Лекарите загрижени: Шумахер без рефлекс
Членовите на семејството и пријателите на Михаел Шумахер, кој од крајот на декември минатата година, се наоѓа во кома, разговараат со него како би ја подобриле неговата состојба, пренесува „Bild“.
Сепак неодамна докторите ги тестирале рефлексите на Шумахер, за прв пат откако започнал процесот на будење од кома, односно откако започна да се намалува анестетикот, меѓутоа Германецот за жал не реагирал на надворешните стимуланси како боцкање, притискање и слично, нешто што ги загрижи докторите.
Шефот на клиниката Асклепиос во Хамбург, д-р Ханц Петер Мецке, објаснил дека позитивно можат да делуваат зборовите кои најблиските му ги упатуваат на пациентот кој се наоѓа во кома.
„Гласовите на членовите на семејството имаат смирувачки ефект и на пациентот му даваат чувство на сигурност“, рекол д-р Мецке.
Покрај членовите на семејството, неколку пати Шумахер го посетиле неговиот поранешен шеф во ферари Рос Барун и претседателот на ФИА, Жан Тод.
„Bild“, пренесува дека во текот на неделата, јавниот обвинител кој ја води истрагата за несреќата на Шумахер во француските Алпи, Патрик Кванси, треба да го затвори случајот.
Шумахер се наоѓа во вештачка кома од 29.декември минатата година, откако на скијање се здоби со сериозни повреди на главата.
Седумкратниот шампион во Формула 1, повеќе од еден месец е хоспитализиран во Универзитетската болница во Гренобл.
10.02.2014 - 22:32
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа