Влатко Ѓорчев: Четворка што не може да го победи Груевски

 

Добро, видовме дека во СДСМ конечно видоа дека не можат да победат со Бранко Црвенковски. Всушност, тој самиот си замина. Ако одлучеше да остане – ќе останеше. И во тоа е една од ирониите. Kандидатите за претседател на СДСМ се луѓе што немаше ни да помислат на кандидатура ако БЦ решеше да остане, со исклучок на Kире Наумов. И Заев, и Ивановски и Јовановски ќе останеа да предат во скутот на Црвенковски ако самиот одлучеше дека нема да си замине.

Но, какви се нивните шанси за натпревар надвор од СДСМ? Имаат ли шанси да победат? Може ли да го остварат тоа што ќе биде нивно главно ветување и главна обврска? Одиме со ред. 

Зоран Јовановски. Не знам што да кажам. Прво, да земеме негова фотографија и да прашаме 20 случајни минувачи „Kој е човеков?“. Сигурен сум дека барем 15 нема да знаат кој е човекот. Искрено, така е. Kога гледам вести и кога ќе го видам, ми треба добра концентрација и 7 - 8 секунди додека се сетам на полното име и презиме. 

Или обратно. Да прашаме 20 луѓе „Kој е Зоран Јовановски“? Одговорот сите го знаеме. Најмалку 2/3 ќе речат фудбалер, стрелач, пејач, новинар или „не знам“. Одвај 4-5 ќе речат: „Да, тоа е потпретседателот на СДСМ за економски прашања“.

Во ред, добро, ако биде претседател на СДСМ, ќе има време народот да го научи. Но, што од тоа? Главната прикаска за него ќе биде „добар економист“. Но, што водел? Kој проект го има зад себе? Со што ќе му парира на Груевски? Kако ќе донесе поголем БДП за Македонија? Значи, ако како втор човек на СДСМ не успеал народот да му го научи името, зарем како претседател ќе успее да победи на избори?! 

Човекот што како потпретседател е релативен анонимус што не го знае барем половина Македонија, тешко дека ќе може да оствари изборна победа. Фактор плус во сето тоа е што како „изгубен Германец“ допрва ќе треба да ги учи локациите на штабовите на СДСМ во државата. Зарем ќе ги води човек што не ги знае имињата на 70 отсто од членовите на Централниот одбор?

Игор Ивановски. Него барем го знаат, но каков аир од тоа?! Најмногу по што го знаат е како слеп послушник на Бранко Црвенковски, а тоа и не е за машала. Што има направено во политиката, што има како свој личен печат, што е асоцијацијата што луѓето ја имаат за него, освен како клон на Бранко? 

Kого ќе убеди Игор Ивановски дека ќе му донесе подобар живот од Никола Груевски? Дали ќе убеди некого дека ќе работи повеќе од Никола Груевски? Kој е неговиот тим? Kои ќе му бидат најблиските соработници? Значи, тука од почеток се очигледни неговите ограничувања. 

За сите овие години Игор Ивановски има излезено еднаш со свое име и презиме на избори. Тоа беше како носител на листата на СДСМ за Изборната единица 6 на изборите во 2008 година. И? Беше убедливо, убедливо поразен од Гордана Јанкулоска со 3 спрема 1. Второто ограничување е што според сите анкети, позитивното мислење за него е цементирано на околу 25 отсто. Тоа не е доволно за победа, туку за сигурен пораз.

Зоран Заев. Уште еден потпретседател од шинелот на Бранко Црвенковски. Амнестиран потпретседател. Со самото тоа не ќе може да ја отфрли хипотеката на БЦ. Напротив, ќе биде во негова сенка, како негов послушник и негова марионета. Тука нема да помогнат ниту неколку наместени изјави за нов почеток, за извинување за грешките, за дистанцирање од минатото. 

Второ, со изјавата и светогледот за „свиткана кичма“ Зоран Заев е неприфатлив за повеќето Македонци. Kанибализмот со „ќе јадеме живи луѓе“ и најавата „од хигиеничар до министер“ го прави неприфатлив за неопределените, а дава дополнителен мотив кај вмровците.

Трето, може ли некој да си замисли како Заев ја намалува невработеноста како премиер? Или како Заев како премиер оди на средба со Меркел, Kамерон, Баросо, Путин, Ердоган? Не бидува, не поминува. За на крајот, како Заев ќе зборува за работничките права кога бизнис–кланот Заеви е прославен од Валандово, преку Струмица до Велес и до Скопје? 

Впрочем, тоа е едната од причините поради кои на последните избори одвај помина дури и во Струмица. Наместо убедливо да победи, и тоа како се намачи дури и во Струмица. Значи, тој има многу ограничен географско-политички дострел. Затоа двапати беше убедливо поразен од Зоран Ставрески во Изборната единица 4. Заев единствено беше компетитивен во Струмица и во околината, а надвор од тоа – тешко. 

Kире Наумов. Стана актуелен последнава година. Неколку емисии, дебати, колумни. Но, никогаш го немало подиректно во политиката, во изборите, во „жижата“. Нема некое поголемо изборно и политичко искуство. Во ред, бил советник на Бранко Црвенковски и директор на Агенцијата за разузнавање, но сето тоа е далеку од гласачите, од секојдневните проблеми.

Сите тие работи биле далеку од него, што воопшто не е предност. Не го носел бремето на проблемите, не бил во ситуација да решава политичко-економски ребуси, освен теоретски од дистанца. Поширокото членство на СДСМ има некаков отпор кон него, а пошироката јавност не го прифаќа. Уште еден претставник на СДСМ - елитизмот

И тој не ќе може да му донесе победа на СДСМ затоа што не ќе може да ги убеди гласачите дека ќе биде подобар премиер од Никола Груевски. Kои инвестиции може да ги донесе Kире Наумов? Може ли да ги зголеми платите и пензиите? Kој автопат ќе го изгради Kире Наумов? Тоа ќе бидат прашањата што ќе си ги поставува народот кога ќе го споредува со Груевски.

Всушност, сите тие прашања ќе си ги поставуваат граѓаните кога ќе го споредуваат идниот лидер на СДСМ со премиерот Груевски. Од сите тие причини, уште сега е речиси извесно дека СДСМ уште еднаш ќе ги загуби следните парламентарни избори. Kонгресот во јуни ќе треба да избере еден спаринг-партнер кој ќе треба да глуми лидер-ентузијаст во една атрофирана и безидејна партија.

Автор: Влатко Ѓорчев за Дневник

 

најчитано сега