На едното девојче му го ампутираа стапалото - страшни повреди од бомбата во Тетово
Тетовската полиција ги приведе Н.К. (46), неговиот син Н.К. (28) и малолетник кои се осомничени дека директно или индиректно се виновни за експлозијата во која беа повредени пет деца на возраст од 10 до 14 години. Од полицијата засега немаат прецизна информација како се нашла бомбата на улица, и дали се работи за рачна бомба "кашикара". Засега состојбата на двете тешко повредени девојчиња е непроменета и тие се под постојан надзор на лекарскиот тим.
- СВР Тетово во координација со Јавниот обвинител (ЈО) ги приведе и задржа 46-годишниот тетовец Н.К., а подоцна и 28-годишниот Н.К. негов син додека завчера претпладне беше повикан и 15-годишниот малолетник во присуство на родител. Лицата беа посочени од сведоци и се сомничат дека на посреден или непосреден начин биле инволвирани во активирањето на експлозивната направа на улица "29 Ноември" во Тетово каде пет лица од 10 до 14 години беа повредени. Факт е дека експлозивната направа била фрлена, но приведените меѓусебно си ја префрлаат вината. Се преземаат активности за целосно расветлување на случајот и ќе следат соодветни поднесоци со кои најверојатно ќе бидат опфатени трите лица, изјави Марјан Јосифовски, портпарол на тетовската полиција, пишува Вечер
Две девојчиња кои поради тежината на повредите беа пренесени на скопските клиники се уште се во тешка состојба. Едното е хоспитализирано на Детската хирургија каде завчеравечер, со хируршка интервенција му беше ампутирано стапалото. Второто повредено девојче е во Градската болница "8 Септември".
- Детето беше донесено во тежок хеморагичен шок поради загуба на крв од експлозијата со повреди на десното стапало и во регионот на десната пазува. Стапалото беше целосно разнесено, веројатно од нагазување на експлозивната направа и беше ампутирано додека шрапнел ја повредил главната артерија и вена од десната рака како и нервниот брахијален плексус. Направена е реконструкција на крвните садови и раката е во добра состојба, витална, топла и има крвоток. Пациентот се уште е во критична состојба и е приклучено на респиратор на интензивна нега, вели д-р Ристо Симеонов од Детската хирургија.
Останатите повредени, на кои им беше укажана лекарска помош во тетовската болница и беа пуштени на домашно лекување, заздравуваат и се во добра состојба.
Инцидентот се случи во неделата завчера на улицата 29 Ноември кога експлодираше бомба, најверојатно "кашикара" во близина на неколку дечиња кои играле на улицата. Изјавите на сведоците и родителите на децата за тоа како се нашла бомбата на улицата се контрадикторни
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа