Антонио Милошоски: Бојкотот ќе биде најсилниот аргумент на Атина во јуни

 

На Самитот на ЕУ во јуни бојкотот на опозицијата очекувам да биде најсилниот аргумент на официјална Атина и 2-3 други членки на ЕУ за Македонија да не добие датум за отпочнување на преговорите за членство, вели Антонио Милошоски, во интервјуто за Прес24, потенцирајќи дека најголемата грешка што некогаш ја направила неговата партија е бојктот на изборите во 1994 година.

Милошоски вели дека владеачката коалиција е свесна оти по локалните избори, без учество на опозицијата, крисата дополнително ќе се продлабочува.

- Дел од раководството на СДСМ можеби нема капацитет да понуди решенија за проблемите на државата, но со сигурност има капацитет да и создава дополнителни проблеми на државата. Подготвени сме да се носиме со таквиот ризичен предизвик, и преку институциите, но пред се преку довербата кај мнозинството од граѓаните, вели Милошоски во саботното интервју за Прес24, потенцирајќи дека одлуката на СДСМ за бојкот е мотивирана исклучиво од реалноста дека опозицијата нив ќе ги загуби.

-Со спортски речник, ВМРО-ДПМНЕ сака фер-плеј натпревар во фудбал со екипата на СДСМ, и со полни трибини публика. Ова што го прави СДСМ со бојкотот ме потсетува на еден неодамнешен натпревар меѓу Тетекс и Шкендија, во кој 5 минути пред крајот, откако прими гол во мрежата, екипата на Шкендија го напушти теренот заради наводна загрозеност на играчите, вели Милошоски.

Поранешниот министер за надворешни, смеат дека спорот за името е еден, но не смее да биде единствениот критериум за оценка на добрососедските односи.

-Иницијатива која ми паѓа на памет, по примерот на Франција и Германија, а се со цел луѓето што подобро да се разбираат, е воведување на факултативно изучување на грчкиот јазик во средните училишта во македонските општини што граничат со Грција, како и воведување на факултативно изучување на македонскиот јазик во средните училишта во грчките општини кои граничат со Република Македонија, вели Милошоски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Македонија влегува во еден изборен процес од кој во многу ќе зависи бразината и темпото на приближување на Македонија кон евро-атланските интеграции. Како според Вас ќе се одрази бојкотот на најголемата опозициска партија врз иднината на државата?

МИЛОШОСКИ: Досега, евро-интеграциите на Македонија имаа една сериозна препрека - блокадите од соседна Грција. Отсега па натаму, со одлуката за бојкот, свесно или несвесно и опозицијата на чело со Црвенковски станува сојузник на оние кои ги блокираат Евро-перспективите на нашата држава.  Бојкотот на опозицијата ќе има свој негативен одраз во Брисел, до тој степен што на ризик ќе биде ставена и позитивната препорака на Комисијата за отпочнување на преговорите. Без претерување, но на Самитот на ЕУ во јуни бојкотот на опозицијата очекувам да биде најсилниот аргумент на официјална Атина и 2-3 други членки на ЕУ за Македонија да не добие датум за отпочнување на преговорите за членство. Се надевам дека до тоа нема да дојде, но за жал нарушувањето на меѓународниот углед на Македонија е веќе сторено.

ПРЕС24: Исцрпени ли беа сите можности да се надмине кризата и СДСМ сепак да се врати во политичкиот тек?

МИЛОШОСКИ: Според она што го знам, исцрпени беа сите рационални можности за надминување на политичката криза. Штета е што без сериозни причини беше отфрлена иницијативата на Претседателот Иванов за формирање на комисија за настаните што се случија во и вон Собранието. Работата на таквата комисија не само што ќе ги согледаше пошироките аспекти на случувањата, туку и самото нејзино функционирање ќе поттикнеше дополнителна комуникација меѓу најголемите политички субјекти. Опозицијата ја отфрли и можноста за пролонгирање на рокот за поднесување на кандидатурите за градоначалници, веројатно плашејќи се од премислувања на повеќе нивни актуелни градоначалници во тој рок. По се изгледа дека со целото сценарио за креирање на политичка криза во земјава се прави обид за затскривање на суштинската криза во врвот на СДСМ и демократскиот дефицит со кој се соочува оваа политичка партија.

ПРЕС24: Локалните избори ќе поминат, владеачката коалиција најверојатно ќе ја засили позицијата на локално ниво, ако процентот на излезот е доволен и ако поминат по европските стандарди, тие избори ќе го имаат легалитетот, но каква ќе биде нивниот легитимитет?

МИЛОШОСКИ: ВМРО-ДПМНЕ како партија посакува локални избори во кои ќе имаме чесен натпревар со СДСМ и сите други опозициони партии. Со спортски речник, ВМРО-ДПМНЕ сака фер-плеј натпревар во фудбал со екипата на СДСМ, и со полни трибини публика. Таквиот изборен натпревар го заслужуваат и граѓаните, и неопределените, и членовите на СДСМ, како и нашето членство. Но, ова што го прави СДСМ со бојкотот ме потсетува на еден неодамнешен натпревар меѓу Тетекс и Шкендија, во кој 5 минути пред крајот, откако прими гол во мрежата, екипата на Шкендија го напушти теренот заради наводна загрозеност на играчите.  За жал, и кај екипата на опозицијата, мислам дека несигурноста на претседателот на СДСМ во својот капацитет за стекнување на довербата на гласачите е главната причина за неговата одлука воопршто да не се излезе на изборниот терен за да се одмерат силите според сите правила. Веројатно на раководството на СДСМ му е полесно да промовира бојкот и политичка криза, отколку програми за развој на општините во Македонија. И покрај ова, верувам дека процентот на излезноста на гласачите и нивната демократска зрелост ќе бидат најсилниот демант до оние кои се обидуваат да го нарушат легитимитетот на локалните избори.

ПРЕС24: Една работа, барем засега според најавите на раководството на СДСМ е сосеман извесна. По локалните избори кризата нема да биде надмината, туку напротив може дополнително да се продлабочува?

МИЛОШОСКИ: Таа најава од СДСМ сериозно ја имаме во предвид. Нашите проценки се дека дел од раководството на СДСМ можеби нема капацитет да понуди решенија за проблемите на државата, но со сигурност има капацитет да и создава дополнителни проблеми на државата. Подготвени сме да се носиме со таквиот ризичен предизвик, и преку институциите, но пред се преку довербата кај мнозинството од граѓаните. Граѓаните, без разлика на нивната партиска или национална припадност, не сакаат дополнителни кризи и ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што е потребно за одржување на стабилноста и за интензивирање на политичкиот дијалог во Македонија. 

ПРЕС24: Какви беа апелите на претставниците од Брисел?

МИЛОШОСКИ: Ги слушаме секојдневно апелите на нашите пријатели и од европскиот парламент и од Европската Комисија - бојкотот не е решение, бојкотот е штетен, бојкотот ги подрива Евро-перспективите на Македонија. Тоа се пораки што допираат до нас и не загрижуваат. Но, за жал, изгледа дека овие добронамерни пораки од нашите европски пријатели не допираат до предводникот на опозицијата.

ПРЕС24: СДСМ денес го прави она што, вашата партија ВМРО-ДПМНЕ го направи 1994. Ако направите анализа што Македонија изгуби со тогашното апсолутно мнозинство на СДСМ, можете ли да најдете каква било логична оправданост за тој, но и за овој бојкот на изборниот процес?

МИЛОШОСКИ: Одлуката на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира собраниските избори во 1994 година беше погрешна и штетна одлука. Таквата погрешна одлука за бојкот и нанесе тежок удар на самата партија, а овозможувањето да се конституира речиси едно-партиско Собрание нанесе непоправлива штета за демократијата, приватизацијата, неопходните реформи и политичкото зреење на Македонија како држава. Иако во 1994 година изборни закони, составот на Државната изборна комисија, финансирањето на партиите и ограниченото набљудување на изборниот процес беа далеку под критериумите на ОБСЕ, сепак, најголемата загуба од бојкотот на изборите ја поднесе токму ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено беше нанесена штета на државата. Со таа лекција зад нас, сигурен сум дека таква стратешка грешка на ВМРО-ДПМНЕ нема да и се повтори никогаш повеќе.

ПРЕС24: Иако е неблагодарно како пратеник на друга политичка опција да прогнозирате што ќе се случува со СДСМ во иднина, сепак како ги коментирате одлуките на Јакимовски, Бузлевски, Минов и редица други функционери да излезат на избори и покрај партискиот став за бојкот?

МИЛОШОСКИ: Споменатите личности имаат долг политички стаж и на прв поглед личи дека се воделе од интересите на членството на СДСМ во нивните општини. Како и да е, тоа што се одважиле да му се спротистават на Црвенковски и по цена на казната „исклучување од партијата„, заслужува почит. Сепак, не сметам дека овие личности можат во пошироки рамки да понудат или да бидат политичката алтернатива во реформирањето на СДСМ.

ПРЕС24: Опозицијата нив веќе ги вброи во редот на платеници-спотери на власта? 

МИЛОШОСКИ: Она што ја поврзува ВМРО-ДПМНЕ со Панчо Минов, Стевчо Јакимовски и Димитар Бузлевски се константните и гласни критики од наша страна за погрешните политики што овие луѓе ги воделе како дел од блискиот круг на Црвенковски. Тој однос нема да смени ни сега, ни во иднина. Сите тројца се искусни политичари, но тоа не ги прави и добри политичари. Како и да е, Црвенковски очигледно има потреба од уверливи изговори за да ги дискредитира истите тие луѓе пред нивните подржувачи, за да си ја зачува разнишаната партиска позоција. Тоа си е нивен внатре-партиски судир во СДСМ и ние немаме ниту намера, ниту време да се мешаме во истиот. 

ПРЕС24: Во декември Европската Унија дефинираше две насоки битни за процесот на приближување кон Унијата. Прашањето за името со Грција, но и добрососедските односи со Бугарија. До кое ниво се овие два процеса?

МИЛОШОСКИ: Најпрвин, она што во секој случај многу би ни помогнало е да чуеме и од Грција и од Бугарија како гласи утврдената дефиниција на ЕУ за добрососедство, за да знаеме кои се мерките според кои истата се оценува.

Односите со Бугарија се на добар колосек и верувам дека почестата политичка комуникација на највисоко државно ниво може да даде конкретни резултати. И Македонија и Бугарија ќе имаат корист ако ја зајакнеме меѓусебната доверба, ако ја зголемиме меѓусебната трговија, ако ја довршиме сообраќајната инфраструктура, ако ги здружиме нашите напори во остварувањето на заедничката цел за стабилен и напреден Балкански регион, целосно интегриран во ЕУ и НАТО.

Со Грција имаме поголеми разлики, а главната разлика е во принципот на почитување на еднаквоста на државите и нивното сувереното право да ги определуваат своите симболи и имиња. Добар знак е што грчко-македонските разговори под покровителство на ОН се интензивираа, но тоа не е доволно за да очекуваме брзо и конечно решение на дво-деценискиот спор. Спорот за името е еден, но не смее да биде единствениот критериум за оценка на добрососедските односи. Добрососедство е и трговијата и туризмот и немањето на гранични спорови, како и желбата да склучиме Договор за одбегнување на двојното оданочување. Добрососедство кон Грција е и македонскиот предлог да отвориме нови гранични премини, како и нашата иницијатива да го подигнеме нивото на дипломатските претставништва во ранг на амбасади. Иницијатива која ми паѓа на памет, по примерот на Франција и Германија, а се со цел луѓето што подобро да се разбираат, е воведување на факултативно изучување на грчкиот јазик во средните училишта во македонските општини што граничат со Грција, како и воведување на факултативно изучување на македонскиот јазик во средните училишта во грчките општини кои граничат со Република Македонија.

ПРЕС24: Бевте министер за надворешни работи, најдолго на таа позиција во споредба со останатите. Затоа сакам да Ве прашам дали Македонија изминативе 20 години водеше исправна политика кон соседните држави? 

МИЛОШОСКИ: Да, Македонија генерално водела добронамерна политика кон сите свои соседи. Она што недостигало биле повеќе проактивни политики, наместо политиките на реактивност или игнорирање на одредени отворени прашања. Сите треба да сме свесни дека за Македонија и во економијата, и во безбедноста, и во туризмот, и во демографијата, и во енергетиката, најважен е развојот на настаните во овие области кај непосредните соседи, бидејќи и негативните и позитивните нешта најбрзо ќе се пренесат кај нас или ќе имаат најголемо влијание на нашите состојби.

ПРЕС24: Ве прашувам, затоа што се има чувство дека сите овие години во надворешната политика на Македонија, кога се во прашање соседите, како да провејуваше она политичко мото на Киро Глигоров – подеднаква дистанца. Соседите треба да градат соработка, а не да се дистанциираат од себе?

МИЛОШОСКИ: Еквидистанцата со соседите на Претседателот Глигоров беше соодветно модифицирана со „еднаквата блискост„ промовирана од Претседателот Иванов. Но, за блискоста со соседите не се доволни само добри намери, туку и двојно повеќе конкретни, остварливи и долгорочни заеднички проекти. Отпочнувањето на преговорите со ЕУ би претставувало одлична прилика за влегување во оваа посакувана фаза на попродуктивни и доглорочно засновани односи со сите наши соседи.

ПРЕС24: Каде подобро се снајдовте, како Министер или сега како Пратеник?

МИЛОШОСКИ: Според моето искуство, да се биде министер е како да се биде пилот, а да се биде пратеник е како да се биде контролор на летање. И двете функции се многу важни и имаат свои допирни точки. Со голема чест и задоволство ги извршував моите министерски обврски како шеф на македонската дипломатија, а со истиот мотив денеска им служам како претставник на моите избирачи од Охрид, Кичево, Битола, Струга, Долнени, Крушево, Пласница, Вевчани и Демир Хисар во Собранието на Република Македонија.

- See more at: http://press24.mk/story/makedonija/intervju/intervju-so-miloshoski-bojko...

најчитано сега