Годинава нови странски инвестиции во општините каде досега не се инвестирало
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во интервју за МРТВ, најави нови инвестиции кои ќе овозможат неколку илјади нови вработувања во општини каде досега немало странски инвестиции.
- Имаме во најава неколку крупни инвестиции за оваа година, кои што ќе донесат уште неколку илјади нови работни места, и во оваа фаза, нормално, не може да се зборува за имиња, но може да се каже дека нашата цел е дел од тие инвестиции да завршат во градови, во општини каде што претходно немаме странски инвестиции, со цел и таму да имаме вработувања на поголем број луѓе, истакнува Ставрески.
Вицепремиерот додава и дека долгогодишните напори на Владата веќе резултираат со тоа Македонија да стане успешна приказна во делот на странските инвестиции.
Имаме присуство на повеќе глобални компании - светски компании, кои по втор, а некои и по третпат се одлучуваат да инвестираат во нови фабрики. Покрај нив и нивните добавувачи постепено решаваат да дојдат поради присуството на овие глобални имиња. Велат: штом „Џонсон Мети“ и „Џонсон Контролс“, „Кемет електроникс“ или „Дрекслер Мајер“ решиле да влезат Македонија и по вторпат некои решиле да инвестираат, тоа е потврда дека оваа земја има добра бизнис клима, дека Владата е сериозна и обезбедува транспарентност и добри услови за бизнис, ниски даноци, има квалитетна работна сила во земјата, добро се опремени слободните економски зони, инфраструктурно и сето тоа им влева сигурност на инвеститорите, истакнува Ставрески.
Министерот за финансии најавува дека годинава во постоечките фабрики ќе се вработат 6 илјади лица кои заедно со претходната бројка од шест и пол илјади ќе донесе бројка од 12,5 до 13 илјади вработувања во слободните зони, во индустриските зони.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа