузниците и истиот да биде бенефит за македонската одбрана.Набавките се однесуваат и на придружна опрема како на пример далечински управуваната вооружена станица за оклопните возила JLTV која е веќе пристигната, а ваква опрема ќе се вградува и во возилата од типот Stryker. Секако тука е и индивидуална опрема, инженериски машини, АБХО опрема.
Дополнително, во процесот на развој на армиските капацитети, од страна на Европската Унија се обезбедени и средства во вкупна вредност од 22 милиони евра. Оваа финансиска помош е добиена во рамките на Европскиот мировен фонд (ЕПФ). Истата опфаќа технологии поврзани со разузнавање, набљудување и извидување, електронско војување и сигнално разузнавање, логистика, инженерска опрема, како и комуникациски и информациски системи. Со оваа помош е опфатена и обука за армискиот персонал.
Зајакнувањето на капацитетите е значајно во поглед на учество во операциите и мисиите на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (CSDP) на ЕУ и другите меѓународни мисии. Сето ова, најдобро говори за зголемената поврзаност со ЕУ за безбедност и одбрана, и ја одразува доследната посветеност на партнерите за унапредување соработката во оваа политичка област, со цел целосно усогласување на македонската со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
ПРЕС 24: Што подразбираат овие системи кои треба да ги добие Армијата?
МИСАЈЛОВСКИ:Станува збор за опрема која е особено потребна за припадниците на Армијата. Со тоа го зголемуваме капацитетот и на копнените единици, но и македонското воено воздухопловство чиј дел е и против-воздушната одбрана. Сиве овие капацитети се интероперативни со сојузниците затоа што со членството во НАТО ние станавме составен дел од колективната одбрана на Алијансата, што подразбира дека секоја од сојузничките земји треба да развива специфичен сет на капацитети кои ќе ја заокружат целосната слика на колективната одбрана на НАТО.
ПРЕС 24: Какви се плановите за следните години, на што ќе биде насочен фокусот околу процесите на модернизација?
МИСАЈЛОВСКИ:Фокусот на модернизацијата и опремувањето е првенствено ставен на нашата НАТО единица, Лесната пешадиска баталјонска група која е стационирана во штипската касарна. Клучниот документ кој нè води во овие процеси е Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, десетгодишен документ кој во моментов предвид го зема периодот 2023 – 2032 година, а клучниот документ кој го усогласуваме со НАТО се Целите на способности. Тие документи дефинираат како ќе изгледа македонската одбрана и на што сè треба да се фокусираме во процесот на аквизиција на нова опрема во следниот период. Сите набавки кои ги правиме се врз основа на овие два документи.Имајќи превид дека пристигнувањето на разни видови на опрема се интензивира оваа година, 2026 година очекувам да биде одбележана со продолжување на овие процеси, но главно и пристигнување на првите два хеликоптери.
ПРЕС 24: Изминативе неколку години, Македонија постепено преку донации кон Украина се ослободуваше од оружјето и опремата што го имаше, но јавноста немаше некои прецизни информации што за возврат како опрема ќе добие државата, ова повеќе во насока на замена на овој тип на опрема?
МИСАЈЛОВСКИ:Да бидеме јасни – Македонија не донираше опрема за Украина за да се ослободи од неа, туку за да помогне на земјата која согласно меѓународното право и принципите на глобалниот меѓународен поредок има полно право да ја брани својата независност, својот суверенитет и територијален интегритет. Сојузниците, а особено нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави го ценат фактот дека ние одговоривме позитивно на голем дел од барањата на украинската страна, секако по добиените позитивни мислења од Генералштабот на Армијата. Затоа од САД преку разните фондови кои ни се достапни низ годините и сме добивале и ќе продолжиме да добиваме поддршка – дали во процесот на набавка на нова опрема, дали со донација на опрема или со директна поддршка во развојот на човечкиот капацитет во Армијата и одбраната, нешто што за нас е исклучително важно.
Инаку во однос на одлуките за донација, сакам да потенцирам дека Генералштабот е најстручниот сегмент во одбраната кој може да утврди која опрема нам, согласно плановите за развој не ни е потребна, и може да се донира. Тоа е гарант дека донацијата на опремата не влијае на борбената готовност на Армијата.
ПРЕС 24: Пред Нова Година најавивте и зајакнување на човечките капацитети на Армијата оваа година, што подразбира тоа? Замена или зголемување на бројот на професионални војници?
МИСАЈЛОВСКИ:Вториот столб кој за мене е приоритет се нашите војници, нашите службеници во одбраната. Ние можеме да имаме нова и модерна опрема, но без мотивирани професионалци кои ќе ракуваат со таа опрема ефектот нема да го постигнеме. Армијата мора да се подмладува и затоа мојата намера е во првиот квартал годинава да го распишеме јавниот конкурс за прием на 300 нови професионални војници. И оттука, сакам уште еднаш да ги повикам сите млади граѓани кои сакаат својата кариера да ја градат во една од најблагородните професии чија основна цел е грижа за безбедноста и сигурноста на татковината и сите наши граѓани, да нè следат и кога ќе го објавиме овој оглас да се пријават. Јас тоа што можам да го ветам е дека примени ќе бидат најдобрите од најдобрите. Во Армијата нема место за ништо друго освен за способности и професионалност и од тоа нема да отстапам.
Дополнително, Министерството како работодавач навистина се грижи за своите вработени. Сето она што на хартија припадниците на Армијата и вработените во одбраната го имаа добиено, но не го почувствуваа, сега е реалност. заклучно со 31.12.2024 година, исполнивме 99 проценти од обврските кон нашите вработени и моја намера е без никаква задршка во целост да продолжиме да ги почитуваме законските решенија во оваа област – Законот за служба во Армијата, Законот за вработените во Министерството за одбрана и Колективниот договор. Задоволни и среќни вработени значат вработени кои се мотивирани да дадат сèод себе за најдобро и најефикасно да ги извршуваат своите задачи. Тие ни овозможуваат сите нам да живееме во мир и безбедност.Сакам да напомнам дека во 2025 година планираме и прием на 60 граѓани со цивилни факултети кои по 6-месечниот курс ќе бидат произведени во офицери, нови 120 подофицери, како и промоција на 26 питомци во чин потпоручник, кои годинава ги завршуваат своите студии на Воената академија.
ПРЕС 24: Поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска стана заменик генерален секретар на НАТО. Како Македонија се етаблира во најголемата воена и политичка организација во светот изминативе години?
МИСАЈЛОВСКИ:Јас секогаш и секаде ќе давам поддршка за колку може повеќе македонски граѓани во структурата на НАТО. Така и ние ќе покажеме дека знаеме и можеме и дека имаме капацитет како држава да дадеме и личен придонес во Алијансата. Но не само тоа, искуството кое ќе го стекнат во меѓународните институции е многу значајно истото да го пренесат назад на своите колешки и колеги. Јас се надевам дека со тоа назначување, секој еден ќе има придобивка од тоа и посакувам што е можно повеќе македонски граѓани да има во сите структури на НАТО.
ПРЕС 24: Какви се ефектите од членството во НАТО?
МИСАЈЛОВСКИ:Членството во НАТО е позитивно од многу аспекти. Впрочем токму заради местото и улогата на НАТО во светски рамки, Македонија веднаш по осамостојувањето изрази силен интерес да се приклучи на овој најмоќен воено-политички сојуз во историјата. Низ годините беше направено многу и затоа Македонија можеше брзо и ефикасно да мине низ процесот на интеграција и тоа е придобивка од сите децении наназад кога посветено се работеше за и во одбраната и Армијата.
Првенствено како членка на Алијансата ние имаме зацврстена безбедност и зголемена сигурност – двете нешта кои се најважни за нашите граѓани. Ние не сме сами, туку сме дел од една колективна одбрана во која секоја од земјите-членки зад себе имаат 31 пријател и сојузник. Во тоа е и големината на НАТО која е одбранбена Алијанса посветена на безбедноста на секоја педа сојузничка територија.
Вториот сегмент кој е особено важен за нас е економијата чиј раст е нераскинливо врзан со безбедноста и стабилноста. Како НАТО-членка, домашните компании имаат исклучителна можност за пристап до пазар кој вреди над 10 милијарди евра годишно. Придобивките се повеќеслојни – зголемени бизнис можности, зголемен извоз, нови работни места, подобрување на технолошките капацитети и зајакнување на индустријата. Сето тоа значи повисок приход за компаниите, а со тоа и на државата.
Во Министерството за одбрана функционира Центар за поддршка на компании чија цел е да им помогне на македонските компании во делот на евиденцијата на економски оператори и да изврши комплетна проверка на барањето и потребната документација по што компаниите би имале пристап до набавките кои ги спроведуваат НАТО агенциите за набавки. Досега 48 македонски компании имаат добиено потврда за исполнетост на услови за учество на НАТО пазарот односно може да учествуваат во набавките кои се реализираат преку НАТО Агенцијата за поддршка и набавки (NSPA) и НАТО Агенцијата за комуникации и информации (NCIA). Понатаму зависи од самите компании колку ќе ја искористат можноста. Во изминатиов период имаше и компании кои не ги исполниле условите за регистрација, а кои најчесто се однесуваат на неисполнување на критериумите за техничка и професионална способност како и за економската и финансиската состојба.
ПРЕС 24: Јужното крило на НАТО е исклучително важен елемент на Алијансата, особено во ситуациите на Блискиот исток и во Украина. Какви се безбедносните проценки на Алијансата за оваа 2025 година?
МИСАЈЛОВСКИ:Кога ќе ја погледнеме големата слика, пред нас можеме да видиме неколку факти. Да, на европскиот континент имаме нарушена безбедносна состојба. Да, тоа влијае и на нас како земја-членка, особено имајќи предвид дека сме во регион кој знае да биде потенцијален безбедносен предизвик. Но, не навлегувајќи во проценките за тоа како ќе се одвива безбедносната состојба во иднина, јас сакам да бидам исклучително јасен – Македонија е безбедна и стабилна држава, и заради тоа што сме дел од колективната одбрана на НАТО, но и затоа што вложуваме многу во нашата безбедност. А, заедно со сојузниците ние сме целосно посветени на она што претставува камен-темелник во НАТО – членот 5 од Вашингтонскиот договор. Еден за сите и сите за еден е пораката која сите нам, 32 земји во НАТО ни дава сила да продолжиме да работиме за нашите вредности и начин на живот денеска, да биде наша реалност и утре.
ПРЕС 24: Улогата на Македонија во регионалната безбедност на Балканот? Каков придонес дава нашето членство во НАТО?
МИСАЈЛОВСКИ:Нема да згрешам ако кажам дека Македонија е еден од столбовите на регионалната безбедност. Ние сме НАТО, нашиот пристап е отворен и прагматичен и ние секогаш низ историјата сме избирале мир наместо конфликт. Поголем доказ од нашата посветеност на регионалната безбедност од учеството во повеќе мисии и операции на Балканот, нема. Македонски војници даваат личен печат на безбедноста на Косово, како дел од НАТО мисијата во оваа земја, КФОР. Дека регионот за нас е примарно значаен можеме да видиме и преку нашето учество во операцијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, ЕУФОР – АЛТЕА. Учеството во овие две мисии – со 70 армиски припадници во КФОР и 33 припадници во АЛТЕА ќе продолжи и следната година, исто како што ќе продолжи и нашиот придонес во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија, зацврстувајќи ја позицијата за одбрана и одвраќање на Алијансата. Бидејќи ги споменав и мултинационалните сили под капата на НАТО надвор од регионот, ќе споменам дека го задржуваме и нашиот придонес во мисијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ.Нашето учество во сите овие мисии и операции покажува дека водиме една активна безбедносна политика која има за цел да воведе стабилност, мир и безбедност. За нас меѓународниот поредок базиран на правила и принципи е основата на која треба да го градиме денешниот глобален свет и затоа продолжуваме активно да придонесуваме во овие напори.
ПРЕС 24: Изминатава година, Армијата имаше и сериозни предизвици во учество на природни катастрофи, како што беа пожарите. Дали треба да се размислува за поорганизиран систем на цивилна заштита за вакви ситуации?
МИСАЈЛОВСКИ:Апсолутно да. Системот за кризен менаџмент побарува едни подлабоки реформи кои мораме да ги направиме во соработка и во координација со сите чинители. Се соочивме и ќе продолжиме да се соочуваме и со пожари и со поплави и со други различни видови на природни непогоди и ние мораме да направиме сè за да бидеме поподготвени да се справиме со нив. Но, тоа подразбира повеќе институции и еден добро креиран систем кој не смее да се основа на аматеризам и несоодветни решенија.
Паралелно со реформите во овој сегмент, мораме да бидеме и благодарни и посветени на сите оние кои во тешки услови се справуваа и се справуваат со пламените јазици речиси секоја летна сезона. Драго ми е што успеавме и покрај сите предизвици со несоодветното буџетско планирање кое го наследивме на над 400 војници да им исплатиме парична награда за нивниот неуморен труд и посветеност во справувањето со пожарите. И тогаш и сега ќе кажам дека нивната храброст беше и е наша гордост.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа