Хрватска компанија гради фабрика во Дебар - нови 70 работни места
Првиот човек на Mинистерството за економија Ваљон Сарачини, придружуван од градоначалникот на Дебар, Ружди Љата, денеска беше во посета на фабриката што хрватската компанија „Мали Лошињ“ ја гради во близина на селото Гари.
- Досега работата на терен се изведува според планираната динамика. Инвестирани се околу 1,5 милиони евра, а тоа вклучува подготвителни работи, ископи, приклучок на трафостаница, како и поставување на темели за фабриката. Во моментот работат 15 работници со потребната механизација, изјави Сарачини.
Целокупниот инвестициски опфат, Хрватите ги чинеше околу 6 милиони евра. Фабриката треба да отвори 70 работни места.
- Очекуваме во мај годинава да се објави конкурс за вработување на 35, а во септември за дополнителни 35 работници. Тоа е факт кој многу радува бидејќи многу млади луѓе од дебарскиот регион ќе можат да ја планираат својата иднина во општина Дебар, оцени Сарачини.
Министерот посочи дека ваквата компанија која ќе има за функција да ја пакува водата, е еден од низата проекти кои се реализираат во дебарскиот регион, каде веќе се почнати проектите од областа на туризмот, енергетиката и инфраструктурата.
Според Сарачини, значајно е тоа што целокупното производство од фабриката ќе се пласира на странските пазари, со што директно ќе се подобри извозот на земјава и ќе се намали трговскиот дефицит.
Претставникот на хрватскиот инвеститор Дражен Балиќ истакна дека изградбата на фабриката ќе чини околу 2,5 милиони евра и таа ќе зафаќа површина од 3.700 метри квадратни. Планирана е изградба на производствен и магацински простор и управна зграда.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа