СДСМ негира дека Црвенковски му ја спасил кандидатурата на Пендаровски

СДСМ со писмена реакција до сите медиуми ги негира пишувањата на Денешен.мк кои беа преземени и од Пресс24 а во кои се тврдеше дека СДСМ бил пред голем раскол околу кандидатурата на Стево Пендаровски, криза  од која излезот го нашол екс лидерот Бранко Црвенковски. Партијата со навредливи и клеветнички квалификации за нашиот медиум бара да го објавиме нивниот демант и да се извиниме за пишувањата на друг медиум, нешто што не е предвидено со ниту еден закон. Согласно нашата политика на коректно и објективно известување, го објавуваме нивниот демант во целост.

„Провладините медиуми по налог на власта се обидуваат на најнизок начин, пласирајќи лаги и невистини, да го оцрнат изборот на Стево Пендаровски за претседателски кандидат.

 Текстот објавен на провладиниот портал „Денешен.мк“ со наслов „СДСМ избегна голем раскол“,  а превземен од „Прес24“ како и други провладини медиуми е целосна измислица.

Вистината е дека на состанокот на пратеничката група на СДСМ ЕДНОГЛАСНО е поддржана одлуката Стево Пендаровски да биде кандидат за претседател на Република Македонија.

Дополнително, во дискусијата, сите пратеници од СДСМ изразија поддршка и огромно задоволство за кандидатурата на Пендаровски, особено пратениците кои се наведени во лажниот текст на „Денешен.мк“.

Зад кандидатурата на Стево Пендаровски стојат потписите на сите пратеници на СДСМ како и пратениците од коалиционите партнери.

Власта не може да се помири со фактот што Конгресот на СДСМ помина во одлична, крајно позитивна атмосфера по спроведената демократска и транспарентна внатрепартиска постапка.

Само неколку дена откако ВМРО-ДПМНЕ направи пародија и театар од сопствената конвенција за избор на претседателски кандидат.

Власта не може да прифати дека СДСМ е партија која никогаш не превземала мерки за да ги контролира своите пратеници.

Токму ВМРО-ДПМНЕ е партијата што го измисли механизмот со меници за контрола на пратеници. За време од целиот мандат ВМРО-ДПМНЕ ги третираше своите пратеници како гласачка машина која треба да аминува се што ќе предложи владата на Никола Груевски без право на свое мислење.

СДСМ бара сите медиуми кои ја објавија или ја пренесоа дел од оваа невистинита информација на „Денешен.мк“  да го пренесат овој демант и да се извинат за изнесените невистини.

Во спротивно, СДСМ како партија, но и споменатите личности во невистинитиот текст, ќе ги искористат сите законски можности и нанесената штета за угледот и честа ќе биде предмет на судска постапка.“, стои во соопштението на СДСМ.

Инаку на Конгресот на СДСМ за кандидатурата на Стево Пендаровски гласаа сите 580 присутни делагати иако само неколку часа претходно партијата најавуваше дека на Конгресот ќе присуствуваат 735 делегати.

 

06.03.2014 - 14:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега