Кредитната активност бележи раст над очекувањата
Ликвидноста на банките и во февруари годинава е на стабилно ниво. Кредитите бележат раст на месечно ниво и во секторот население и кај претпријатијата, а економијата се очекува да расте со сличен интензитет како и во последните месеци од 2013 година, е оценката на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.
Во услови на креирање ликвидни средства под влијание на автономните фактори, банките имаа зголемен интерес за пласирање на ликвидносните вишоци во краткорочни депозити кај Народната банка. Во такви околности, прометот на меѓубанкарскиот пазар на депозити беше релативно понизок од вообичаено, но со претежно учество на меѓубанкарските трансакции со подолга рочност од еден ден, стои во соопштението од НБРМ.
Остварената динамика на кредитната активност, како што посочуваат во соопштението, е поголема во однос на очекувањата од октомвриската проекција. Сепак, сметаат дека и понатаму постојат надолни ризици околу кредитниот раст до крајот на годината, кои се поврзуваат со согледувањата на банките за профилот на ризик на побарувачката, конзервативните стратегии на големите банкарски групации кои со своите банки-ќерки се присутни на домашниот пазар и натамошното подобрување на квалитетот на кредитното портфолио. Февруарските податоци упатуваат на поволни движења и кај депозитниот потенцијал на банките, којшто и натаму се зголемува, но засилено, на месечна основа. Растот е резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со најголем придонес на секторот „население“ (придонес од 80 отсто во месечната промена).
Во однос на оценката за економијата посочуваат во соопштението дека во голема мерка се заснова врз постојаните поволни движења кај клучните економски сектори, пред се кај градежниот и индустрискиот сектор. Оценките и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Новите податоци за инфлациските остварувања од почетокот на годината и понатаму упатуваат на пониски инфлациски притисоци. Трошоците на живот во февруари се намалија за 0,1 отсто на месечна основа, што доведе до дополнително забавување на годишната стапка на инфлација (0,6 отсто на годишна основа). Овие остварувања ги потврдуваат претходните оценки за претежно надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2014 година, проектирана на 2,3 проценти.
Имајќи ги предвид најновите макроекономски, финансиски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика е одлучено да се задржи тековната монетарна поставеност и на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот кој достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на ниво од 3,25 проценти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа