НБРМ: Шпекулации се информациите за банкнотите од 200 и 2000 денари
Од Народната Банка на Република Македонија денеска ги демантираа информациите дека се донесени одлуки за новиот изглед на банкнотите.
- Во врска со вестите што се појавија во некои медиуми, а се однесуваат на изгледот на банкнотите што во иднина треба да бидат пуштени во оптек, истакнуваме дека не може да се зборува за изгледот на банкнотата во оптек, без притоа Советот на Народната банка да донесе соодветни одлуки. Се работи најнапред за Одлуката за издавање банкноти со апоенска вредност од 200 и 2000 денари, понатаму Одлуката за основните белези на банкнотите со апоенска вредност од 200 и 2000 денари и на крајот, Одлуката за пуштање во оптек на банкнотите со апоенска вредност од 200 и 2000 денари. Имајќи предвид дека ниту една од овие одлуки не е донесена, се работи за шпекулација. Ниту едно од решенијата за изгледот на банкнотите што се појавија во наведените вести не е откупено од страна на Народната банка, соопштуваат денеска од НБРМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа