Ивановски: Законите ќе помогнат да се подобри администрацијата
Законите за административни службеници и за вработените во јавниот сектор се во насока на создавање поефикасна администрација. Со нив нема да се изврши урамнотежување на платите во јавниот сектор, а синдикатот ќе биде активно вклучен во утврдувањето на платата, истакнаа претставниците на Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на денешната прес-конференција.
- Со овие закони платите не се урамнуваат. Со нив се формира каталог на работни места. Можеби тука е и заблудата што дел од јавноста шпекулира дека ќе има урамнување на платите. Во каталогот на работни места има стандардизирање на работните места во јавниот сектор и тој ќе биде основа за сите идни креирања на работните места во која било институција која ќе биде опфатена со законите, појасни министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Тој објасни дека двата закона, кои се работени по примерот на европските земји, треба да помогнат државата да добие ефикасна администрација која ќе биде во служба на граѓаните.
- Се надеваме дека по нивното стапување во сила во период од една година вработените во јавната администрација ќе бидат поефикасни и побрзо ќе ги даваат услугите кон граѓаните. Очекуваме дека со двата закона дополнително ќе се заштитат правата на вработените во администрацијата. Во секој момент ќе се знае колкава е бројката на вработените во администрацијата и има објективен начин како да се наградува оној којшто работи, а како да се санкционира оној кој не работи со цел да се стимулираат што е можно поефикасно да ја извршуваат својата обврска, рече Ивановски.
Од синдикатот се задоволни од двата закона во кои, велат, се регулирани значајни прашања за вработените во јавниот сектор како правото на платите и надоместоците за плата.
- Имаме и предлог забелешки кои се поврзани со поразработената постапка околу оценувањето и казнувањето. Преговорите околу ваквите забелешки ќе продолжат со МИОА со цел да утврдиме предлози на закони кои ќе бидат во функција, рече претседателот на ССМ, Живко Митревски.
Преговорите меѓу Владата и синдикатот ќе продолжат и понатаму со цел да се подобрат предлог-законските текстови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа