ВМРО ДПМНЕ: Во времето на СДСМ високо образовните установи беа опустошени

ВМРО-ДПМНЕ во реакција на прес-конференцијата на Петар Атанасов од СДСМ оценува дека опозициската партија повторува исти мерки и оти нема кредибилитет да говори за образованието, особено за високото.

- Токму во времето на СДСМ високо образовните установи беа опустошени, наставно-научниот кадар под постојан политички притисок, а студентите беа социјално загрозена категорија. Категорија која, за жал, повторно ја манипулирате ветувајќи им вработување. Но, такво ветување дадовте и во 2002 година, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Истакнува дека денес високото образование има поинаква димензија, набројувајќи дека се отворени нови универзитети, факултети, дисперзирани студии и студиски програми достапни за секого, намалена е партиципацијата, набавени се 80 лаборатории во вредност од 1,6 милијарди денари, обезбедена е бесплатна современа светска литература..

- Студентите имаат многу можности за стипендирање во земјата и странство, дури и на најреномираните светски универзитети, обезбедена е реална, а не фиктивна практична настава, наставниот и научно-истражувачкиот кадар добива средства за научно-истражувачки проекти за што досега се исплатени 56 милиони денари, годишно се доделуваат научни субвенции во висина од 30.000 за објавен труд во списание со импакт фактор, достапни се 14 бази на податоци на ЕБСЦО кои вкупно опфаќаат околу 50.000 списанија, соопштува ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, само Програмата за научно-истражувачка дејност за 2014 година има буџет од 108 милиони денари, што е повеќе 4 годишна програма на Фондот за научно-истражувачка дејност кој спектакуларно го најавувате неколку пати.

25.02.2014 - 16:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега