ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните да даваат идеи за програмата на партијата

ВМРО-ДПМНЕ започна со подготовка на изборна програма за настап на Парламентарните  избори 2014. Како и до сега, програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде реална и остварлива, ќе биде програма во која граѓаните ќе веруваат, истакна денеска вицепремиерот и  министер за финансии, Зоран Ставрески.

-Ние ветуваме она што можеме да го оствариме. Во тоа граѓаните и до сега се уверија. Токму во тоа се разликуваме. Покажавме дека кога нешто ќе биде ветено, истото може и мора да биде исполнето.Програмата на ВМРО-ДПМНЕ, како секгоаш, ќе има голем број на проекти од сите области на живеењето и за сите делови на Република Македонија, таа ќе биде со многу конкретни проекти и со прецизни рокови, обезбедени средства и динамика за нивна реализација, рече министерот на денешната прес-конференција. 

 

Во изработката на Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори 2014 година, информираше Ставрески, се вклучени голем број на еминентни личности, претставници на комисиите на Партијата и експертски тимови од сите области. 

Програмата, рече тој,  ќе биде реална и ќе ја рефлектира потребата на граѓаните во сите сектори, усогласена со можностите на државата. 

-Досегашното искуство покажа дека граѓаните нудат исклучително квалитетни предлози и проекти, затоа што најдобро знаат што е потребно за подобар живот. Ние им веруваме на граѓаните.И од досегашната пракса можеме да кажеме дека граѓаните давале одлични предлози. Само за пример, мерките за откуп на дворното место по 1 евро/м2 и мерката за либерализација на увозот на половни возила беа токму идеи кои до нас ги доставија граѓаните, рече министерот.

Затоа, ВМРО-ДПМНЕ повторно бара од граѓаните да се вклучат во креирањето на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, во изборната програма на сите граѓани на Македонија.

-Предлозите на граѓаните не остануваат само на хартија, ние сме посветени на нивното реализирање. Вашите идеи и нашиот збор даваат реални резултати низ цела Македонија. Оние предлози кои ќе бидат издржани  и за кои ќе се оцени дека има простор да се реализираат веднаш ќе станат составен дел од нашата програма, рече Ставрески.

ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, како и до сега нема да ветува работи кои нема да ги оствари. Имаа партии и политичари кои ќе го прават тоа, како што рече, ќе ветуваат чуда, брда и долини, ќе ветуваат неостварливи работи. Но ние, рече Ставрески, сме свесни дека токму заради искреноста и вербата во нашиот даден збор, заради посветеноста и остварувањето на ветеното, граѓаните ни ја даваат својата поддршка.

-Им благодариме на граѓаните за нивниот придонес до сега. До сега има реализирано огромен број на проекти и мерки, во многу области, а ние во тоа не би успеале без поддршката од граѓаните. Но има и доста пред нас. Ние сме подготвени да се справиме со преостанатите предизвици. Имаме сила, капацитет и знаење. Волјата на граѓаните ни ја дава силата, истакна Ставрески.

Во насока на мобилизација на сите креативни капацитети на македонското општество и нивно обединување во намерата за побрз и посилен развој, рече вицепремиерот, ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани кои имаат предлози, сугестии, проекти и размислувања за кои сметаат дека можат да бидат внесени во изборнaта програма на Партијата.

-Вашите предлози со внимание ќе бидат разгледани од експертскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ и кон нив ќе се пристапи со најголема сериозност. Ве повикуваме заеднички да дадеме придонес за подобра Македонија, рече Ставрески. 

-Нашиот збор вреди. Ние го даваме зборот дека следната прогама ќе биде одлична, темелна, со многу пријатни изненадувања, многу крупни проекти и сериозни реформи, со многу дела, прецизни рокови и прецизни средства, со храбри, квалитетни и конкретни чекори кои директно ќе помагаат на секој поединец, секое семејство, секој град, маало и секое населено место, потенцираше Ставрески.

Ние работи за вас, за секој наш граѓанин. Свесни сме за нашата одговорност.

Вашите идеи можете да ги доставите:

  • до седиштетео на ВМРО-ДПМНЕ на адреса Јуриј Гагарин број 15 или во седиштата на Општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ низ Република Македонија;
  • на e-mail адреса: [email protected];
  • на штандовите кои ќе бидат поставени на плоштадите во сите градови низ Македонија

 

 

 

 

08.03.2014 - 13:10
Фото: 
Нова Македонија

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега