Иванов: Македонија очекува поддршка од САД пред следниот Самит на НАТО

 

Република Македонија останува целосно посветена на членството во НАТО и Европската унија и очекува американска поддршка и ангажман пред следниот НАТО самит во Велика Британија, истакна претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји. 

- Постојат два начина Република Македонија да го заземе заслуженото место во Алијансата, што ќе биде од корист за целиот регион. Првиот е преку безусловно почитување на Времената спогодба и пресудата од Хаг и вториот е изнаоѓање заемно прифатливо решение за наметнатиот спор во согласност со рамката во која се води процесот. За деблокада на нашите стратешки цели неопходна ни е поддршката и ангажманот на САД, истакнал Иванов.

Претседателот Иванов се осврнал и на разговорите околу прашањето за името, истакнувајќи дека јужниот сосед продолжува со неодговорно однесување, избегнување на контакти и непочитување на рамката на разговорите.

- Непридржувањето до рамката во која се води процесот во Обединетите нации, непочитувањето на пресудата од Хаг, не не придвижува кон постигнување заемно прифатливо решение. Затоа очекуваме од нашите сојузници, пред се од САД,  во име на поширокиот интерес да побараат разумно однесување од страна на Грција, истакнал Иванов.

На средбата ИВанов-Брајан Ји бил потврден интересот на Република Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и изразено очекувањето за натамошно продлабочување на севкупната билатералната соработка.

Иванов изразил задоволство од интересот во САД за инвестициските можности во Република Македонија, како и очекување за продлабочување на економската соработка и унапредување на динамиката на политичкиот дијалог на сите нивоа.

Соговорниците размениле мислења и информации и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа. 

27.01.2014 - 12:53
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега