Најмалку 50 лица завеани на патот Зрењанин-Белград

Десетици лица од синоќа се завеани на патот Зрењанин-Белград, кај делницата Стајиќево-Перлез, поради два шлепери, кои го попречиле патот.

Шлеперите го блокирале патот поради силниот ветер со орканска јачина, кој дува на територијата на цела Србија.

Сообраќајот е блокиран од синоќа во 21 часот, а ветерот кој дува со брзина од сто километри на час со себе носи големи количества снег. 

Горан Николиќ од српскиот Сектор за вонредни состојби потврди дека снежните наноси во тој дел од патот достигнале два метри и оти на спасувачките екипи им е тешко да се пробијат до заробените патници. Тој истакна дека се блокирани околу 50 возила.

Николиќ изјави дека не знае точно колку лица останале завеани во своите автомобили, бидејќи синоќа се евакуирани околу 40 ученици, неколку жени и стари лица и сите кои сакале.

"Спасувањето на завеаните е тешко, бидејќи временските услови го отежнуваат. Екипите цела ноќ се на теренот, но ветерот не престанува и расчистувањето оди тешко", додаде тој.

Новинар од РТС, кој се упатил кон колоната завеани возила јавил дека е невозможно да им се пријде на заеваните луѓе, бидејќи брзината на ветрот, кој дува во тој дел достигнува и над сто километри на час. Според него снежните наноси достигнале висина од четири метри, а колоната возила е долга околу четири километри.

31.01.2014 - 11:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега