"Фалсификуваа телефонска анализа" - Палчо бара изземање на обвинителите
Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Првообвинетиот за двојното убуство, Љупчо Палевски-Палчо, денеска во судницата побара изземање на тројца обвинители поради пристрасност и злоупотреба на јавнообвинителската служба.
- „Барам изземање на тројца јавни обвинители поединечно согласно член 33, став 2 за пристрасност, но му укажувам на судот дека има друга околност, повторно злоупотреба на јавно обвинителски овластувања. Се бара изземање на Жаклина Крстевкска Јосифовска, Ана Стојковиќ Димитриевска и Гаврил Бубевски кој за минатото барање одлучуваше сам за себе дали ќе биде изземен“. Да се одлучува по закон“, рече Палевски во Кривичниот Суд.
Вели дека фалсификувале податоци, телефонска анализа со цел нивниот сведок Ерол Османи да може да лаже.
- „Анализата е правена во мај 2024 година, но не предвиделе дека по мојата екстрадција, ќе го отклучам мојот телефон „ајфон 13“ за да биде вештачен, од Форензика, од кое вештачење ви го приложувам доказот број 5, а тоа е ‘екстрашен репорт’ комуникација со Зоран Китевски – во периодот во 12 часот кога според сведокот возам кон Бутел. Тука гледате пет пораки, линк за да се вклучи Зоран во поткаст кој се снима тоа време“, рече Палевски.
На минатото рочиште сведочеше сведокот Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, помагал во потрагата по неа, прибавувајќи видео снимки.
Трајковски беше последен сведок на предлог на Обвинителството. Тој требаше да сведочи на почетокот од постапката, кога беа сослушани и другите сведоци, меѓутоа, поради здравствени причини тоа не се случи, а потоа не беше достапен на органите на прогон поради друго кривично дело. На 23 јануари 2025 година се предаде на полицијата и оттогаш е во притвор.
Тој тврдеше дека Палчо му се заканувал.
За случајот се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа