Нико Барберу: ЕВН на компаниите им понуди конкурентна цена и сигурно снабдување
„ЕВН снабдување“ досега склучи договори со 115 компании од над 200 што влегуваат во втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија и за сите нив обезбеди конкурентни цени и сигурно снабдување, вели Нико Берберу директор на „ЕВН снабдување“ за дневниот весник “Дневник“.
„ЕВН на групациско ниво многу долго се подготвуваше за овој процес и во поглед на подготовка на стручните кадри, но и во поглед на анализи на пазарот, структурата на компаниите и поставување системи што ќе овозможат беспрекорна понуда во секоја смисла.Тоа резултира со подготвен тим, кој има искуство и експертиза за работа на отворен пазар, бидејќи групацијата ЕВН веќе работи во Австрија и во Бугарија во такви услови. Анализите на пазарот ни овозможија да креираме понуди што се по мерка на компаниите и кои се вистински одговор на нивните потреби и специфики на потрошувачката“, потенцира Берберу.
Тој појасни дека, различните пакет услуги за компаниите вклучуваат испорака на енергија соодветно на нивните потреби.„Значи, нашата конкурентска предност на понудата што ја пласиравме на пазарот е покомплексна и нуди конкурентна цена на електричната енергија, стручен тим што нуди експертиза, консалтинг за рационализација на потрошувачката на електрична енергија и сигурно и стабилно снабдување. Тоа го препозна пазарот и ја одбра токму нашата понуда, бидејќи компаниите сакаат сигурен и доверлив партнер. Електричната енергија е продукт што мора да се испорача и потроши во реално време, па токму затоа сигурноста во снабдувањето е една од клучните компоненти. „ЕВН Снабдување“ ја оствари својата зацртана бизнис-цел да остане лидер на енергетскиот пазар за електрична енергија. „ЕВН Снабдување“ е лидер на пазарот, со околу 70 отсто од вкупната енергија, која ќе се продава на слободен пазар. Со нас склучија договор 115 компании од околу 200 што се опфатени со втората фаза на либерализација на пазарот. Од овие компании дел ќе добијат поевтина струја, а за дел таа ќе биде поскапа.“
На компаниите кои склучиле договори со „ЕВН снабдување“ Берберу им порача да не се грижат за балансирањето на потрошувачката, тоа ќе биде грижа на експертските тимови на ЕВН Снабдување. „Токму пристапот до сите европски берзи и пазари на електрична енергија, на ЕВН и дава можност на своите корисници да им ја олесни работата за планирањето на потрошувачката. ЕВН во Република Македонија веќе има две балансни групи. Едната, најголема во земјава, е на регулираниот пазар на електрична енергија, каде што ги снабдуваме тарифните потрошувачи, вклучувајќи ги над 700.000 домаќинства, и втората балансна група е либерализираниот пазар, каде што се вклучени „ЕВН Снабдување“ со 70 отсто од пазарот и „ЕВН Трејдинг“ за Југоисточна Европа. Во однос на формирањето на цената на електрична енергија, таа на слободен пазар зависи од многу фактори и може да оди нагоре или да паѓа. Инаку, за да биде појасно, во втората фаза на либерализација на пазарот на електрична енергија предмет на тргување се околу 600 гигават-часови, а околу 70 отсто од оваа енергија влегува во нашето портфолио.„
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа