Македонија доби 36,4 милиони евра од Светска банка

 

 

Одборот на извршни директори на Светската банка го одобри Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност во износ од 36,4 милиони евра за Република Македонија со цел да се зајакне конкурентноста на економијата на Република Македонија преку поддржување на инвестиции и надградба на технологијата во секторите индустрија, агробизнис и трговска логистика, и создавање услови за зголемување на флексибилноста на пазарот на трудот и капацитетот за иновации.

- Подобрувањето на конкурентноста и условите за развој на локалните компании е неопходно за Република Македонија да се стави на патеката на одржлив раст, да се создадат повеќе и подобри работни места, и да се промовира заеднички просперитет, вели Татјана Проскурјакова, директор на канцеларијата на Светска банка во Република Македонија.

Новите програми за поддршка на извозниците придонесуваат во насока на унапредување и надградување на индустриите со силен потенцијал за извоз. Во секторот агробизнис, промоцијата на програмата за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост ќе доведе до подобро користење на земјишните ресурси и влез на нови странски и домашни фирми на пазарот. Во областа на трговската логистика, сеопфатните подобрувања во однос на пристапот базиран на ризик на царинските контроли и техничките инспекции во согласност со најдобрите практики на ЕУ ќе ја подобри ефикасноста на контролите на трговијата со стоки.

Се воспоставува и „Фонд за иновации и технолошки развој“ за поттикнување на иновативноста на приватниот сектор преку дотации за кофинансирање, како и други финансиски инструменти.

- За подигнување на долгорочниот економски развој потребно е властите да се справат со структурните ограничувања во главните сектори на економијата, вели Џон Габриел Годард, виш економист во секторот на Светската банка за развој на финансискиот и приватниот сектор во регионот на Европа и централна Азија (ЕЦА) и лидер на проектниот тим. Според него идниот раст во извозно ориентираното производство ќе зависи од привлекувањето инвестиции во сегментите со високо ниво на додадена вредност и побрза интеграција во глобалните синџири на снабдување.  Реформите кои се спроведени во рамките на ДПЛ2 ќе придонесат за унапредување на оваа цел, а ќе овозможат и преструктуирање на секторот агробизнис, ќе ја подобрат ефикасноста на трговската логистика и ќе ја поттикнат флексибилноста на пазарот на трудот и капацитет за иновации.

Со оглед на претстојните претседателски и парламентарни избори во Република Македонија, со Владата е договорено договорот за заем да се потпише и средствата од заемот да се исплатат по завршувањето на изборниот процес во земјата.

14.03.2014 - 09:47
Фото: 
Лидер.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега