Дознајте што уште ќе се менува во работата на здравствените установи

 Од 1 јануари 2014 година ќе важат нови петгодишни, место едногодишни договори со сите 4.000 здравствени установи со кои ФЗОМ потпишува договори. Се воведува електронски дневник и електронски здравствен картон, а со воведување електронски договори ќе се заштедат 400 илјади страници хартија, време, човечки ресурси...

Овие новини се резултат на преговорите меѓу Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Лекарската комора на Македонија и Здружението на приватни лекари на Република Македонија.

На денешната прес-конференција директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија Маја Парнарџиева-Змејкова информира дека на почетокот од следната година постепено ќе се укинува здравствената легитимација.

Во делот на административните олеснувања, таа потсети на електронските услуги кои веќе се воведени кај матичните лекари, како пријавување и одјавување на осигурениците за неколку секунди, место неколку дена.

- Од јануари воведуваме и електронски фактури, место досегашните купишта хартија. Електронско поврзување на специјалисти, матичните лекари и ФЗОМ во процедурата на издавање ортопедски помагала, рече Парнарџиева-Змејкова.

Во моментов, додаде, реализираме нов сметководствен софтвер во рамки на Фондот, а ефектите се многукратни. Од 1 јануари 2014 уплатите до здравствените установи ќе ги реализира централата на Фондот или се скратуваат за неколку дена.

Од 1 јануари 2014 година во сила стапуваат повеќе стимулации. Фондот ќе ги стимулира со 40 илјади денари новите избрани лекари по општа медицина и гинекологија во првите 18 месеци се додека не изберат доволен број осигуреници. За матичните лекари кои работат во рурални средини, дополнително се зголемени средствата за секоја скала по 5.000 денари месечно. Со 25 илјади денари месечно се стимулираат гинеколозите со цел да опфатат што е можно повеќе осигуренички. За матичните лекари кои почнуваат со работа, во првите три месеци Фондот нема да им крати поради неостварени превентивни цели туку да ги води како реализирани и да им плаќа 100 отсто.  

Претседателот на Лекарската комора на Македонија Кочо Чакалароски истакна дека со Фондот во последните две години имаат одлична соработка. Очекува дека во 2014 година ќе се донесе Законот за доктори, со помош на МЗ, Владата и Собранието на Република Македонија.

Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари, информира дека со новите измени матичниот лекар ќе може да го упатува пациентот и да прави на три месеци контроли и профил за регулирање на висината на шеќерот во крвта, замената на матичниот лекар ќе може во целост да ги извршува најголемиот дел од работите кај пациентот, кој во тој миг не можел да го најде својот матичен лекар..

МИА

30.12.2013 - 15:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега